Концерти на дводневната манифестација „Ритамот на чаршијата“
Во старата скопска чаршија денеска и утре ќе се одржат концерти од разни жанрови во рамки на третото издание на манифестацијата „Ритамот на чаршијата“.
Како што соопшти Детскиот културен центар „Карпош“, концертите ќе се одржат на плоштадот „Филип Втори – Карпошово востание“ и Музејот на македонската борба.
Од 19 часот вечер со македонска изворна музика ќе настапи ансамблот Стефче Стојковски, а утревечер од 19 часот концерт ќе одржи Коста Давчевски, млад талентиран класичен гитарист од Србија.
-Старата скопска чаршија е најголема на Балканот и е заштитен национален симбол и една од најголемите атракции на Скопје. Целта на „Ритамот на чаршијата“ е да ја заживее чаршијата од еден поинаквов агол, во духот на ритамот. Чаршијата плени со мали дуќани, занаетчиски и верски објекти, чајџилници, ресторани, музеи и амами и е меѓу најпосетуваните локации. Во неа сè уште може да се почувствува минатото, чаршијата сѐ уште живее во духот на традицијата, соопшти ДКЦ „Карпош“.