Ковачки тврди: Вработени на МВР дејствувале како параполициска структура


Полковник Драган Ковачки е првото високо воено лице кое се вклучува на ваков начин во политиката
 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ повторно денес ја обвини власта дека ја злоупотребува полицијата и дека одредени вработени во МВР делувале како параполициска структура со која се вршело притисок врз неистомисленици. Според нив, станува збор за злосторничко здружение кое обвинителството мора да ги истражи по брза постапка.

На денешната прес конференција членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки објави делови од вибер комуникација според која излегува дека  командирот на прилепската полиција дава наредби на полицајците да запираат опозициски активисти и да им бараат непотребни документи.

„Ако треба измислете прекршок и остранувајте ги“, стои во една од пораките што ги објави Ковачки според кој службата била претворена во агитатори на власта за собирање на гласови за СДСМ. Според него станува збор за злосторничко здружение кое за потребите на СДСМ вршело шиканирање, следење и тепање, односно омекната реторика од првите обвиненија кога се зборуваше за „убивања, малтретирања и казнувања на неистомисленици“.

ВМРО-ДПМНЕ  очекува наскоро Јо да излезе со обвинителен акт, најавувајќи дека во спротивно кога ќе дојдат на власт ќе има одговорност за сите. Ковачки изјави дека доказите и информациите им ги доставиле загрижени полицајци вработени во МВР кои не сакале да учествуваат повеќе во истата злостoрничка група.