Конте: ЕУ може да се распадне


Изнаоѓањето механизам како да им се помогне на најзогрозените земји од корона вирусот стана огромен проблем во ЕУ. Холандија ги предводи земјите кои бараат строги услови за да има помош за земјите членки

 

Ризикот од пропаѓање на ЕУ во текот на кризата со корона вирусот „е реален“, предупреди италијанскиот премиер Џузепе Конте во четвртокот пред важната средба на министрите за финансии на блокот.

Конте изјави за Би-би-си дека пандемијата и како резултат на тоа економските и социјалните последици се „голем предизвик за постоењето на Европа“. Тој предупреди: „Ако нашиот одговор не е силен и унифициран, ако Европа не успее да излезе со монетарна и финансиска политика соодветна за најголемиот предизвик од Втората светска војна, сигурно не само Италијанците, туку и европските граѓани ќе бидат длабоко разочарани“.

Неговиот апел за единство го зголеми влогот пред министрите за финансии да се сретнат во четвртокот попладне преку видео конференција за да разговараат за финансиската помош на Италија, Шпанија и другите земји за ублажување на економската состојба со кризата. Италија се залага за здружување на долгови на сите земји од еврозоната преку т.н. корона-обврзници – предлог што го отфрлија Германија, Холандија, Австрија и Финска.

Предупредувањето на Конте го повтори поранешниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, кој за австрискиот весник „Стандард“ во четвртокот изјави дека ако европските лидери им даваат на граѓаните впечаток дека се кријат во ќошиња „тогаш европскиот дух е во опасност“.

Сепак, иако Јункер рече дека го поддржува италијанскиот повик за коронарни обврзници „во принцип“, тој советуваше против нив, затоа што нивното усогласување и спроведување ќе трае „најмалку шест месеци“.

„Тоа трае премногу долго. А сега има итна состојба“, рече Јункер. „Нема да ја правдаме оваа ургентност ако се концентрираме на справување со овој инструмент со корона обврзници… и затоа сите мерки кои се однесуваат на ЕСМ, кој го измисливме во 2010 година, се вистинските“, додаде тој, повикувајќи се на Европскиот механизам за стабилност, формиран за да им помогне на земјите во еврозоната во тешкотии.

Претседателот на Европската централна банка, Кристин Лагард, побара од министрите да ги зајакнат трошењата и другите фискални одговори на кризата. „Ако не се излечат сите земји, другите ќе страдаат. Солидарноста е всушност само-интерес“, напиша таа во колумна објавена во четвртокот во неколку европски весници.

Состанокот на министрите за финансии на почетокот од оваа недела се распадна кога компромисниот предлог, поддржан од Германија – кој вклучува 500 милијарди евра финансиска помош преку ЕСМ, Европската инвестициска банка и предложената шема за осигурување на невработеноста, плус дополнителна поддршка преку буџетот на ЕУ – не успеа да добие едногласна поддршка, и покрај тоа што Франција укажа дека е подготвена да застане зад планот.

Отпорот на предлогот дојде особено од Холандија, чиј министер за финансии, Вопке Хекстра, инсистираше на тоа дека економската помош преку ЕСМ треба да биде поврзана со „одредени економски услови“, што Италија категорично го отфрла бидејќи се плаши од зголемен фискален надзор од Брисел.

Германскиот министер за финансии, Олаф Шолц, во средата изјави дека користењето на ЕСМ „не треба да значи дека ќе дојдат комесари или тројка ќе влезе во државите“, како кога Комисијата, ЕЦБ и Меѓународниот монетарен фонд испратија службени лица да го надгледуваат спроведувањето на планот во Грција за условите на финансиска помош за време на последната финансиска криза.

Шолц, исто така, искажа индиректна широка критика против Хекстра велејќи дека поврзувањето на кредитните линии на ЕСМ „со многу фундаментални дебати за пензиските системи, даночните системи и пазарот на трудот… не е продуктивно и не е соодветно“.

Друг напад врз позицијата на холандската влада дојде од страна на извршниот потпретседател на Европската комисија Франс Тимерманс, од опозициската Лабуристичка партија во Холандија, кој во средата напиша колумна во холандскиот весник „Де Волскрант“, наведувајќи дека „повлекување во национална самоправедност и меѓусебно покажување со прст нема да реши ништо“. Тој предупреди дека „ЕУ каква што ја знаеме нема да го преживее“ таквиот став. (Политико)