КПД: Изборна кампања


ИЛО ТРАЈКОВСКИ

КПД овде стои како кратенка за кандидати, пратеници и демос. Трите збора ја опишуваат изборната кампања. Пратениците, истакнати напред, зад нив политичките партии, а уште поназад, демосот (граѓаните или народот, кој како што милува). Партиите посредуваат меѓу кандидатите и граѓаните. Токму тој знак ми се појави како најсоодветен за означување на специфичноста на изборната кампања како општествен процес.

Има логика, си велам. Изборната кампања е резултанта од заемните дејствија помеѓу овие три. Се разбира, трите меѓусебно комуницираат во одредена средина, користејќи одредени средства за комуникација. Средината во која се одвива изборната кампања е медиумски посредувана и конструирана реалност. Медиумите, стари и нови, ја создаваат политичко-информациската средина во која се одвиваше изборната кампања. Таа средина, до пред извесно време, изгледаше нормално. Дури некои ја оценија како здодевна, монотона. Јас велев дека е цивилизирана и пристојна.

На почетокот од „првото полувреме“ на предизборната трка, кандидатите успеваа да ја контролираат ситуацијата. Меѓу себе се однесуваа главно „академски“, како што им доликува на нивниот професионален профил и статус. Се чинеше како тројцата меѓу себе да водат дијалог околу најдобрите и најсоодветните политики за доброто на земјата. По првиот дуел имавме впечаток како нацијата да ги делегирала тројцата на јавна сцена за преку нив гласно да си позборува сама со себеси (Артур Милер), да ги преиспита своите алтернативи.

Но, како што се доближувавме до денот Д, котелот почна да клокоти. Деновиве, пред крајот на полувремето се чини дека академизмот изгуби здив. Најпрво попушти кандидатот Пендаровски, потоа кандидатката Силјановска-Давкова. Река некако го држеше академското сидро. На сцена стапуваат другите професионални и животни искуства на кандидатите. Да се потсетиме. Тројцата, покрај академскиот статус, во некој дел од својот живот носеле и политичка капа. Река беше амбасадор предложен од ДУИ, Силјановска-Давкова министер во влада на СДСМ, а Пендаровски советник на двајца претседатели, кандидат за претседател на СДСМ на претходните избори и потоа, национален координатор за НАТО во владата на СДСМ. Ниедна од тие позиции не се добива врз основа на академски постигнувања и без амин од политичка партија на власт. Значи, сите ја искусиле дарежливоста на некоја владејачка  партија.

Деновиве тие ја искусуваа жедта на своите партиски структури за одржување на претседателската власт или за нејзино освојување. Затоа, изборната кампања деновиве излегува од дијалошката форма. Заврши квизот, почнува гладијаторската битка. Во арената во одбрана на своите борци, на сцената срипуваат партите со сите нивни арсенали и заднински структури. Врели меури од замешаната политичко-информациска каша прскаат на сите страни. Кај некои од кандидатите се забележуваат и изгореници од помал или поголем степен.

Токму поради овие асоцијации кратенката КПД ми се стори соодветен клуч за отворање на темата за актуелните трендови на изборната кампања. Сепак, насловот го ставив врз белината на мониторот и ми се појави една вознемирувачка асоцијација! Изборната кампања, затвор?! Кој е затвореник, а кој притворач? Имено, КПД кај нас се користи како кратенка за Казнено-поправен дом. Тоа, пак, е формално-правен израз за затвор! Оттука и дилемата! Што има идејата за затворот со изборната кампања?!

Не сум доволно упатен во науката за начинот на кој функционира човечкиот мозок. Но, убеден сум дека многу од она што го нарекуваме мислење се случува асоцијативно. Мислењето е, всушност, работа на асоцијации. Според познавачите на оваа тема, креативноста и интелигенцијата во суштина се асоцијативно мислење. А пак „асоцијативноста“ значи поврзување, воспоставување врски помеѓу различни нешта. На пример, помеѓу бои, идеи, предмети, лица. Колку што понеочигледна и потешко разбирлива е воспоставената врска, толку поинтелигентно, покреативно, поневеројатно и почудно е решението. Некогаш и вознемирувачко. Клучно е опредметувањето, понадворувањето на воспоставените врски. Тоа, пак, може да се прави на повеќе начини. Со именување на тие врски, со нивно материјализирање во боја, фигура, модел или слично. Овде јас тоа го правам со збор, со кратенката КПД.

Со неа моите размисли за најновите случувања во изборната кампања спонтано и без намера ми се поврзаа со идејата за затворот. Откако ја добив таа асоцијација, ми преостана обврската кон моето мислило да се обидам да ја осознам таа врска. Што е тоа што ги поврзува двете навидум сосема различни и неповрзани нешта (затворот и изборите)? Се надевам дека решението до кое дојдов не го разочарува здравиот разум.

Тоа што ги поврзува тековната изборна кампања и идејата за затворот е нивниот тотален карактер. Со стапувањето на предизборната сцена на политичките партии, трката стана борба на живот или смрт (во политичка смисла на зборот). Нашите политички партии, особено доминантните, во изминативе три децении се профилираа како тотални институции.

Според Ерик Гофман, специфично за ваквите институции е тоа што тие ги прекинуваат бариерите кои вообичаено постојат помеѓу различните сфери на животот на луѓето во модерните општества. Со модернизацијата луѓето почнуваат да работат, да спијат и да се забавуваат на различни места, во различни институции, под авторитетот на различни власти. Семејството ги губи економските функции и нив ги презема фирмата, а воспитно-образовните ги преземаат специјализирани институции (јавни или приватни). Сето тоа заедно станува граѓанска, приватна сфера која застанува против државата во која се одвива политиката. Тоталните институции, обратно, повторно ги прекинуваат овие бариери на модерноста. Примери за тоа се затворите, интернатите, болниците, манастирите, касарните и други.

Различно од овие примери, политичките партии во либерално-демократските општества се парцијални институции – се формираат за политички, а не за економски или други приватно-лукративни цели. Но, историјата направила исклучоци. Најпрво со тоталитарната партија на Мусолини. Потоа има и други многубројни примери во кои политичките партии прераснуваат во тотални институции. Тие стануваат институции во кои членовите задоволуваат многу различни потреби. Од чисто политички прераснуваат во институции во кои се задоволуваат економски, општествени, рекреативни и други потреби. Во екстремни случаи, тие го регулираат и брачниот пазар на своите членови.

Во конкретниот случај на изборната кампања, прекинувањето на бариерите се препознава во напуштањето на дијалошкиот формат на политичкиот натпревар. Кандидатите веќе не дејствуваат како кандидати за претседател, туку за лидер на некое тотално движење кое има за цел да го затвори кругот на власта.