Крвава свадба во Ирак, најмалку 100 гости изгореле во пожар
Најмалку 100 луѓе загинаа, а 150 се повредени во пожар што избувна на свадба во северен Ирак.
Стотици луѓе беа на свадба во Ал-Хамданија во провинцијата Ниневија во северен Ирак кога доцна синоќа избувна пожар и го зафати местото каде што се одржуваше прославата. Причината за пожарот се уште не е утврдена, но првичните информации укажуваат дека пожарот настанал по палењето на огнометот.
Првичните извештаи на ирачките медиуми рекоа дека и невестата и младоженецот загинале во пожарот, но новинската агенција Нина подоцна објави дека тие преживеале.
Запаливите панели во просторот можеби го поттикнале пламенот, предизвикувајќи делови од таванот да се запалат и да паднат.
„Пожарот доведе до уривање на делови од салата поради употребата на многу запалив, евтин градежен материјал кој пропаѓа за неколку минути кога избувнува пожарот“, соопшти ирачката управа за цивилна одбрана, а пренесе државната новинска агенција. Десетици пожарникари се бореа со огнот.
Во главната болница во Хамданија, која се наоѓа источно од регионалниот главен град Мосул, десетици луѓе дојдоа да даруваат крв за да им помогнат на повредените.
Ирачкиот премиер на Твитер објави порака до властите „да ги мобилизираат сите напори и да им пружат помош на повредените“.