Кон Месечината


АЛЕКСАНДАР КРЖАЛОВСКИ

Не знам за вас, ама кога случувањата во нашето секојдневие стануваат неподносливи за „варење“, сеедно дали се глупави, криминални или едноставно бедни, а сите водат кон нови и нови разочарувања, јас имам потреба да се свртам кон нешто различно, пожелно инспиративно, а секако и на поубавата страна на животот.

Не дека случувањата кај нас во последниот период не заслужуваат коментар. Од пропустите во разни државни институции (со набавки и не само тоа), за кои одговорните лица на запад одамна би си поднеле оставки (а овде „мува не нè лази“); преку демонстрацијата на нефункционалноста на системот на заштита на премиерот од упади, како тој на руските пранкери; па сè до овонеделната драма со СЈО и неговата шефица – уште едно од низата разочарувања дека „ќе нè биде“.

И не се само тие. Секојдневно имаме потсетувања на секој чекор, не само за „заробената држава“ како што ја нарекувавме кон крајот на владеењето на претходната гарнитура предводена од ВМРО-ДПМНЕ, или пак за „забегана држава“ како што сега токму тие ја нарекуваат укажувајќи на аферите на новата власт на СДСМ (толку слични на нивните претходно), туку јас би рекол за „загубена држава“ (да не бидат толку песимист, па да употребам термин „пропадната“).

На пример, за мене елементарен приказ на таа загубеност (или неспособност) се оштетените средишни жардиниери на секој од поголемите ни булевари (и на „Партизанска“ и на „Илинденска“ во Скопје, а и на повеќето други), кои со години остануваат непоправени, сведочејќи за едно целосно отсуство на грижа за заедничкото добро и промислување однапред, кога нешто се прави и гради, како тоа понатаму ќе се одржува. Веројатно уште многу повеќе вакви примери може да се видат на објектите од „Скопје 2014“.

Или она што деновиве се случува на мостот „Гоце Делчев“. Бидејќи патот речиси секој ден ме води таму, некогаш и по неколку пати, навистина не можам да разберам зошто се потребни 40 дена за што и да е интервенцијата на тој мост. Особено што од сите мои поминувања таму овие денови (најмалку десет) само еднаш сум видел некој нешто и да работи – најчесто нема ама баш никого на двете ленти од мостот кои се блокирани, освен полицајката која го регулира исто така глупавото сообраќајно решение (наместо да се пренасочи сообраќајот уште на претходната раскрсница и да се остави една лента кон мостот уште оттаму, оставени се сите три под „Стоковна Мост“ за потоа да има постојана „борба“ за позиција на возачите и нормално нервози, викање, свирење на сирени и сигурно многу пцости.

Ова го пишувам за покрај на проблемот на „(не)одржлива држава“ (за кој ќе се навратам друг пат поопширно), да укажам и на културата „да се ќари нешто на ситно“… од уфрлувањето преку ред во туѓа коловозна лента (пред мостот), преку ситни „досетки“ на работните места (пр. набавка на мали работи од „блиска“ фирма, за некое „процентче“; или ситни сметки и „сметки“ од службен пат, или слично, да не „давам идеи“ понатаму); па сè до обиди за интервенции за некое договорче, проектче или „тендерче“. Има секако и поамбициозни… видовме веќе за манипулациите во разни државни фондови, а гледаме деновиве со случајот „Рекет“ дека амбицијата одела и до изнудување на милиони евра од поединци/фирми. Само, рекетарите малку превиделе дека луѓето кои имале толку пари за да платата толкав рекет, не се глупави, а уште помалку наивни. Не дека се и тие сосема чисти (како што велел Оназис – не прашувајте ме за првиот милион, за сè друго детално ќе ви објаснам), но сигурно најголемиот дел од нивниот имот и личното богатство е стекнато со легални бизниси и уредно платени даноци (ако не е така, тие истраги ќе го покажат тоа).

Но, реков на почетокот, да избегаме малку од „мрачната“ сегашност.

А денешниов ден, 19 јули, дава убав повод за тргање на мислите на нешто поубаво и инспиративно. Имено, денес се навршуваат 50 години од слетувањето на првите луѓе (Нил Армстронг и Едвин Олдрин) на Месечината. Тоа беше круна на десетгодишниот напор на Американската вселенска агенција (НАСА) и нејзината програма „Аполо“, да го оствари сонот најавен од претседателот Џон Кенеди во 1961 година за одење на Месечината, не затоа што е тоа лесно, туку токму затоа што тоа е тешко. И после неколку мисии и многу подеми и падови во тој обид, вселенскиот брод „Аполо 11“, управуван од третиот член на тој екипаж – Мајкл Колинс, успеа да ги однесе споменатите двајца во лунарниот модул „Орел“ (Eagle) до дотогаш недопирливата дестинација – а која сите ја гледаме секој ден, а и кон која се стремеле многу луѓе низ историјата (барем во своите соништа).

