Ковачевски: Спречивме ценовен шок за граѓаните


 Брзата реакција на Владата и мобилизирањето на сите домашни капацитети за производство на електрична енергија придонесоа да спречиме ценовен шок за граѓаните, објави вечерва претседателот на СДСМ и мандатар за состав на новата влада, Димитар Ковачевски.

– Покачувањето на цената на електрична енергија за следната година ќе биде 9,48 проценти, што е далеку под првичните прогнози од преку 25 отсто. Се задржува ноќната евтина тарифа на струјата, како и таа во недела, а рестрикции нема да има. Владата дополнително обезбеди 60 милиони денари помош со Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2022 година, објави на својот Фејсбук профил Ковачевски.

Претходно со иста порака излезе и актуелниот премиер во оставка Зоран Заев.

-Во услови на светска енергетска криза, успеавме да спречиме драстрично поскапување на електричната енергија од над 25 проценти и да го активираме домашното производство за ублажување на ценовниот шок. Цената на електричната енергија на универзалниот снабдувач – ЕВН ХОУМ за домаќинствата и малите потрошувачи, ќе биде покачена за 9,48 проценти во однос на претходниот пресметковен период, како што информираше Регулаторната комисија за енергетика, објави премиерот Зоран Заев.

Заев, исто така, посочува дека се задржува ноќната евтина тарифа на струјата, како и таа во недела.

– Солидарност на сите чинители на електро-енергетскиот сектор, редуцирање на трошоците и штедење е од голема важност. Рестрикции на електрична енергија нема да има. Сите домашни капацитети за производство на струја се во функција на успешно соочување со енергетската криза. Во моментов има доволно обезбедени количини на јаглен за работа на ТЕЦ Осломеј, како и за РЕК Битола за работа со два блока. ТЕЦ Неготино веќе е вклучен со половина капацитет, од јануари ќе работи со полн капацитет, а од јануари ќе биде вклучен и третиот блок на РЕК Битола, објави на својот Фејсбук профил Заев.

Сите количини на електрична енергија потребни за универзалниот снабдувач ќе бидат обезбедени од домашно производство, односно без увоз.

– На денешната седница Владата на предлог на Министерство за економија обезбеди 60 милиони денари финансиска поддршка со Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2022 година. За првпат се воведува парична помош за најранливите категории на лица со ниски примања, кои не се приматели на гарантирана помош согласно закон, пишува Заев.

Состојбата, посочува Заев, се следи и со сите релевантни чинители се донесуваат решенија во интерес на граѓаните, со цел ублажување на ефектите од светската енергетска криза.