Ковачевски и Мицкоски, сепак, ќе се сретнат. Утре во Владата


Фото: Б. Грданоски

 

По неколкудневно држ-недај натегање помеѓу премиерот и лидерот на опозицијата Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски ќе се сретнат утре во Владата за да разговараат за предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за надминување на енергетската криза. Тоа го изјави Маја Кадиевска-Војновиќ, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за време на вечерашната дебата на ТВ 24 со вицепремиерот Фатмир Битиќи.

„Ексклузивно вечерва откривам дека утре во 11 часот нашиот претседател Мицкоски и неговиот економски тим ќе имаат средба со премиерот Димитар Ковачевски. Задоволна сум што прв пат во историјата еден опозициски лидер излезе со конкретен предлог за енергетската криза и утре ќе му го претстави на премиерот“, рече Кадиевска-Војновиќ.

Од Владата ја потврдија средбата, но рекоа дека таа ќе се одржи попладне, во 16 часот.