Кралското семејство се собра за Божик во Сандрингем – никој не го спомна Хари


Кралот Чарлс и кралицата Камила пристигнаа на божиќната утринска миса во црквата Света Марија Магдалена во Сандрингем, каде традиционално ги поминуваат празниците. По мисата имаше ручек и семејно дружење, каде беше присутно речиси целото семејство – но и овој Божиќ  ќе помине без принцот Хари и Меган Маркл и нивните деца – принцот Арчи и принцезата Лилибет, кои овој празник ќе го прослават во Калифорнија, откако се вратија од одмор во Костарика.


Заедно со Чарлс и Камила, принцот и принцезата од Велс пристигнаа на божиќната миса со нивните деца – принцот Џорџ, принцезата Шарлот и принцот Луис, а на семејството му се придружи и мало девојче кое го држеше Луис за рака сè до црквата. Станува збор за Миа Тиндал, ќерката на братучетката на Вилијам Зара Тиндал, која е ќерка на принцезата Ана.

Пристигна и помладата сестра на кралот Чарлс, придружувана од нејзиниот сопруг Сер Тимоти Лоренс, а божиќната прослава не ја пропуштија ниту војводата и војвотката од Единбург – најмладиот брат на кралот Едвард и неговата сопруга Софи.

За прв пат после долго време омразениот принц Ендру пристигна во друштво на поранешната сопруга Сара Фергусон, војвотката од Јорк, која три децении не присуствуваше на оваа миса, а со нив беа и нивните ќерки – принцезата Беатрис со нејзиниот сопруг Едоардо Мапели Моци и принцезата Јуџини со нејзиниот сопруг Џек Бруксбанк. Ова ќе биде посебен Божиќ и бидејќи семејството на кралицата Камила е покането на мисата – се очекува да пристигнат и нејзините деца и внуци.

Сандрингем беше омиленото место на покојната кралица Елизабета Втора во декември, па таа го угостуваше своето семејство таму секој Божиќ од 1998 година.