Компанијата „Мастеф“ ќе го гради новиот Луна Парк


Фото: Б. Грданоски

По години најави и одложувања, Скопје конечно се подготвува за изградба на нов современ забавен парк во рамки на Градскиот парк. Проектот, чија вредност се проценува на околу 10 милиони евра, треба да донесе ново место за рекреација, забава и туристичка атракција во главниот град.

Според информациите објавени преку системот за јавни набавки, договорот за реализација на проектот е доделен на компанијата Мастеф, која ќе биде задолжена за проектирање, набавка и поставување на новите реквизити и содржини.

Новиот забавен парк ќе биде поставен на значително поголема површина од поранешниот лунапарк, а ќе опфати и делови од просторот во Градскиот парк кои во минатото се користеа за летни локали и забавни содржини.

Проектот предвидува поставување на дваесетина модерни атракции за деца и возрасни, меѓу кои панорамско тркало, ролеркостер, адреналински реквизити, семејни вртелешки и интерактивни содржини. Покрај забавните елементи, планирани се и пешачки зони, зеленило, фонтани, угостителски објекти и дополнителна инфраструктура за посетителите..

Идејата за изградба на нов лунапарк постои повеќе од една деценија, но проектот низ годините беше прекинуван, менуван и одложуван поради административни и финансиски причини. Со новиот договор, градските власти најавуваат конечно придвижување на проектот и почеток на реализацијата.