Секнуваат дознаките од странство, годинава се очекува пад од 20 отсто


Во 2017 година во Македонија се слеале 280 милиони долари дознаки од странство (2,6 отсто во однос на БДП), а во 2016 година 291 милион долари

 

Светска банка предвидува остар пад на дознаките од странство во 2020 година за околу 20 отсто, или за една петтина, како резултат на економската криза предизвикана од пандемијата со Ковид -19 и затворањето на многу бизниси. Ваквиот пад е најголем пад во поновата историја, а се должи пред се на намалување на платите и вработувањето на мигрантите, на кои повеќе им се заканува загуба на работното место, а со тоа и на платите за време на економската криза во земјите каде што престојуваат.

Што се однесува до земјите во Европа и Централна Азија, дознаките лани се зголемија за околу 6 проценти и достигнаа 65 милијарди американски долари. Украина остана најголем примател на дознаки во овој регион, добивајќи рекордно високо ниво од речиси 16 милијарди американски долари во 2019 година. Помалку зависните земји од дознаки, како Киргистан, Таџикистан и Узбекистан, имаа корист од обновувањето на економската активност во Русија. Се предвидува дека годинава приливите од дознаки ќе паднат за околу 28 проценти, како резултат на комбинираниот ефект на глобалната пандемија на корона вирусот и пониските цени на нафтата. Трошоците за испраќање на дознаките се намалија незначително – за испраќање на 200 долари овој трошок во првиот квартал годинава изнесуваше 6,48 отсто наспроти 6,67 отсто една година порано. Најголеми биле трошоците за испраќање дознаки од Турција во Бугарија, додека најниски од Русија во Азербејџан.

Според податоците на Светска банка, во 2017 година во Македонија се слеале 280 милиони долари дознаки од странство, а во 2016 година нешто повеќе, односно 291 милион долари. Во 2017 година приливите од дознаките биле 2,6 отсто во однос на домашниот бруто-производ (БДП).

Дознаките од странство на глобално ниво се предвидува да се намалат за 19,7 проценти и да се сведат на 445 милијарди американски долари во земјите со низок и среден доход што претставува загуба на клучниот извор на финансирање за многу ранливи домаќинства, се вели во извештајот на Светска банка.

Студиите покажуваат дека дознаките од странство ја намалуваат сиромаштијата во земјите со понизок и среден доход, ја подобруваат исхраната, поврзани се со поголемо трошење за образование и ја намалуваат детската работна сила во погодените домаќинства. Падот на дознаките влијае врз способноста на семејствата да трошат за овие области бидејќи повеќе од нивните финансии ќе бидат насочени кон решавање на недостигот на храна и непосредните потреби за егзистенција.

Дознаките се значаен извор на приход за земјите во развој. Тековната економска рецесија предизвикана од Ковид -19 носи сериозен пад на можноста за испраќање пари дома и налага што е можно повеќе да го скратиме времето за закрепнување во развиените економии“, рече претседателот на Групацијата на Светска банка, Дејвид Малпас. „Дознаките им помагаат на семејствата да обезбедат храна, здравствена заштита и основни потреби. Светска банка спроведува брза, широка акција за поддршка на државите и работиме да ги задржиме отворени каналите за дознаки како и да го заштитиме пристапот на најсиромашните заедници до овие најосновни потреби“.

Намалувањето на приливите од дознаки претставува загуба на клучниот извор на финансирање за многу ранливи домаќинства

Проблеми со приливот од дознаки се очекува насекааде, особено во Европа и во Централна Азија (27,5 проценти), а потоа следат Суб-Сахарска Африка (23,1 отсто), Јужна Азија (22,1 отсто), Средниот Исток и Северна Африка (19,6 проценти), Латинска Америка и Карибите (19,3 проценти) и Источна Азија и Пацификот (13 проценти).

Големиот пад во приливот на дознаките од странство во 2020 година доаѓа откако тие во земјите со низок и среден доход достигнаа рекордни 554 милијарди долари во 2019 година. Дури и со падот, приливите од дознаките се очекува да станат уште поважни како извор на надворешно финансирање за овие земји поради намалувањето на директните странски инвестиции, што се очекува да биде уште поголемо (повеќе од 35 проценти). Во 2019 година, приливот на дознаки во земјите со низок и среден доход беше поголем од странските директни инвестиции (СДИ) и беше важна пресвртница за следење на протокот на ресурси кон земјите во развој.

Светска банка прогнозира дека во наредната 2021 година приливите на дознаките од странство за земјите со низок и среден доход ќе се зголемат за 5,6 проценти и ќе достигнат 470 милијарди долари. Сепак, прогнозите остануваат несигурни поради неизвесноста како Ковид -19 ќе влијае врз глобалниот раст. Во минатото, дознаките биле контрациклични, односно работниците испраќале повеќе пари дома во услови на криза и кога нивните матични земји имале тешкотии. Овој пат пандемијата ги зафати сите земји, создавајќи дополнителни неизвесности.

Глобалниот просечен трошок за испраќање 200 УСД останува висок – 6,8 проценти во првиот квартал на 2020 година, нешто помалку во однос на претходната година.