Кошта заминува на „Тура низ главните градови“ на членките на ЕУ


Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта денеска ја започнува својата тринеделна турнеја низ земјите на ЕУ насловена „Тура низ главните градови“, чија цел е размена на мислења со шефовите на држави или влади на членките на Унијата за состојбата во блокот и за подготовките на претстојните самити. 

– Во текот на следните три недели ќе патувам низ Европа и ќе се среќавам со лидерите на ЕУ во нивните главни градови. Овие разговори ќе помогнат во обликување на нашата заедничка агенда за наредните месеци. Како претседател на Европскиот совет, моја должност е да ги слушам и да се запознам со приоритетите на сите лидери, особено во овие неизвесни времиња. Мојата улога е да градам консензус. Со секоја посета, ќе работам на зајакнување на нашата соработка, бидејќи во денешниот непредвидлив свет, нашето единство е нашата најголема сила, порача Кошта пред почетокот на турнејата. 

Во најавата на посетата, што ќе трае од 1 и 19 септември, се наведува дека Кошта со своите домаќини ќе разговара за „сите главни политички приоритети, како и за методите на работа на Европскиот совет“. 

Турнејата почнува вечерва со учество на Кошта на Стратешкиот форум во Блед, каде ќе има воведено обраќање. Утре е предвидено Кошта во Љубљана да се сретне со словенечкиот премиер Роберт Голоб, по што ќе отпатува за Загреб на разговори со претседателот на хрватската Влада, Андреј Пленковиќ. 

В среда, Кошта ќе престојува во Виена каде ќе се сретне со австрискиот канцелар Кристијан Штокер. 

В четврток првиот човек на Европскиот совет ќе има средба со романскиот  претседател Никушор Дан во Букурешт, од каде ќе отпатува за Софија на разговор со бугарскиот премиер Росен Жељазков. 

На последниот ден од „првата етапа од Турата низ главните градови“, Кошта ќе престојува во Прага на средба со чешкиот премиер Петр Фиала, по што ќе отпатува во Хаг, каде ќе се сретне со холандскиот премиер Дик Схоуф. 

„Турата“ на Кошта ќе продолжи следниот понеделник, на 8 септември. 

Во пресрет на официјалниот старт на својата европска турнеја, Кошта во средата во Брисел одржа размена на мислења со белгискиот премиер Барт де Вевер. 

Турнејата се одржува во услови кога за до крајот на 2025 година се предвидени два самити на ЕУ – во Брисел на 23 и 24 октомври и на 18 и 19 декември, како и неформална средба на лидерите на шефовите на држави или влади на членките на Унијата на 1 октомври во Копенхаген. Ден по овој неформален лидерски собир, на 2 октомври во Копенхаген ќе се одржи и Самит на Европската политичка заедница. 

Покрај ова, на 8 и 9 ноември во Колумбија ќе се одржи Самит меѓу ЕУ и Заедницата на латиноамерикански и карипски земји (ЦЕЛАЦ), а на 24 и 25 ноември и средба на врвот меѓу Европската и Африканската Унија во Ангола.