Koнференција за мускулна дистрофија тип Душен и Бекер


Втора конференција за мускулна дистрофија тип Душен и Бекер на тема „Семејство – срцето на грижата“ ќе се одржи денеска во Скопје, во организација на Здружението на граѓани Мускулна Дистрофија Асоцијација Македонија (МДАМ).

На отворањето на конференцијата ќе се обрати претседателот на МДАМ, Ване Петридов, кој е татко на лице со мускулна дистрофија тип Душен.

Најавени се и обраќања на директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски и интернистот-хематолог Злате Стојановски, кој е претседател на Комисијата за ретки болести. За новите терапии, клинички истражувања и научни достигнувања ќе говори педијатарот Данило Нонкуловски, а за генот, генетско советување и генетски терапии ќе говори доктор Тодор Арсов.

Од Здружението информираат дека конференцијата нема да биде само настан, туку ден на заедништво, поддршка, мотивација, дружење и размена на знаења и искуства. Ќе се обединат доктори, поддржувачи, семејства, пријатели и лица со ДМД и БМД со заедничка цел – да научиме нови пристапи, да предложиме системски решенија за подобрување на грижата, како и да воведеме практики кои ќе го унапредат квалитетот на живот на секое семејство засегнато од оваа состојба, наведуваат од Здружението.