Кому му треба Макрон во Македонија?


СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

Кому му треба Емануел Макрон во Македонија? Зошто кој било, освен Христијан Мицковски, би прифатил средба со претседателот на државата што ги урна сите надежи на нацијата и 25-годишната инвестиција во европската иднина? Зошто  кој било од актуелната власт би прифатил  да се сретне со лидерот на Франција сега откако ни испорача вето во Брисел, откако со месеци претходно се криеше и одбиваше средби, па нивото до кое стигнавме е 32-годишната експертка за евростратегија Амели де Моншaлен? Зошто некој воопшто би разговарал со лидер на земја која две години работеше само на тоа како да ја спречи Македонија да добие шуплив датум за преговори со ЕУ што никој не знаеше дали ќе завршат воопшто? Зошто некој воопшто би дозволил граѓаните да ги слушаат понижувањата од францускиот претседател кој си дозволи да ни стави вето, а нема поим ни што се случува ни како изгледа нашата држава, бидејќи никогаш не ни стапнал на наша територија? Па, уште има  амбиции да ни праќа фалш стратегии и да ни крои сценарија за некои наши идни односи со Унијата и меѓусебни во регионот, да нè залажува со некакви непостојни француски инвестиции, па и да навестува можно укинување на визниот режим бидејќи граѓаните од Албанија (кај и да е ќе ја стави тука и Македонија ако му згусти на изборите) масовно бегале од земјата на која тој ѝ отсвири фајронт за евроинтеграцијата?

Ваквите дилеми се наметнуваат  откако премиерот Зоран Заев порача дека ако сака да дојде, Макрон е добредојден во земјата. Таквото мислење, судејќи според реакциите, не го дели барем половина Македонија, дотолку повеќе што на сите ни е јасно која би била целта на неговата посета (да ни ја продаде приказната колку е тој за европската перспектива на Македонија), со што само ќе нè увери дека секој ден, а не пак месец или година чекајќи да се остварат неговите ветувања, е потрошено време и потрошена самодоверба. Затоа, на Макрон треба да му се каже дека е недобредојден, дека неговите зборови се само пролонгирање на нашата фрустрација и дека преферираме да ги конзервираме нашите впечатоци на некои претходни француски лидери кои имаа повеќе морал и повеќе чувство за нашата држава. А, потоа да ставиме јасна граница меѓу Франција, францускиот народ и оваа злонамерна политика кон Македонија од страна на Емануел Макрон.

И наместо да доаѓа, Макрон подобро да ни објасни  од Париз зошто се развлече толку ратификацијата на протоколот за наш прием во НАТО? Како се случи тоа да се влече со месеци, а баш дента кога се подготвуваше да ни стави вето, протоколот да биде одобрен во францускиот Сенат и да се најавува дека ќе се најде на дневен ред во Собранието? Да ни каже дали е случајно тоа што баш Франција и баш Холандија, двете земји што имаа најголеми резерви за проширувањето, сè уште се влечат со ратификацијата на нашиот прием во алијансата, додека други 24 земји успеаја да го сторат тоа. Да ни кажат колку можеме да им веруваме на зборот, кога Преспанскиот договор што ни го отвори приемот во НАТО го помножија со нула, исто како и заклучокот од минатиот јуни дека ќе ни дадат датум овој јуни, за сега да ни порачаат дека идната година пред мај ќе се навратат, и тоа не на нашите преговори – туку на проширувањето како тема? Ќе расправаат дрн, дрн јариња на висока тема…

А последиците, не од непроширувањето, туку од манипулирањето  со состојбите и со перспективите на Македонија, веќе се огромни. Не само што ни падна владата, не само што ќе ни го врати режимот сменет со улична револуција и  повеќемесечни протести, не само што ни отвори врата за уривање на Преспанскиот договор, туку ни го загрози и гарантираниот прием во НАТО. Ваква штета на Македонија  не ѝ направи ниту еден странски лидер досега, вклучувајќи ги и тие што стоеја зад обидот за државен удар на 27 април. Сигналите за тоа веќе стигнуваат, од дигањето глава на филијалите на турскиот претседател Таип Реџеп Ердоган кои неколку дена роварат со прес-конференции и други активности, па до најавите од ВМРО-ДПМНЕ дека ќе го поништи Преспанскиот договор ако дојде на власт. Кој во вакви околности ќе го финишира приемот на Македонија, ако очекува некоја следна влада макар и да не стави потпис на договорот на кој ќе пишува Северна Македонија?  Молкот на новиот грчки премиер Кирјакос Мицотакис, чиј глас не се слушна целиот самит во Брисел,  исто така не оди во прилог на нејаснотијата што ја чека и втората стратегиска цел на државата.

Од овој аспект, јасно е и зошто првпат по посетата на Колин Пауел за време на Стенковец, ненајавено и навидум без повод дојде првиот дипломат на САД, Мајк Помпео. Знаел што ќе се случи со нашиот датум во ЕУ и како може тоа да влијае на нашето членство во НАТО, па побрзал да испрати сигнал до сите што сакаат да профитираат од новата неизвесност околу нашата држава, создадена од незрелата и кусогледа политика на еден божемен лидер на Европската Унија. Македонија е толку ранета од Макрон што треба јасно да му порача ниту да доаѓа, ниту пак да нè кани на следниот беспредметен самит со Западниот Балкан.