Конференција: Лекарите да поработат на себе заедно со пациентите за да се зголеми довербата

Насилството е хроничен проблем и тој треба хронично да се решава, треба долготрајна терапија, но и една долготрајна стратегија насочена и кон владините институции и кон нас, но и кон пациентите. Ова беше истакнато на денешниот состанок на Лекарската, стоматолошката, фармацевтската Комора и Комората на здравствени работници со средно, вишо и високо стручно образование со здруженијата на пациенти.

-Пациентот има болест и често се среќаваме со вербално и физичко насилство. Не можеме да му забележиме на пациентот, но можеме да му забележиме на семејството бидејќи семејството е тоа кое нема доверба во нас и кое настапува агресивно. Единствено можеме да поработиме на превенција на ваквите агресивни семејства. Семејството мора да разбере дека тоа насилство дава голем импакт врз здравствената нега која ќе ја спроведуваат сестрите и другите здравствени работници. Колку што повеќе тие се поагресивни толку го прекинуваат тој процес. Мора да се работи на промоција за враќање на довербата за да сфатат пациентите и семејствата дека ние сме таму за нив, но и дека сепак и ние сме пациенти, рече Виолета Котевска, претседател на Комората на здравствени работници со стручно образование.

Весна Алексовска, претседател на Здружението „Живот со предизвици“ изјави дека пациентите се жалат кај здруженијата, во Министерството за здравство, но поретко до комисиите за правата на пациенти и до Државен здравствен инспекторат.

-Проблемот е дека ретко добиваат задоволителни одговор. Секогаш се одолговлекуваат решенијата и акциите. Ако го подобриме здравствениот систем, ако ја подобриме комуникацијата меѓу пациентите и докторите значително ќе се подобри и довербата што ја имаат пациентите и кон докторите, но и кон здравствениот систем. Мислам дека нарушената недоверба во здравствениот систем е проблем што е има и недоверба кон докторите, особено поради моментите дека многу доктори ја напуштаат земјата, многу доктори од јавниот преминуваат во приватниот сектор и тука се раѓа таа недоверба што се случува во нашите државни здравствени институции што луѓето бегаат, рече Алексовска.

Калина Гривчева Старделова, претседател на Лекарска комора рече дека за да се надмине проблемот најдобар начин би било лекарите да поработат на себе заедно со пациенти за да се зголеми довербата, но и пациентите да сфатат дека насилството не е решение за какво било незадоволство: од системот, од докторот…