Ковид-19 успеа онаму каде што Маркс и Ленин не успеaја
Опасниот вирус ја внесе улогата на државата на голема врата. И Доналд Трамп, најголемиот противник на државното мешање во пазарното стопанство ја повика државата на помош
НАНО РУЖИН
Една од основните разлики помеѓу идеологиите на левицата и десницата, иако ова не важи кај нас, се однесуваат на прашањето на национализацијата и приватизацијата, односно етатизацијата и деетатизацијата на добрата. Во целиот посткомунистички свет по 1989, вклучувајки ја и Северна Македонија, транзицијата кон либералното стопанство беше фокализирана врз денационализацијата и трансформација на државната (општествената) сопственост, односно враќањето на имотот на граѓаните. Етатизмот излезе од секојдневниот речник, исто како и марксистичко-ленинистичките тези за социјалистичката држава. Едноставно, со паѓањето на комунизмот беше поразена и социјалистичката идеја за државата. Во татковината на американскиот сон, улогата на државата беше уште поминимализирана. Во осумдесетите, тогашниот американски председател Роналд Реган изјави: „Во оваа криза, државата не е солуција за нашите проблеми! Државата е повеќе проблем отколку решение“.
Четириесет години подоцна, Доналд Трамп, најголемиот противник на државното мешање во пазарното стопанство и еден од најдесничарските непријатели на американското издание на левичарските идеи на Барак Обама или Берни Сандерс, соочен со пандемијата на Ковид-19 ја повика државата на помош. Дали онаму каде не што успеaја класиците на марксизмот, успеа вирусот, кој ги натера и најконзервативните лидери да ја повикуваат државата на помош во војната против пандемијата. Деновиве Трамп го потпиша законот за пакет економски мерки во висина од две илјади милијарди долари за намалување на последиците од корона вирусот. Тоа е досега најголема државна помош во историјата на САД. Трамп не ја повтори грешката на републиканскиот председател Хeрберт Хувер од епохата на Големата депресија во САД (1929-1933). Хувер бил голем противник на државниот интервенционизам во стопанството и заговорник на Смитовиот принцип „laissez-passez; laissez-faire“. Тој верувал дека приватниот сектор бил во кондиција за да ја изведе државата од големата криза. Потезите на Трамп сега се поблиски до оние на демократот Франклин Рузвелт (1933-1945), кој преку политиката на Њу дил делумно го стабилизира американскиот пазар и берза. Оваа концепција се потпираше врз масивната интервенција на државата во економијата, контрола на банкарскиот систем, политика на големи јавни работи и тн. На тој начин Рузвелт успеа да ја поврати довербата на Американците.
Што направи денес Ковид-19 со либералната демократија, инаку големиот победник на Студената војна, според Фукујама? Во епохата на дивиот либерализам долго време владееше моделот на Адам Смит и неговата теорија на „невидливата рака“ како атоматски регулатор на сите аномалии на капиталистичкиот пазар. По Големата депресије од триесетите, неолибералите на чело со Кејнз, зачестено ќе ја повикуваат државната интервенција да помогне во социјалниот домен. Точно е дека современата социјална заштита, индиректното мешање на државата во економијата, беше родена во најкапиталистичките системи на Европа, во Германија на Бизмарк (1882) и Велика Британија на Лорд Бевериџ (1945), независно што и Маркс и Енгелс, и особено Ленин, ги развија теориите за државата.
Целата левичарска идеологија, до оние најекстремните како анархистите, беа против класичната држава, која требаше да се смени со „поинаква и поправедна социјалистичка држава“. Следејќи ја Марксовата мисла изложена во „Комунистичкиот манифест“, Ленин тврди дека „државата е комитет за решавање на прашања кои се одесуваат на целата владејачка класа“. Меѓутоа, според Маркс, „Париската комуна од 1871 ја уништија тие што владееа со неа – комунарите.Тие државата ја заменија со авторитарен тип на организација и структури“. Затоа е разбирлив револтот против државата на бројни интелектуалци. „…да се биде владеен, тоа значи де се биде постојано шпиониран, инспектиран, диригиран, набљудуван, нотиран, патентиран, авторизиран, регистриран, запечатен…во името на јавниот интерес и општата корист… ете тоа е власта, тоа е нејзиниот морал… тоа е државата“, пишува анархистот Прудон. Контурите на новата работничка „праведна држава“ ги постави Карл Маркс кој го воведе поимот „диктатура на работничката класа“. Слично на Маркс, и Ленин во својата „Држава и револуција“, состојбата на „диктатурата на пролетеријатот“ ја опишува како една привремена епизода. „Државата ќе одумре, бидејки е производ на непомирливите класни противречности“. Меѓутоа со доаѓањето на Сталин на чело на Советскиот Сојуз, тој „антихрист на бирократијата“, како што го нарекувал Моше Левин, диктатурата на пролетеријатот ќе се претвори во диктатура врз самиот пролетеријат. Сталин ја развива и визијата за „централизираната држава, сведена на една мала група најверни соработници“. Во Советскиот Сојуз и сателитите, сосема исчезна приватната сопственост. Државата се претвори во основен економски, политички, социјален, полициски и репресивен апарат.
