Крушево, Маврово и Шара први за активен туризам


Проектот опфаќа изградба на излетнички точки, набљудувачници, обновување на планинарски патеки, набавка на возила за фото-сафари и други содржини

Крушево, Маврово и регионот околу Шар Планина се примарните дестинации на кои ќе се развива авантуристички туризам од типот на екотуризам, набљудување на птици, џип-сафари, искачување по карпи, параглајдинг. Веднаш зад нив се Демир Капија, Смоларските Водопади, Пониква, Беласица и Прилеп. Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, за развивање на активниот туризам во земјава соработува со швајцарската програма ИМЕ2, имплементирана од американската групација „Паладиум“.

„Соработката со програмата ИМЕ2 се предвидува да ги опфати и сите форми на промоција на овој тип активен туризам, а тоа подразбира и учество на саеми специјализирани за активности, употреба на маркетинг-алатки, како и заедничко креирање на програмите за информативните патувања низ земјава на странските медиуми и тур-оператори. Македонија работи на искористување на потенцијалот и зголемување на конкурентноста на глобално ниво, целејќи кон една група туристи кои според истражувањата се платежно најспособни“, соопшти Агенцијата за туризам.

На вчерашниот состанок биле мапирани потенцијалните точки и региони кои нудат можност за развој на авантуристичките форми на туризам и било разговарано за нивна одржливост. Тоа значи продолжување на работата во насока на развој на индустријата која се смета за водечка индустрија на глобално ниво која генерира 10% од БДП на светско ниво и 227 милиони работни места. Предвидувањата се дека во наредниот период движењето на странските туристи кои се заинтересирани за авантуристичките форми на туризам ќе достигне 1.14 милијарди, што претставува 46 проценти од вкупниот број патувања, афектирајќи ги растот и можностите за патување од развиените земји во земјите во развој.