Костадиновски најавува преноси во живо од Уставниот суд
Уставните судии да отвораат предмети по сопствена иницијатива, ќе бара новиот претседател на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. Според него, особено е неопходно да е покаже судски активизам и за секоја одлука за која судиите ќе се посомневаат во уставноста да можат самите да иницираат постапка, а не само како до сега по иницијатива на граѓани.
Сепак не открива дали меѓу првите судиски иницијативи би биле актуелните отворени прашања, како што се двојните функции на претседателот на Владата и пратеник, Талат Џафери и заклетвата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова во која не го употреби уставното име на државата. Ветува дека ќе се бори за да се врати довербата во правната држава.
„За остварување на тој приоритет неопходни се неколку чекори. Прв чекор е бескомпромисност во обезбедување на независноста и самостојноста на Уставен суд, како и мојата бескомпромисност во обидите за било какви политички влијанија. Ќе предложам седници на Уставен суд да се снимаат и да се емитуваат во живо. За да се врати довербата на граѓаните потребни се похрабри и одлучни чекори“, рече Костадиновски.
Враќањето на довербата на граѓаните во Уставниот суд и во правната држава, внесување на науката во Уставниот суд, како и бескомпромисност во обидите за политички и какви било други влијанија врз Судот или врз уставните судии, ќе бидат главни приоритети за него.
„Ако сме свесни за нашата општествена и уставна реалност тогаш јасно е дека довербата на граѓаните во институциите на системот, довербата на граѓаните во правната држава е на историско најниско ниво. Затоа, сосема природно за мене како претседател на Уставниот суд е приоритет над сите приоритети да биде враќањето на довербата на граѓаните во Уставниот суд и враќањето на довербата во правната држава, којашто е на историско најниско ниво“, рече Костадиновски.
Како што нагласи, за остварување на тој приоритет неопходни се неколку чекори односно предизвици – прв е бескомпромисноста во обезбедувањето на самостојноста и независноста на Уставниот суд.
„Втор ќе биде мојата бескомпромисност во обидите за какви било политички и од каква било друга природа влијанија врз Судот или врз уставните судии. Уставната и правната култура ќе биде високо на мојата агенда. Во однос на бескомпромисноста на политички или какви било други влијанија, нагласи, јавно кажувам дека сум и ќе останам лојален само на Уставот и на никој друг“, рече тој.
Според него, од 1991 до донесувањето на првиот Устав на независна Република Македонија, Уставниот суд останува најнереформираната институција во системот во поглед на правната рамка од каде ги црпи надлежностите.
„Уставниот суд ја црпи својата надлежност директно од Уставот и од актот на Судот. Но, се поставува прашањето, дали ваквата статус кво состојба во поглед на правната рамка и на кого му одговара да продолжи. Тука се надоврзува и прашањето дали се исполнети очекувањата на граѓаните 33 години по донесувањето на Уставот. Во таа смисла, во наредниот период со сите релевантни фактори и чинители во општеството, ќе разговарам за неопходноста од интервенција во Уставот, со цел обезбедување уставен основ за донесување закон со кој ќе се операционализираат уставните одредби за Уставниот суд“, вели Костадиновски.