Криптовалутата на „Фејсбук“ има ново име: „Дием“ наместо „Либра“


„Дием“ наместо „Либра“, криптовалутата која ја поддржува „Фејсбук“ има ново име за да ја нагласи својата независност од американската компанија.

Преименувањето е дел од реорганизација во поедноставна структура, рече во вторникот извршниот директор на Diem Association, со седиште во Женева, Стјуарт Леви, јави Ројтерс.

Дием, што на латински значи ден, треба да стане дигитална паричка поврзана со доларот. Леви не посочи кога ќе биде промовирана. Прво, мора да се добие одобрение од швајцарските надзорни органи. „Фејсбук“ сè уште е „важен член на здружението“ кое брои 27 члена, рече Леви, пренесува Индикатор.ба.

Промената на името има за цел да се нагласи дека здружението „Дием“ „дејствува самостојно и независно“, додаде тој.

„Дием“ се обидува да се разликува од другите даватели на крипто-услуги преку решавање на прашања важни за регулаторите и западните влади – вклучувајќи контрола на прекршоците и финансискиот криминал, рече Леви.

Со своите планови за сопствена дигитална валута, „Фејсбук“ ги повика владите, супервизорите и централните банки ширум светот да преземат нешто. Во април, здружението „Либра“ во Швајцарија аплицираше за одобрување како платежно средство. Сепак, многу влади имаат резерви да дозволат „Фејсбук“ да навлезе во финансискиот сектор со дигитална валута. Поради напредокот на криптовалутите, Европската централна банка (ЕЦБ) сега размислува да создаде „дигитално евро“.