Крузерите добија забрана за приближување до центарот на Венеција
Италијанската Влада соопшти дека привремено ќе ги пренасочува големите патнички бродови кон индустриското пристаниште Маргера и веќе нема да им дозволува да се приближуваат до центарот на Венеција.
Министрите за животна средина, култура, туризам и инфраструктура се одлучија на овој чекор „за да го заштитат историското и културното наследство што не ѝ припаѓа само на Италија, туку и на светот“, се вели во заедничкото соопштение.
Четворицата министри за време на видео-врската, исто така, повикаа на идеи за тоа како да се закотват тие бродови надвор од венециската лагуна и како „на структуриран начин да се реши прашањето за големите транзитни бродови“ во Венеција? Крузерите со години се извор на расправи во градот на повеќе острови.
Критичарите велат дека туристичките „чудовишта“ се непријатни за око, претставуваат закана за животната средина и придонесуваат за „туристички толпи“. Бранителите на идејата пак, истакнуваат дека таа индустрија создава работни места за градот.