Комерцијална банка со позитивен финансии резултат од 23,6 милиони евра во првите три месеци годинава, за 2,8 отсто повеќе од лани


Водечката банка во земјава, Комерцијална банка Скопје во првите три месеци годинава оствари позитивен финансии резултат од 23,6 милиони евра што е за 2,8 отсто повеќе од лани, објави денеска банката  Во коментарот за неревидираниот биланс се вели дека планираната бруто-добивка за првиот квартал од годинава е остварена со 115,4 отсто  

Во продолжение проследете го известувањето што Комерцијална банка го достави до Македонската берза. 


Биланс на успех

Во периодот од 01.01. до 31.03.2026 година Банката од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 1.455,8 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 1.416,5 милиони денари, што претставува зголемување за 2,8 %. Планираната бруто-добивка за првиот квартал од годинава е остварена со 115,4 %. Позитивниот резултат од работењето е остварен во услови на зголемени ризици од надворешното окружување и зголемена неизвесност и непредвидливост предизвикана од избувнувањето на најновиот воен конфликт на Блискиот Исток, што предизвика значително нарушување на снабдувањето со нафта во светот и раст на цените на енергенсите, со реална можност за понатамошни неповолни движења на истите, како и пролонгирана неизвесност, раст на општото ценовно ниво и полоши економски изгледи, вклучително и во рамки на домашната економија.

Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 7,5 % повисока во однос на истиот период минатата година. Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемените останати приходи, нето-приходи од провизии и зголемените нето-приходи од камати.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 2.154,8 милиони денари и бележат зголемување од 6,4 % во однос на истиот период минатата година.

Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и истите се зголемени за 2,1% во однос на истиот период минатата година. Планот е исполнет со 102,0 %. Приходите по основ на камата бележат зголемување за 3,2 %, при што најголем пораст бележат приходите од камата остварени од секторот држава поради зголеменото вложување во државни хартии од вредност. Пораст бележат и приходите од камата од домаќинствата и нефинансиските друштва како резултат на зголемените пласмани.

Расходите по основ на камата бележат зголемување од 10,8 % поради зголемените орочени депозити споредено со истиот период минатата година. Нето каматната маржа на ниво на Банката е намалена од 3,6 % на крајот од првиот квартал од минатата година, на 3,45 % на 31.03.2026 година.

Нето-приходите од провизии и надоместоци на 31.03.2026 година изнесуваат 384,8 милиони денари и во однос на истиот период минатата година бележат зголемување од 14,9 % како резултат на зголемен обем на работење со клиентите во повеќето деловни активности, во услови на извршени намалувања на надоместоците од доменот на платежните услуги во земјата. Планот за анализираниот период е остварен со 128,3 %.

Нето-приходите од курсни разлики на 31.03.2026 година изнесуваат 97,5 милиони денари и бележат намалување од 13,9 % во однос на истиот период минатата година, додека Планот за анализираниот период е остварен со 107,1 %.

Останатите приходи од работењето на Банката на 31.03.2026 година изнесуваат 158,9 милиони денари и бележат зголемување од 82,1 % во однос на истиот период минатата година, во најголем обем поради зголемен износ на реализирана капитална добивка од продажба на преземен имот по основ на ненаплатени побарувања. Планот е остварен со 63,9 %.

Оперативните расходи за периодот 01.01.– 31.03.2026 година изнесуваат 573,1 милион денари и во однос на истиот период минатата година се зголемени за 3,6 %, во најголем дел како резултат на зголемениот износ на плати и други трошоци за вработените, а во помал обем и поради зголемената амортизација. Планот е остварен со 76,9 %.

Нето исправката на вредност на финансиските средства заклучно со 31.03.2026 година изнесува 125,9 милиони денари и бележи зголемување од 152,9 % во однос на истиот период минатата година кога изнесуваше 49,8 милиони денари. Зголемувањето кај исправката на вредност на финансиските средства главно се должи на промената на ризичната категорија кај одредени клиенти на Банката – правни лица. Ваквата промена е вградена во планските проекции за 2026 година, така што планот за трите месеци е остварен со 83,0%.

Биланс на состојба

Вкупната актива на Банката на 31.03.2026 година достигна износ од 197.355,4 милиони денари и во однос на декември 2025 година бележи зголемување од 2,5 %.

Зголемувањето во најголем обем се должи на зголемените парични средства, зголемените вложувања во хартии од вредност, а во помал обем и поради зголемените кредити на комитенти. Планот е остварен со 101,2 %.

