Компаниите ги организираат вработените за да нема застој во работењето 


Компаниите кои имаат потреба да ја реорганизираат својата работа во смени, тоа да го направат за да нема застој во работењето, а работниците кои имаат деца до 10 години да соработуваат во реорганизацијата, порачуваат од Владата

 

Во очекување на конкретни мерки за поддршка на бизнисот од страна на Владата, стопанствениците полека ги расчистуваат дилемите кои ги имаа по објавување на владините мерки, а се однесуваат на отсуства на дел од вработените. Најгласни за ваквите дилеми беа од Делегацијата на германското стопанство во земјава од каде што тоа и јавно го посочија.

Една од мерките на Владата за сузбивање на опасноста од ширење на корона вирусот овозможува родителите кои имаат деца на возраст до десет години да отсуствуваат од работа додека трае прекин на наставата во училиштата и додека не работат градинките, што значи во наредните 14 дена. Тоа, меѓутоа, соочи повеќе фирми со проблеми во извршување на редовните дејности. Има примери на редуцирано работно време, затворање на филијали, но се чини уште покомплицирано е во производствените погони.

„Владата препорачува на приватниот сектор да се придржува до предложените мерки, но не ги обврзува на тоа. Смета дека компаниите треба самостојно да направат реорганизација на своите вработени, оние кои имаат дете до 10 годишна возраст кое посетува градинка или училиште и доколку нивниот партнер е вработен во државна институција во целост треба да продолжат со своите работни обврски, доколку и двајцата родители работат во приватен сектор тогаш треба да им се понуди на вработените можност да ја заменат својата смена со цел другиот родител да пристигне од работа и да ја преземе грижата за детето“, вели во денешната утринска телеграма Патрик Мартенс, директор на Делегацијата.

Тој нагласува дека во никој случај не се поддржува недоаѓање на работа и одбивањето да се прифати дадениот предлог од работодавецот на работникот за замена на смена.

„Работодавецот не носи кривична одговорност доколку понудил решение на работникот каде што тој ќе може да го згрижи своето дете, но и ќе ја заврши својата работна обврска“, вели Мартенс и додава дека информацијата официјално ќе биде споделена со јавноста на конференција за медиуми во сабота.

Ваквиот став на Мартенс е потврда и на она што го изјави вицепремиерката Мила Царовска вчера на средба на владиниот тим со стопанските комори.

„Компаниите кои имаат потреба да ја реорганизираат својата работа во смени, тоа да го направат за да нема застој во работењето, а работниците кои имаат деца до 10 години да соработуваат во реорганизацијата. Исто така ги повикуваме компаниите кои имаат можност да ја организираат својата работа од дома и со тоа да го спречат ширењето на корона вирусот“, рече Царовска.

Бизнисот исто така се погласно бара поддршка од владата со цел да се премости наредниот период, кога се влошува ликвидноста на фирмите. Од Владата велат дека се во постојана координација со бизнис секторот и дека ќе реагираат навреме.

Вицепремиерката Мила Царовска вели дека економскиот тим ги разработува економските мерки согласно параметрите во буџетот и приливите во буџетот од економијата и се во секојдневната комуникација со стопанските комори со кои се разгледуваат можностите за интервенција.

„Имаме одредени сектори чие учество во БДП е многу ниско, но сепак во мерките ги вклучуваме тие сектори за да не се чувствуваат загрозени. Многу скоро тие мерки ќе бидат ставени на располагање. Дел од компаниите ќе ги искористат, дел од нив не, зависно дали во моментот се ликвидни, дали се чувствуваат загрозени или не“, изјави Царовска во гостувањето на телевизија „Алсат“. Таа рече и дека се разгледуваат опциите да им се помогне на хотелите кои во овој период ќе имаат одреден застој. Сепак, за конкретните мерки, повлекување одредени финансиски средства, ослободувања или одложувања на плаќање придонеси или даноци, Царовска посочи дека се е во рамки на дневна дискусија и со стопанските комори и со стопанските ресори.

„Да не избрзаме со одредени одлуки, заради тоа што ако ситуацијата се сведе на дневно ниво и само паушално се препорачуваат работи, тогаш ќе имаме мерки какви што имавме до пред три години. Нешто кое што ви изгледа навидум дека е корисно, но притоа не ги дава ефектите“, рече таа. Царовска нагласи дека со субвенционирање на платите, владата ја дизајнирала мерката за да помогне на економијата, да исплати минимална плата и да не се почувствува и дека таа била креирана заедно со работодавците.

„И овие мерки се работат заедно со стопанските комори“, рече Царовска.

Инаку, по средбата помеѓу претставници на Владата и на државни институции, со стопанските комори во земјава немаше информација дали се договорена конкретни мерки за поддршка. Од Владата соопштија дека ширењето на корона вирусот е заеднички проблем и дека проблемите заеднички треба да ги решаваат.

„Во оваа ситуација за решавање и ублажување на проблемите кои евентуално би се појавиле во иднина сме заедно и заедно ги подготвуваме сите мерки кои ќе помогнат да немаме застој во економијата и нема да пречат во продолжување на работниот процес на компаниите“, изјави премиерот Оливер Спасовски. Тој додал дека Владата ќе продолжи со комуникацијата и координацијата со стопанските комори и ќе излезе во пресрет на реалните потреби за поддршка во одредени сектори доколку за тоа има потреба.

Според Мартенс на средбата со Владата добиле уверување дека со оглед дека кризата се случува на почеток на календарската година има можност да се направи ребаланс на буџетот и пренамена на средствата. (М.Ј.)