Во Западна Европа, економијата на јавниот сектор елаборирана во делата на Штиглиц, Бејли или Холкомб става нагласок на микроекономските ефекти на државниот интервенционизам. Слично размислува и Никос Пуланзас, најголемиот марксистички теоретичар за државата по Грамши. Од Сириза во Грција, преку Подемос во Шпанија до лабуристите во В. Британија, државата се поима како алатка за радикални промени и благосостојба на народот. Според толкувањата на социјалдемократите, држава го афирмира реформистичкиот социјализам, кој овозможува да се коригираат „капиталистичките неправди“ со постепена ненасилна трансформација на општството.
Државата на „благосостојба“во Европа наметна три големи функции на јавниот сектор: алокациска функција, функцијата на расподелбата и стабилизаторската функција. Во денешната здравствена и економската криза, место за естетика и поетика нема. Во војната со Ковид-19 се покажа дека единствено, вечно критикуваната држава, може да се соочи со овој проблем. Јавниот сектор влегува на голема врата и го враќа својот изгубен легитимитет и значење. Корона вирусот не го враќа социјализмот, но ги актуелизира тезите на заговорениците на „силната држава“ ширум Европа и пошироко. Во Велика Британија, супер-конзервативецот Борис Џонсон решава да ја национализира железницата. Насекаде државата избива во преден план, а останатите остануваат во заднина. Државата е во состојба да се задолжува бидејки има „длабок џеб“.
Корона вирусот му помогна на Маркс да воскресне од мртвите по неговото кремирање во 1989 година. Западот лае како питомо куче од хартија. Тој е во нокдаун пред азиските тигри и кинеската државна ефикасност во битката со Ковид-19. Лулката на демократијата, нашата добра стара Европа, станува сѐ позависна од Азија. Дури културата на превенција на Азијците е поуспешна од онаа на Европејците и Американците.
Во расправите околу превенцијата од корона вирусот се судрија две концепции: европската за неносење маски и азиската за задолжително носење маски. Засега Азија поуспешно се бори со вирусот, иако е погусто населена и со понизок животен стандард. Во Кина државата ја водеше војната со многу построги критериуми. Во Италија, Шпанија и САД лидерите задоцнија со превенцијата, иако имаа доволно време на располагање. Во Тајван, Сингапур и Јужна Кореја, државниот апарат, сомнителните случаи и оние што задолжително треба да се во карантин, ги следат со дигитална техника преку мобилните телефони исто како што се следат затворениците.
Без амбиции да се прават обиди за извесен проселитизам, оправдана е дилемата околу анализата на последиците на актуелната криза? Според Жак Атали, производството во Европа ќе се намали за 20 отсто во однос на 2019 година. Во такви услови Атали препорачува Европа да воспостави „воено стопанство“. Тоа значи стопанство во кое ќе се здружат вештачката интелигенција и индустријата на здраството, здраствените услуги, фармацевтската индустрија, за добро на граѓаните. Светот ќе треба да се преориентира. Голем број фондови и комапнии ќе исчезнат, а можна е и појавата на инфлацијата. За луѓето позначајна ќе биде безбедноста отколу слободата. Кому му е гајле што мисли левицата или десницата. Важно е да се преживее. Улогата на државата уште повеќе ќе зајакне, а со тоа и можниот пораст на државниот авторитаризам.
Во заднината на Ковид-19 и натаму ќе се одвива тихиот геополитички ривалитет меѓу големите сили. Така, на пример, доколку Африка биде масивно зафатена од Ковид-19, кинескиот продор ќе биде олеснат, убедува Жак Атали, инаку економски експерт и поранешен министер во Владата на Митеран. Затоа што побргу се пронајде лекот против пандемијата, толку побргу човештвото ќе излезе од економската криза, иако последиците ќе се долгорочни.
(Нано Ружин е универзитетски професор)