Паричните средства и паричните еквиваленти бележат зголемување од 8,2 %, во најголем обем поради зголемената состојба на паричните средства на сметката на Банката, а во помал дел и поради зголемените орочени депозити во странски банки со рочност до 3 месеци. Планот е остварен со 105,2 %.

Финансиските средства по објективна вредност преку Билансот на успех определени како такви при почетното признавање во износ од 389,2 милиони денари, се состојат од вложувања во удели во инвестициски фондови кои се зголемени како резултат на пазарното вреднување на уделите на КБ Инвест балансиран и паричен.

Кредитите на и побарувањата од банки бележат намалување од 10,8 % како резултат на намалената состојба на орочените депозити со рочност од 3 месеци до 1 година во валути EUR и CAD. Планот е исполнет со 87,1 %.

Кредитите на и побарувањата од други комитенти бележат зголемување од 0,5 % како резултат на зголеменото кредитирање кај секторот домаќинства. Планот е остварен со 99,2 %.

Вложувањата во хартии од вредност се зголемени за 6,1 %, како резултат на поголемизнос на запишани од достасани државни обврзници. Планот е остварен со 107,9 %.

Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања бележат зголемување од 18,5 % по основ на платен и капитализиран данок на промет на недвижности на дел од преземениот имот. Истите имаат незначително учество во вкупната актива.

Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) изнесуваат 167.590,5 милиони денари и бележат зголемување од 1,7 % во однос на декември 2025 година, во најголем обем како резултат на зголемените депозити на нефинансиските друштва и нерезидентите. Планот е остварен со 100,5 %.

Обврските по кредити изнесуваат 3.437,7 милиони денари и во однос на декември 2025 година се зголемени за 1,1 % како резултат на нето-ефектот од нови повлекувања и отплатени доспеани рати од кредитните линии. Во извештајниот период се повлечени средства од кредитната линија на РБСМ – транша 10 и 11 од Унгарскиот кредит наменет за компании и од кредитната линија на EBRD GFF (Green Finance Facility) наменета за финансирање проекти коишто овозможуваат поттикнување инвестиции на МСП во високи технологии и услуги коишто ја подржуваат зелената економија во РСМ. Планот е остварен со 100,9 %.

Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 31.03.2026 година достигнаа износ од 21.476,4 милиони денари и во однос на декември 2025 година бележат намалување од 6,9 % како резултат на намалување на задржаната добивка.

Согласно Одлуката за употреба и распоредување на нераспределената добивка од 2025 година усвоена на Собранието на акционери одржано на 27.03.2026 година, дел од нераспределената добивка од 2025 година во износ од 5.077,3 милиони денари е прераспределен во резервен фонд на Банката (1.600,6 милиони денари), 400 милиони денари се распределени во задржана добивка за инвестициски вложувања, а 3.076,7 милиони денари се префрлени во позиција останати обврски и ќе бидат исплатени како дивиденда на акционерите во месец мај 2026 година. Исто така, во јануари по пат на јавна понуда се продадени откупените сопствени акции на Банката стекнати по основ на правосилно судско решение за намирување на побарувања од стечаен должник (558 акции во износ од 13,4 милиони денари), при што е евидентирана премија од акции. Планот е реализиран со 91,6 %.

Очекувања за претстојниот период

Макроекономските услови во кои Банката ќе ја остварува својата активност во текот на 2026 година се условени од сѐ уште неизвесниот и непредвидлив глобален амбиент, индиректните ефекти од царините воведени од САД на македонската економија преку земјите од ЕУ, како и очекуваните инфлаторни притисоци како резултат на најновите неповолни случувања на Блискиот Исток .

Иако генералните очекувања се дека движењата на домашната економија ќе ја задржат позитивната насока, притисоците и неизвесностите во рамки на глобалната економија упатуваат на потребата од внимателен пристап во обликувањето на очекувањата за остатокот од 2026 година, при што се земени предвид проекциите објавени од Министерството за финансии, Народната банка на Република С Македонија, ММФ и Светската банка.

