Ковид-19: Дали Кина крие нешто?


НАНО РУЖИН

Кина се труди максимално пропагандистички да ја смени приказната за себе по избувнувањето на епидемијата во Вухан. Но, како што минува времето, во остатокот на светот се поставуваат сѐ повеќе прашања околу начинот на кој се појави вирусот и справувањето на Кина со него

 

Изминаа три месеци откако светот ја доживеа ерупцијата на корона вирусот која тргна од кинескиот град Вухан и ја прошара целата планета. Пандемијата ја погоди Европа, Русија, Иран, САД и сѐ уште е рано да се заклучи нејзиниот епилог. Јасно е дека со овој глобален настан се забрзаа геополитчките тенденции, се оснажија кинеските амбиции, се разголија слабостите на САД, ЕУ и ОН. Се поремети и светски поредок воспоставен по Втората светска војна. Светот влегува во поинаква логика на функционирање со многу непознати меѓународни верижни ефекти.

Председателот Трамп, кој ја промовираше својата доктрина „Америка прво“,  ѝ го сврте грбот на Европа и остана глув на сите обиди за меѓународна соработка. Зад системот на меѓународната себичност и фронталната војна со пандемијата, во дипломатските кругови,    ширум светските медиуми и социјалните мрежи се разви дебатата за одговорноста за овој глобален санитарен дебакл? Која држава, институција, лабораторија или биоефект е виновен за пандемијата? Дали небрежноста на кинеските епидемиолози е главниот причинител за Ковид-19?  Се работи ли за некој вид биолошка војна? Колку беа искрени кинеските власти и нивните официјални извештаи? Дали Кина крие нешто? Од двете страни на Атлантикот, прстот е вперен кон НР Кина.

Кинеска пропаганда

Долго време европските политичари не се обидуваа да чепкаат во светата кинеска крава, заради разбирливиот економски, санитарен и фармацевтски потенцијал на Кина, која веќе се прогласи за победник врз корона вирусот. Меѓутоа, како што се интензивираше кризата со пандемијата, така бројни европски и американски аналитичари почнаа да се сомневаат во официјалните верзии и бројки на заболените и починатите од Ковид-19 во Кина. Можно ли е кинеските авторитети да лажат? Можно е, со сигурност истакнува белгискиот професор од УЛБ универзитетот, Тјери Келнер. Откако се појави епидемијата, кинеската пропаганда предводена на Комунистичката партија како никогаш досега ја отпочна широката кампања на убедување на домашното и меѓународното јавно мислење.

Администрациите на Трамп и Макрон му забележаа најмалку три превиди на Пекинг: пред сѐ, официјална Кина  не алармираше на време за опасноста на вирусот; второ, со задоцнување го извести светот и Светската здраствена организација; и конечно, презентираше неточни податоци за бројот на починатите и заразените во Вухан. Според  Аурелија Дидие и Каролина Хик, од националниот канал на белгиската телевизија, во почетокот на епидемијата, кинеското раководство реши да молчи, слично како што во времето на Чернобил мочеше Советскиот Сојуз. Никој од упатените не смеел да зборува јавно за епидемијата, а власти уапсиле осум лекари заради „погрешните и алармантни изјави“ и ширењето на „лажни гласини“ за опасноста на Ковод-19.

Нема сомнение дека на почетокот можеби и самиот Пекинг ја потценил состојбата со евирусот, а подоцна вложи огромна енергија за да ја сокрие тежината на епидемијата. Сомнителна е и мистеријата за појавата на корона вирусот. И покрај фактот што во Вухан е сместена најзначајната кинеска епидемолошка лабораторија, кинеските експерти настојуваа потеклото на епидемијата да го лоцираат во несреќните комбинации на егзотичните кинески специјалитети. Според истражувачкиот новинар Стивен Мозер први на удар биле змиите и лилјаците, кои се продаваа на пазарот во Вухан и затоа итно беше затворен. Подоцна се докажало дека змиите не биле носители на вирусот, додека на пазарот во Вухан воопшто не се продавале  лилјаци.

Задоцнети, маскирани и сомнителни информации?

Кога јавноста во САД  почна да ги пребројува илјадниците жртви на Ковид-19 и тоа во изборната година, истакнати американски новинари, дипломати и експерти на чело со председателот Трамп ја прозваа најбројната земја на светот за одговорност: Кина направи тешки превиди. Таа го загрози целиот свет. Денес Пекинг настојува да ги замаскира грешките, промовирајки се како универзален и солидарен актер во битката против пандемијата, истовремено нудејќи една поволна слика за сопствениот здравствен и политички режим. Помошта од Кина со ореол на победник врз корона вирусот несебично пристигаше на сите меридијани, вклучувајки ја и Северна Македонија, а на Балканот најмногу кај братските народи како што е Србија, благодарение на помалиот голем брат на Кинезите, претседателот Вучиќ.

Сепак, картезијанскиот дух на експертите е многу јасен. Според Гијом Девин, професор на политички науки од Париз, Кина калкулирала најмалку пет недели за да објави дека се работи за епидемија. Пресдедателот Трамп делумно е во право кога ја критикуваше инертноста на Светската здраствена организација која под притисок на Кина, дури на 30 јануари 2020 ја потврди епидемијата, иако за неа се знаеше уште во декември 2019.

