„Рекет“ е широк и во него с(м)е сите


Фото: Б. Грданоски

АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА

Како што откривањето на скандалот „Рекет“ ја искомпромитира постапката за случајот „Империја, така протекувањето на исказот на бизнисменот Орце Камчев ја компромитира истрагата за предметот во кој меѓу осомничените и притворените се најде и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, а за кој има укажувања и за можна поврзаност на функционери од политичкиот врв. Камчев е првоосомничен во „Империја“ на СЈО, како што Јанева стана третоосомничена во „Рекет“ на Основното обвинителство за организиран криминал и корупција. „Империја“ е моментно на стенд-бај, на што, очигледно, не влијаеше само начелното (и дискутабилно) правно мислење на Врховниот суд дека е незаконско сè што СЈО преземало или би преземало по 30 јуни 2017 година, туку и тоа што првоосомничениот стана сведок во друг случај, овој пат на редовното обвинителство. Оние, пак, што го осомничија за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување… сега се или осомничени или се под сомнение на јавноста за злоупотреба на службената положба и овластување…

Но маѓепсаниот круг, во кој се преплетуваат разни политички, правни и бизнис-интереси, преку повеќе моќни и влијателни ликови од овие сфери кои директно или индиректно се поврзани со двата случаи, не завршува тука! Како што некому му одговараше да се заташка „Империја“, а со тоа и други случаи што СЈО ги отвори или подигна обвиненија за нив на залезот на славата, така некому му одговара да се замрсат конците и за предметот што речиси два месеца предизвикува силни потреси во политичката арена, ама и во сферата на правосудството. И со тоа да се наруши кредибилитетот што само што почна да си го враќа назад редовното јавно обвинителство, поради чија некадарност, пристрасност или непрофесионалност (кој како гледа на работите) во едни не толку далечни времиња и беше формирано СЈО.

Сега, откако „монетата“ се сврте на другата страна и институцијата специјален јавен обвинител е делегитимирана, секако дека некому му одговара да се искористи моментот така што ќе се нагризе повторно кредибилитетот и интегритетот на повеќе институции во државата, а првенствено на Обвинителството за организиран криминал во чии рамки треба(ше) да се интегрира тимот на Јанева. И тоа заедно со сите материјали и собрани докази од снимките од масовното нелегално прислушување во периодот од 2008 до 2015 година и со надлежност да продолжи да постапува по предметите што произлегоа од него. И наместо Вилма Русковска сега да се занимава со истрагата за „Рекет“, за која демек сите се поборници да се забрза и работите да почнат да излегуваат на чистина, во Обвинителството за организиран криминал треба да се троши дополнително енергија за некаква си нова истрага за тоа од каде течат доверливи материјали од искази на странки во предметот „Рекет“.

А Камчев, всушност, е само една од странките во овој случај, како сведок или оштетен сеедно, со оглед на тоа што формално тој ја поднел кривичната пријава за изнуда. Познатиот и контроверзен бизнисмен исто така е само една од странките и во случајот „Империја“. И во двата случаи тој, секако, не е единствениот што давал исказ во Обвинителството за организиран криминал и во СЈО. Барем за „Рекет“ јавноста е цело време информирана за тоа кој се влегува и излегува од новата зграда на Јавното обвинителство…

Според тоа, не е тешко да се претпостави што би се случило ако сите тие искази што се сè уште во истрага протечат во јавноста… Особено поради тоа што јавноста не е таа што треба и може да донесе пресуда. Посебно не во овие моменти и во овие околности кога исказите на другите сведоци или осомничени не се познати и може само да се нагаѓа дали и до која мерка се совпаѓаат со исказот на пријавувачот. И во ситуација кога, всушност, е обелоденета само една страница од само еден од исказите во постапката која, пак, според приложеното, била отворена уште пред речиси четири месеци, што исто така зборува за „брзината“ со која се одвива истрагата. Друга работа е тоа што судот, како институција која на крајот треба да пресуди кој, колку и за што точно е виновен и одговорен, исто така се инкриминира со дел од исказот што излезе во јавноста или поточно со толкувањата што произлегоа од него…

Сите овие детали всушност го создаваат мозаикот за „Рекет“ како мошне комплексен и тежок случај за чие расчистување не смее да се дозволат никакви импровизации и пропусти од калибарот на „случајно“ протечените докази. Затоа што во овој случај подарениот мебел на специјалната јавна обвинителка е пикантна ама во суштина не толку значајна работа, во споредба со тоа што скандалот веќе го урна целосно легитимитетот на некогаш славното и прочуено СЈО, чиј опстанок сега е доведен во прашање.

Истиот случај сега се заканува да почне да го нагризува и кредибилитетот на редовното обвинителство, но и на други клучни институции, како судот или владата, а со тоа да ги доведе во прашање и сите големи реформи што, барем нормативно – преку законски интервенции, се преземаа во изминатите две години во сферата на правосудството, а кои ѝ овозможија на земјава враќање на евроатлантскиот колосек. Затоа што, после сè што слушнавме, видовме и дознавме за и околу „Рекет“, со право се наметнува прашање дали и колку сите тие закони придонесоа за реална реформа во сферата која беше меѓу првите што беа на „тапет“ во времето кога од „Бихаќска“ одекнуваа бомби, а тимот на Рајнхард Прибе ги скенираше крупните дупки и недостатоци во македонските институции. Неколку години подоцна случајот со Боки 13, Кичеец и Катица се појави како сигнал дека тркалото се врти и дека може да ја врати земјата во почетната состојба, пред формирањето на СЈО. Затоа што секој нов ден од избувнувањето на скандалот одново покажува дека кругот за „Рекет“ не е мал, како што своевремено се пееше во култната песна на „К-15“, туку дека е широк и во него сме или поточно се сите. Секако, секој на свој начин и со свој одговорност – кривична, политичка или морална.