Очекувањата за стапката на раст на БДП според меѓународните финансиски институции се дека таа ќе изнесува околу 3 % за 2026 година, додека од страна на Министерството за финансии и Народната банка на Република С Македонија се пооптимистички и се проектирани на околу 4 %. Во однос на структурата на растот, се очекува главен двигател да остане домашната побарувачка, односно растот на бруто инвестициите и домашната потрошувачка. Во 2026 година се очекува бруто инвестициите да остварат раст од 8,4 % на реална основа, додека за личната потрошувачка проектираниот просечен раст изнесува 2,6 % поддржан од растот на расположливиот доход и понатамошниот раст на кредитирањето. Јавната потрошувачка ќе остане со умерен раст од 1,4 %. Извозот се очекува да оствари просечен раст од 4,7 % а увозот од 4,9 %, односно намален придонес на нето-извозот кон растот.

Макроекономската стабилност ќе продолжува да се остварува преку одржување на ценовната стабилност и стабилноста на номиналниот девизен курс на денарот во однос на еврото. Според последните податоци од ДЗС, инфлацијата за 2025 година изнесува 4,1 % на просечна основа, додека годишната стапка на инфлација во март 2026 година достигна 3,7%. Сепак, имајќи ги предвид последните неповолни случувања на Блискиот Исток и прекините во снабдувањето со енергенти од земјите од Персискиот Залив, ризиците кон идната динамика на инфлацијата се зголемени, а соодветно на тоа и нивното влијание врз стапката на раст на БДП, дефицитот на тековната сметка и поставеноста на каматните стапки. Согласно новата монетарна рамка усвоена на крајот на 2025 година, НБРСМ во текот на првиот квартал од 2026 година ги задржа каматните стапки на благајничките записи и на расположливиот депозит преку ноќ на 4,00 % и 3,50 % соодветно, додека понудата на наредните аукции ќе се утврдува согласно проектираната промена на ликвидносната позиција на банкарскиот систем на неделна основа.

Очекувањата се дека во текот на 2026 година банкарскиот систем ќе продолжи да обезбедува кредитна поддршка во услови на заострени регулаторни барања (зголемување на противцикличниот заштитен слој на капиталот, заострени макропрудентни показатели, зголемени обврски и стапки на задолжителната резерва во денари и девизи, подготовки за исполнување на минималната стапка на сопственисредства и минимални обврски и нова оперативна рамка на монетарната политика). Во март 2026 година кредитната активност порасна за 13,1 % на годишно ниво, при што кредитирањето на домаќинствата се зголеми за 11,5 %, а кредитирањето на нефинансиските друштва за 15,0 %. Вкупните депозити беа повисоки за 11,3 % на годишно ниво, одразувајќи раст кај депозитите на домаќинствата од 11,0 % и кај корпоративните депозити од 13,7 %. За периодот 2026 – 2028 година проекциите на кредитниот раст се предвидени со релативно помала динамика на раст во споредба со 2025 година, или 7,3 %, во просек, додека растот на вкупните депозити е проектиран со просек од околу 7,6 % годишно.

Комерцијална банка ќе ги презема сите неопходни активности за прилагодување кон новонастанатите состојби, при што и во следниот период ќе биде фокусирана пред сѐ на одржување на квалитетот на портфолиото и на изнаоѓање флексибилни решенија на барањата на клиентите, ефикасно управување со трошоците, натамошна дигитализација на процесите и модернизација на деловната мрежа, натамошно усогласување со техничките барања за процесирање на плаќањата преку единствената европска платежна област – СЕПА, прилагодување на деловните процеси во согласност со барањата на регулативата за платежни услуги и платни системи, како и со новата регулатива за заштита на потрошувачите, регулативата за финансиски инструменти и обврски за транспарентност за издавачите на хартии од вредност, унапредување на доброто корпоративно управување и на практиките за одржлив развој, имплементација на систем за управување со ризиците од климатски промени и сл.

 Исплатени дивиденди

Во извештајниот период Банката објави повик за учество на Годишно собрание на акционери, кое се одржа на 27.03.2026 година. Составен дел на материјалите за Собранието се и Одлуката за употреба и распределување на нераспределената добивка до 31.12.2025 година и Одлуката за определување на износот на дивидендата и датуми на исплата на дивиденда за 2025 година. Согласно наведените одлуки, износот кој Банката ќе го издвои за дивиденда за обични акции е 3.076.740.450,00 денари. Датумот на евиденција според кој ќе се определи листата на акционери кои имаат право на дивиденда е 14.04.2026 година. Согласно Одлуката, предложениот износ на бруто- дивидендата по една акција е 1.350,00 денари, односно 135,0 % од номиналната вредност на акцијата и истиот бележи пораст од 8,0% во однос на дивидендата за 2024 година. Предвиден датум за започнување со исплата на дивидендата е 04.05.2026 година.