Во Германија и понатаму има повеќе од три милиони невработени, стагнација на пазарот на труд


Бројот на невработени во Германија во април е намален за 13.000 во споредба со март, но и понатаму е поголем од три милиони, што укажува на стагнација на пазарот на труд, објави денеска Сојузната канцеларија за труд (БA).

На годишно ниво, бројот на невработени е поголем за 77.000 во однос на април 2025 година, додека стапката на невработеност остана непроменета на 6,4 отсто, пренесува „Виртшафтсвохе“ (Wirtschaftswoche). Директорката на Сојузната канцеларија за труд, Андреа Налес, оцени дека „пресврт на пазарот на труд сè уште не е на повидок“, со напомена дека сезонското пролетно закрепнување оваа година е послабо отколку порано.

Побарувачката за работна сила покажува знаци на стабилизација, но на ниско ниво. Во април во Германија биле регистрирани 641.000 слободни работни места, што е за околу 5.000 помалку отколку пред една година. Истовремено, бројот на корисници на паричен надоместок за невработеност порасна на 1,07 милиони, што е за 93.000 повеќе од минатата година, додека бројот на корисници на социјална помош падна за 125.000, на 3,826 милиони луѓе.

Проблемите се видливи и на пазарот за образование и вработување на младите. Приближно 211.000 млади луѓе и понатаму немаат пракса или работа, додека истовремено постојат 217.000 непополнети места за обука, што главно е последица на неусогласеноста на квалификациите и локацијата.