Кривични за двајца поранешни директори на „Еуроникел индустри“, намерно ја однеле компанијата во стечај

Финансиската полиција поднесе кривични пријави против двајца поранешни директори на „Еуроникел индустри“ (порано познато како ФЕНИ) во Кавадарци.
Според пријавата, директорите преку намерно предизвикување стечај предизвикале штета од 1,67 милијарди денари (27 милиони евра), од кои речиси 99 милиони денари штета за Буџетот на Македонија.
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство – Кавадарци поднесе кривична пријава против лицата Г.К. и А.Ц., поради основано сомнение дека извршиле кривични дела Намерно предизвикување на стечај (член 254 став 1 од Кривичниот законик) и Оштетување или повластување на доверители (член 257 став 3 во врска со став 1 од КЗ).
Според собраните докази, првопријавениот Г.К. како управител на „Еуроникел индустри“ ДОО Кавадарци, во периодот од 21.01.2019 до 05.05.2023 година, и второпријавениот А.Ц. во својство на управител, во периодот од 21.01.2019 до 14.10.2022 година, на 02.12.2021 година склучиле договори со компанијата „Арров Металс Енд Трејдинг АГ“ – Швајцарија, со кои го довеле друштвото во исклучително неповолна положба. Договорите предвидувале обврска „Еуроникел индустри“ да ја купува никеловата руда по берзанска цена, а да го продава готовиот производ – фероникел, по цена најмалку 30 проценти пониска од берзанската, со што практично целокупната добивка се пренесувала кон странската компанија.
Дополнително, пријавените без преземање мерки за наплата на побарувањата, му овозможиле на „Арров Металс Енд Трејдинг АГ“ да се презадолжи, при што до крајот на 2022 година долгот достигнал 1,96 милијарди денари. Поради тоа, „Еуроникел индустри“ бил доведен во неликвидна состојба и била отворена стечајна постапка.
Свесното пропуштање да се заштити имотот на компанијата дополнително му овозможило на странскиот партнер засметување на пенали во вредност од 1,25 милијарди денари.
Со ваквите дејствија, според наодите на Управата за финансиска полиција, пријавените намерно предизвикале стечај на „Еуроникел индустри“ ДОО Кавадарци и предизвикале вкупна штета од 1,669 милијарди денари, од кои 98,9 милиони денари штета за Буџетот на Македонија.