Корупцијата и капиталистите


ЗДРАВКО САВЕСКИ

Огромен е шокот што го доживеа јавноста во врска со случајот „Рекет“ и веројатна вмешаност на Катица Јанева во него. Веќе подолго време се гледаше дека СЈО нема волја и капацитет да си ја изврши задачата и дека е во дослух со власта. Но, тоа не предизвикуваше шок. Само разочараност. Како сета „нова“ власт, така и тоа. Шокот го предизвика сознанието дека Јанева веројатно и самата е вмешана во криминални дејанија. Функционерката што требаше да го гони криминалот, ајде што тоа не го правеше, туку и самата веројатно се впуштила во криминал!

Тоа е преломната точка! Веќе на исклучително ниска точка беше довербата во носителите на функции и во политичарите воопшто. На толку ниско ниво што се гледа со недоверба и на оние што ниту краделе ниту мислат да крадат. Но ако и функционерот кој не е политичар, кој е избран да го гони криминалот, ако дури и тој се впуштил во криминални дејанија, како луѓето и понатаму да му ја дадат довербата некому?

Повеќе од кога било е јасно: на Македонија ѝ е потребна нова политика! Политика заснована врз морални принципи и политика во интерес на обичниот народ, а не во интерес на политичко-економските врхушки! Со ова тврдење ќе се согласат многумина. Но, веднаш ќе кажат дека тоа е невозможно. И дека најновиот случај со Јанева дополнително ги убедил во безнадежноста. Сепак, безнадежноста и бесперспективноста се нешто што и самите ние го креираме. Потребата од нова политика во Македонија во моментот е само етички принцип. Дали ќе остане само етички принцип или ќе се спроведе, тоа зависи од сите нас на чија штета функционира овој гнил систем на владеење. До кога ќе им дозволуваме на корумпираните врхушки да нѐ влечат за нос? Ако им го дозволуваме тоа и понатаму, тогаш очекувајте во иднина пред очи да ни продефилираат уште многу Катици, Заевци и Груевци! А ние ќе бидеме само пасивно стадо кое тоа само го гледа и кое блее, но ништо нема да прави околу своето стрижење!

Ако сакаме вистинска борба против корупцијата, мора да имаме и точна претстава за корупцијата како феномен и за причините што неа ја предизвикуваат. Ако не биде така, нема да сфаќаме што ја предизвикува корупцијата и уште долго, многу долго време погрешно ќе го лоцираме проблемот и ќе ни се случува само замена на една корумпирана власт со друга, при што втората ќе доаѓа на власт најавувајќи борба против корупцијата за потоа и самата да се вклучи во коруптивни дејанија.

Така, Заев со бомбите го разобличи криминалот на власта на ВМРО-ДПМНЕ за потоа и самиот да предводи корумпирана власт. А сега овие од ВМРО-ДПМНЕ наводно се многу револтирани на криминалот. А фактички она за што се револтирани е што некој друг го прави криминалот, а не тие самите!

И ете ви го маѓепсаниот круг во кој се вртиме веќе со децении! И од кој нема спас освен ако самите не го разбиеме!

За корупција се потребни двајца. Оној што го дава поткупот и оној што го зема. Иако ова секој го знае, под влијание на либералната пропаганда, само врз еден од овие двајца е насочен фокусот – врз функционерите. А од кого примаат функционерите поткуп? Од обичните граѓани? Колку можат да одвојат обичните граѓани за поткуп – 30 илјади, 60 илјади денари? Со тие пари ќе ги поткупат функционерите? Повеќе од јасно е дека втората страна во коруптивниот акт се газдите, капиталистите. Тие се оние што им го даваат поткупот на функционерите.

Уште еден аспект, многу очигледен, е истиснат од сликата. Иницијативата за коруптивниот акт може да ја има и оној што го дава поткупот и оној што го прима. Во сликата што сака да ни ја продаде либералната пропаганда и во која го нема газдата излегува дека иницијативата за коруптивниот акт е секогаш кај функционерите. Тие бараат, кутрите газди даваат! Но дали е така? Дали газдите се само невини жртви на коруптивниот акт?

Охридско Езеро може да ја изгуби заштитата на УНЕСКО. За тоа да не се случи, треба одлучна акција против дивоградбите. А ургентноста на таа ситуација на површина исфрли две информации на кои во сета оваа ситуација не им се даде соодветната тежина. Првата информација е дека Боки 13 барал од Општина Охрид да „свртат“ околу 50 илјади евра, а втората дека некој граѓанин влегол во Општина Струга и им се заканувал на градоначалникот и на уште еден вработен во општината. Веројатно поради ваквите притисоци околу дивоградбите (кои ќе растат во следниот период), Општина Струга се откажа од своите ингеренции во однос на уривањето дивоградби.

И сега? Газдите се само невини жртви на коруптивните акти на функционерите или и тие самите можат да бидат оние што ќе го иницираат коруптивниот акт? Се разбира, далеку од тоа да сакам да ги бранам функционерите. Но, либералната пропаганда, за која сите проблеми се кај државата, а бизнисмените се само јунаци на инвестициите и на вработувањето, ја замаглува реалноста и ги спречува граѓаните да стекнат вистинска слика за корупцијата.

Газдите и тоа како можат да бидат иницијатори на коруптивниот акт! Нивното богатство во голема мера зависи од тоа дали тие или некој друг ќе добијат дозвола за градба на одредена локација, дали тие или некој друг ќе го добијат тендерот. И за да се одлучи во нивна корист – подготвени се да потплатат. Мит е дека бизнисмените како Боки 13, Кичеец, Орце се исклучок. Напротив, исклучокот се оние ситни газди што едвај го држат дуќанот отворен. Колку што повеќе пари има натрупано некој газда – толку поверојатно е дека ќе прибегне кон иницирање коруптивен акт.

Колку често сме слушале за инвестициите како позитивна вест сама по себе! Еве една информација за една инвестиција. Во врска со „Рекет“, новинарите потсетија дека Заев имал средба со Зоран Милески-Кичеец во врска со инвестиција во рударството. Инвестиција? Одлична работа! Од каде парите за инвестицијата на Кичеец? Сигурно се работи за макотрпно стекнати пари, нели? Ликот и делото на Кичеец не ни дозволуваат воопшто да се сомневаме во тоа! Добар дел од парите што влегуваат како странски инвестиции доаѓаат од даночни раеви. Добар дел од нив претставуваат перење пари. На инвеститорите што перат пари сигурно не им паѓа на памет да иницираат коруптивни акти со функционерите за да им помине „инвестицијата“.

И колку што се поголеми класните разлики во една земја, толку повисок е ризикот од корупција! Кога тие се големи, како во Македонија, газдите располагаат со голема финансиска моќ со која можат да поткупуваат функционери и политичари, а на другата страна имате луѓе кои нивните ниски приходи ги прават склони да прифатат поткуп.

Исто како и функционерите, и капиталистите можат да бидат жариште на корупцијата. За борба против корупцијата, треба да има владеење на правото и казнување на оние што се вмешани во коруптивни акти. Не само за тие да бидат соодветно казнети, туку и за оние што ќе дојдат по нив да берат ум. Но, за успешна борба против корупцијата, тоа не е доволно. Потребни ни се партии што нема да бидат тесно испреплетени со бизнис лобијата, зашто таа комбинаторика нужно создава ризик од корупција. Исто така, потребна ни е промена на распределбата на економската и политичката моќ помеѓу врхушката и обичниот народ. Без тие коренити промени, крстењето во моралот и потпирањето на правните механизми нема да имаат посериозен ефект.