Освен врз домашните новинари кинеската полиција бдеела врз сите новинари кои покажале зголемен интерес и ажурност за епидемијата. На 16 март им беа одземени акредитациите на новинарите на „Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“ и „Волстрит џорнал“ и беа протерани од Кина. Во недостаток на информации, единствениот извор беа државните иституции кои кон светот испраќаа строго контролирани податоци. Се добива впечаток дека податоците за починатите и заболените биле штимувани повеќе во политички отколку во реални бројки, истакнува Силви Хофман од париски „Монд“.

Чудно е што по верижните искуства со Италија, Шпанија или САД за еруптивниот развој на епидемијата , во Кина во еден момент, податоците за починатите моментално престанаат да растат. Што се случи со болните кои беа на респиратори или оние кои немаа надеж да преживеат? Дали бројките за починатите од Ковид-19 не беа префрлени во графата „починати од кардио-васкуларни болести и пневмонија“? Дали оние што починаа во сопствените домови влегоа во официјалната статистика?

Во валидноста на бројките се посомнева и една од ретките независни кинески ревии Caixin, според чии анализи, останале да лебдат поголем број отворени прашања без одговор. Авторот на текстот е сигурен дека бројот починатите од корона вируост бил многу поголем од оние 2.000 регистрирани жртви во градот кој брои над 11 милиони жители? Чудно е што по избивањето на епидемијата огромен број жители го напуштиле Вухан, пред генерализацијата на карантинот, но за големо чудо епидемијата не се рашири ширум Кина и покрај индолентноста на владата. Од друга страна, сите бевме сведоци на брзината со која се ширеше вирусот во Западна Европа и САД.

Аналитичарот Жан-Патрик Грумбер од информативната веб-страница „Дреуз“, смета дека со оваа пандемиска криза, Комунистичката партија на Кина настојува да ги прикрие сопствените грешки и одговорност. Познато е дека кинескиот авторитарен режим нема  добра репутација во однос на транспарентноста за разни чуствителни досиеја. Затоа не изненадува сомнежот на странските набљудувачи. Од моментот кога владејачката Комунистичка партија одлучи да се соочи со епидемолошката војна, државата се реши на моментален дидактички начин да го издигне имиџот на Кина. Државата повторно ги отвара фабриките, но изгледа само формално, преку запалените светлата да се добие впечаток дека тие проработиле. Според овој автор, грешките на државното раководство не ја амнестираат Кина од меѓународна одговорност за злосторство против човештвото.

Дали Ковид-19 е билошко оружје?

На крај се поставува прашањето – што навистина се случи и како може да се објасни појавата на опасниот вирус Ковид-19? Една од најексплоатираните хипотези на западните експерти е дека вирусот претставувал вид биолошко оружје. Нашите сознанија не се прецизни ниту толку експертски за да се потврди оваа претпоставка и затоа ќе се задржиме на анализата која ја презентираат странските експерти од двете страни на Атлантикот.

Според д-р Франсис Бојл, експерт за биолшки војни, корона вирусот е едно офанзивно билошко оружје кое „побегнало“ од лабораторијата на биосигурносното ниво 4 во Вухан.  Институтот за вирусологија во Вухан, каде е сместена лабораторијата за микробиологија на биосигурност од ниво 4 или П-4, е највисоко патогено ниво во кој се третираат најсмртоносните светски вируси вклучувајќи го и корона вирусот. Епицентарот на Ковид-19 е во Вухан, и огромна е веројатноста дека постојат одредени врски помеѓу лабораторијата одалечена стотина метри од пазарот на диви животни и птици и можното „бегање“ на вирусот, истакнува Стивен Мозер од „Епох тајмс“.

Не е тајна дека Кина, иако е потписник на Конвенцијата за биолошко оружје, го смета развојот на биолшкото оружје како клучен елемент за воспоствување на доминацијата врз светот по воен пат. Потпредседателот на Кинеската академија на воените медицински науки Хе Фушу  во 2015 изјави дека биоматеријалите претставуваат ново средство на стратешката контрола на војната“.  Генерал Чанг Шибона во една своја книга објавена во 2017 година пишува дека развојот на биотехнологијата овозможува прогресивно да се согледаат силните страни на нејзината офанзивна употреба.

Кина поседува само една лабораторија по микробилологија на ниво П-4, а тоа е Институот по вирусологија во Вухан, изграден со помош на Франција. Постојат докази дека лабораторијта од Вухан е во состојба да набави најсмртоносни корона вируси на планетата. Пред една година брачната двојка д-р Кединг Ченг и д-р Чиангуо Ки, била ескортирана од единствената канадска национална лабораторија за микробиологија  во Винипег, од страна на жандармеријата поради кражба на интелектуална сопственост. Оваа лабораторија е слична со онаа во Вухан, а д-р Ки е позната за своите трудови околу вирусот на ебола, додека нејзиниот сопруг Ченг работел со вирусот Сарс. Истрагата покажала дека двојката често навраќала во лабораторијата во Вухан.

Нема сомнение дека првата инфекција со Ковид-19 била резултат на случајна трансмисија од животно на човек која можела да се случи каде било во Кина. Чудно е што тоа се случило токму во Вухан каде е сместена единствената лабораторија за вируси. Инаку Кина нема репутација на 100-отстотна безбедност кога се во прашање лабораториите. На пример, во 2004 вирусот Сарс избегал од лабораторијата во Пекинг. Лабораторијата во Вухан е со повисоко безбедносно ниво, но кинеските безбедносни норми се сомнителни.

(Нано Ружин е универзитетски професор)