Кризниот штаб на Куманово и натаму бара целосен карантин
Општинскиот кризен штаб на Куманово побара од Владата, Министерството за здравство, Комисијата за заразни болести, Институтот за јавно здравје да подготват листа на позитивни и негативни тестови до 17-ти април и да го информираат штабот во рок од 24 часа.
Во објавата е наведено дека се бара резултатите од тестовите да се доставуваат до Центарот за јавно здравје, помеѓу 24 и 48 часа од моментот на земање брисеви, со што се наведува ќе се добие реална епидемиолошка слика. Повторно, од Владата, штабот бара да ја издвои општина Куманово со дополнителна изолација.
Членовите на штабот кои се информирани за позитивен резултат на Ковид 19 како и командантот на штабот од страна на ЦЈЗ Куманово ќе останат во самоизолација и својата штапска позиција ќе ја вршат онлајн и со помош на комуникациските врски. Дополнително останатите членови на штабот ќе добијат препораки и задолженија од епидемиолошката служба за евентуална самоизолација врз база на епидемиолошките анкети кои се во тек- се наведува во објавата.