Тој ден сум бил само едномесечно бебе, па секако немам свои директни сеќавања на настанот (а мислам дека тогаш моите сè уште немале телевизор), но од тогаш сум гледал стотици документарци и прочитал уште повеќе написи за овој голем (ако не и најголем) подвиг на човештвото, токму како инспирација дека – кога се сака, сè може да се направи и да се постигне.

Ова постигнување, патем, на некој начин беше и конечната победа на Американците во вселенската трка со тогашниот Советски сојуз, иако на речиси сите „попатни станици“ воделе Русите (првиот сателит „Спутник“, првиот живо битие во вселената – кучето Лајка, првиот космонаут во земјената орбита – Јуриј Гагарин… кои се прекрасно документирани токму во американскиот национален музеј Смитсонијан во Вашингтон).

На слична таква борба бевме сведоци и во неделното финале на Вимблдон. По епска битка од безмалку пет часа, Новак Ѓоковиќ успеа да излезе како победник над Роџер Федерер. Иако Швајцарецот беше подобар во текот на целиот меч (речиси целата статистика е во негова полза, со повеќе: вкупни поени, асови, брејкови, винери, поени на мрежа), речиси целата публика беше на негова страна, а имаше и две меч-топки (односно беше на чекор/поен до победата), сепак Новак покажа неверојатна ментална сила, подобра концентрација кога најмногу требаше (на најважните поени) и на крајот победи. Тие што го гледаа мечот знаат, а угледниот магазин „Економист“ и измерил, дека сме сведочеле на највозбудливиот меч во историјата на тенисот (или барем последните 40 години, за кои го спровеле мерењето), со т.н. Индекс на возбудливост, т.е. колку имало „одлучувачки“ поени, кои можеле да го однесат мечот во една или друга насока). Имено, во меч во кој еден од тенисерите доминира, просечната вредност „возбудливоста“ е околу 2%, во стандарден меч околу 4%, а во досега највозбудливиот од 1980 година меѓу Џон Мекинро и Бјорн Борг бил 7%… овој пат индексот покажал 7,5% возбудливост!

Ова го пишувам исто така заради инспирација. Имено, Србинот (нели, од земја кандидат за ЕУ) уште еднаш покажа дека (кога сакаме) можеме да се споредуваме и натпреваруваме со Европејците, па и да сме подобри од нив и да победуваме. Дури и кога мнозинството на нивните граѓани (во случајов навивачите во Лондон, но често истото се случува и во Париз на Ролан Гарос, а и на турнирите во Мадрид, Рим и други, кога игра против Федерер или ЕУ/Шпанецот Надал) се против нас (или да персонифицирам со политичките случувања – против приемот на балканските земји во Европската Унија).

Новак ни покажува како можеме да ги постигнеме европските вредности и стандарди и е постојана инспирација како да стигнеме до таму. А инспирација за нашите вредности викендов можевте да добиете и во Галичник. Ако не од сите обичаи и целата манифестација „Галичка свадба“, или трансценденталниот екот на зурлите и тапаните во саботната ноќ, тогаш и само од вечерната изведба на „Тешкото“, во надреалната атмосфера на амфитеатарот кај чешма „Упија“, под светлото на полната месечина и нејзиниот отсјај од реката Радика и Дебарското Езеро. И додека неминовно солзи навираат во тој приказ на суштината на македонската историја и сета македонштина, игроорците од „Фолклорни бисери“ во тие десетина минути ни покажуваат дека колку и да е тешко и колку и пречки да има на патот, колку и напор да бара, дека играта [и натпреварот… и трката… и патот (па и тој кон ЕУ)] можеме да ја завршиме со силен дух, во брз ритам, со радост и успешно… со победа!

Да ја завршам и оваа колумна со една мудра и инспиративна мисла, патем и една од најубавите што сум ги добил како новогодишна честитка, од еден поранешен колега, а која на некој начин ги поврзува трите приказни од погоре: секогаш стремете се кон Месечината… и да промашите, ќе завршите меѓу ѕвездите!