Корупцијата за граѓаните стана пострашна од сиромаштијата
Корупцијата е најголем проблем за граѓаните, за разлика од претходните години кога на првите три места беа егзистенцијалните прашања (невработеноста, сиромаштијата и ниските приходи) или политичката нестабилност, покажа последното истражување за проценка на корупцијата спроведено од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
Вкупно 80% од македонските граѓани сметаат дека желбата за брзо лично богатење на оние кои се на власт влијае на широката распространетост на корупцијата. Покрај тоа, значен фактор е и недостатокот на строга административна контрола на корупцијата, неспроведување на законите и недоволна заштита на лицата кои пријавуваат корупција.
Иако околу една третина од граѓаните (33,7%) биле изложени на коруптивен притисок, а 32,9% биле вклучени во корупција, сепак, корупцијата останува неказнива. Овој процент, претворен во апсолутни бројки, под претпоставка дека се работи за поединечни случаи, покажува дека станува збор за потенцијално над 550.000 сторени дела. Сепак, во 2020 година, вкупно 82 лица биле осудени за злоупотреба на службената положба или поткуп, односно, стапката на ефикасност на институциите е 0,015 отсто. Толкав е процентот на случаи кои се обработуваат наспроти оние кои претпоставуваме дека се случуваат“, стои во извештајот на МЦМС.
Што се однесува пак до подложност на давање поткуп, според истражувањето, мал број од граѓаните (4%) рекле дека би платиле, а 17% би платиле доколку можат да си дозволат. За разлика од нив, 45% не би платиле во никој случај, додека 31% не би платиле доколку има друг начин да го решат проблемот. Проекцијата на процентите врз возрасното население покажува дека 750.000 од граѓаните не се подложни на корупција, но 500.000 граѓани би платиле доколку нема друг начин. Во овој момент тоа значи ограничен отпор кон обидите за заобиколување на правилата, а со тоа и ограничен човечки потенцијал за колективно спротивставување на корупцијата.
Мало охрабрување носи споредбата на соодносот на прифатливост и неприфатливост на корупцијата. Имено, ако се земат во предвид различните форми на коруптивни практики и се споредат со оние кои не прифаќаат воопшто никакви форми на корупција, соодносот е 63% кои не би прифатиле, наспроти 37% кои би прифатиле такво однесување. Тој сооднос е подобрен во однос на минатите две истражувања кога релациите биле 59% – 41% и 50% – 50%.
Сепак, граѓаните не се оптимисти за намалувањето на корупцијата. Речиси три четвртини сметаат дека постои веројатност или голема веројатност за коруптивен притисок и во иднина. Граѓаните ги препознаваат судиите, министрите, пратениците, градоначалниците и обвинителите како најкорумпирани. Според нив, речиси секој или повеќето се вмешани во корупција и бројките се движат од 73% кај обвинителите до 80% кај судиите.
Овие бројки ги следат и институциите па така, на скалата од еден до пет, каде што еден значи воопшто нема корупција, а пет значи распространетост на корупцијата од највисоко ниво, 75% од граѓаните дале највисоки оценки (четири и пет) за распространетост на корупцијата во судовите, 71% за распространетост на корупцијата во обвинителството и над 66% сметаат дека корупцијата е распространета во Владата и Царината.
Што се однесува до довербата во антикорупциските институции таа како целосна или делумна стигнува блиску до 1/3 од испитаниците. Односно, речиси 33% граѓаните имаат целосна или делумна доверба за справување со корупцијата во Владата, 30% во Министерството за внатрешни работи, а Државната комисија за спречување корупција е на трето место со околу 24%. Довербата во овие институции значително опаднала во споредба со 2019 година (36,4% во Владата, 39,6% во МВР) и 2018 година (48,6% во Владата, 50,3% во МВР). Слична е ситуацијата и со ДКСК, во која недовербата пораснала од 51,9% од 2018, 65,7% во 2019 до 72,7% во 2021 година. Довербата во судовите е околу 22%, а во обвинителството околу 23%.
За МЦМС анкетата ја спровел ИПСОС, а податоците биле прибирани преку анкета лице в’ лице во периодот 27 април 20 мај 2021 на репрезентативен примерок е 1014 полнолетни лица.