Конференција во МАНУ, академиците се за таргетирани мерки што нема да ја поттикнат инфлацијата


 Потребна е посебна заштита за домаќинствата со пониски приходи. Преку примена на соодветни таргетирани мерки, кои нема да дејствуваат инфлаторно, да се поддржат посиромашните слоеви на населението – препорачува академик Таки Фити. 

Најверојатно, изјави денеска Фити, ќе треба да се применат и други мерки покрај тие со ДДВ-то за горивата и акцизите, а препораката што доаѓа од науката е јасна – треба да се оди со таргетирани мерки. 

– Треба да се има предвид дека во оваа криза не поскапуваат само горивата, туку и храната. Преку растот на цените на горивата се зголемуваат транспортните и производствените трошоци на сите фирми. Значителен дел од протокот на вештачки ѓубрива исто така оди преку Ормуската Теснина, што значи поскапува храната. Ако поскапува храната, треба посебна заштита за домаќинствата, кои се социјално загрозени, односно со пониски приходи, преку примена на соодветни таргетирани мерки. Многу е важно во оваа ситуација да се применуваат таргетирани мерки – одговори Фити на новинарско прашање по стручната расправа „Ефикасноста на јавните финансии и улогата на фискалните правила во Северна Македонија“ во Македонската академија на науките и уметностите, во организација на Фискалниот совет.

Мерките што сега се преземаат, дополни Фити, се општи и еднакво ги опфаќаат сите субјекти или им користат на сите. Постојат луѓе на кои не им е потребна помош, но и луѓе на кои таа им е неопходна. Затоа потребен е таргетиран пристап, затоа што стапката на инфлација ќе расте. Какви мерки ќе презема Владата, ќе зависи од текот на кризата – посочи Фити. 

Тој посочи дека „буџетот веќе има тешкотии“ и „во ваква ситуација ќе мора да се направи ребаланс и да се намалат трошоците“. – Веќе има најава за намалување од речиси 5 проценти кај буџетските корисници. Ќе мора да се завршат приоритетните проекти. На крајот на краиштата, можно е и да се намалат определени приходи, но важно е да се направат мерки, кои нема да дејствуваат инфлаторно и ќе ги поддржат посиромашните слоеви на населението – рече Фити дополнувајќи дека поддршка бара и бизнисот, особено компаниите што се соочуваат со високи транспортни трошоци.

И претседателот на Фискалниот совет, академик Абдулменаф Беџети, порача дека треба да се применуваат исклучиво таргетирани политики и, како што нагласи, „да се наплаќа со пропишаните норми, а потоа да се распоредува кон загрозените семејства и другите таргет-групи“. 

На новинарско прашање Беџети денеска оцени дека „Владата треба да стави одредена висина до кое ниво нема потреба да чепка во системските решенија во однос на ДДВ-то“.

Прашан какви мерки препорачува во услови на поголем скок на цената на нафтата, посочи дека сè ќе зависи колку ќе потрае кризата и како ќе се одвива понатаму. 

Во однос на тоа кои би биле најефикасните мерки во такви услови, посочи дека припаѓа на групата економисти, кои, како што рече, „во фискалните политики се залагаат повеќе да се собира, а таргетирано да се распоредува“.

Професорот од Економскиот факултет, Борче Треновски, посочи дека во нашата економија има благо зголемувањето на цените и оти ефектот од кризата  сè уште не е целосно пренесен и има временско задоцнување меѓу транспортниот сектор и глобалното зголемување на цените.

– Ако кризата продолжи во одредена насока, ќе биде неопходно да се направи целосна процена на фискалните ризици и среднорочните ефекти. Можеме да ги намалиме ефектите, но не можеме целосно да ги елиминираме – порача Треновски.