Колку малтретирање можат да истрпат членовите на ВМРО-ДПМНЕ од Мицкоски?


СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

Речиси стануваат за жалење верните членови на некогаш најмоќната политичка партија во земјата кои се доведени во ситуација да следат лидер кој самиот не знае каде ги води

 

Се гледаме на улица, е најновиот слоган на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со кој ја води најголемата опозициска партија во политичка провалија, бидејќи вакво маестрално губење време не е видено во поновата македонска политичка историја. Ниту се знае кога треба да се протестира, ниту се знае за што да се протестира, ниту има континуитет во ставовите за кои се протестира, ниту пак има проценка колку малтретирање од ваков тип може да истрпи членството на оваа партија кое, ако може да им се верува на тие што бараат оставка од Мицкоски, драматично се осипува поради ваквите политички импровизации на лидерството. Речиси стануваат за жалење верните членови на некогаш најмоќната политичка партија во земјата кои се доведени во ситуација да следат лидер кој самиот не знае каде ги води.

В сабота ВМРО-ДПМНЕ пак ќе биде на улица да бара правда, а ниту еден неутрален граѓанин нема разбирање за каузата за која ќе излезат повторно на улица. Напротив, СДСМ изгуби илјадници гласови токму поради тоа што во првиот мандат немаше пресуди против вмровски екс-функционери кои беа обвинети за корупција. Впечатокот е дека ВМРО-ДМПНЕ сѐ повеќе живее надвор од реалноста, во некој свој филм, а театарот на кој сме сведоци секоја недела, па и секој ден, служи само за да се измамуваат сопствените членови.

Ни трошка нема од визиите на Љупчо Георгиевски, исправни или не, со кои ја внесе на јуриш на политичката сцена оваа партија во најтешките денови за Македонија, кога се решаваше дали ќе биде независна држава. Ни трага нема од организациските способности на Никола Груевски кој, покрај сите зла што ги направи во земјата, барем знаеше да раководи со партијата. А, сега, жално е да се гледаат искусните партиски членови како мора да учествуваат во сите глупости што ќе ги смисли Христијан Мицкоски, а пред сѐ барањето правда и негласањето за одлуките за вонредна сосотојба кои се свршен чин, односно беа и поминаа.

Вакво маестрално бркање ветерници, како ова последното, исто така не е видено ни од ВМРО-ДПМНЕ. Откако самите лицитираа со кризни, вонредни и слични состојби, откако наддаваа колку повеќе економска помош да им се подели на компаниите и граѓаните, откако и нивните фирми зедоа од корона парите (па и нивниот финансиер Орце Камчев), сега Мицкоски и тие околу него тврдат дека многу пари биле потрошени, дека помошта не дала резултати, дека вонредната состојба била злоупотребена… И да е така, да беа асална политичка партија тоа ќе го претпоставеа уште кога Мицкоски седеше на лидерските средби и бараше и гласаше да биде воведена вонредна состојба практично во пресрет на парламентарните избори.

Политиката што ја води Мицкоски откако ја презеде лидерската функција практично не е вредна веќе ни за посериозни анализи. Откако стана претпознатлив дека ни за едно прашање нема јасен став (ќе учествува или не на референдумот за името, сака ли во ЕУ или не, сме влегле во НАТО или не, ќе го менува ли договорот од Преспа или не, треба ли да им се даваат пари на компаниите или не, може ли да биде независно судството ако ВМРО-ДПМНЕ го именува јавниот обвинител, па до тоа кому ги продал хидроцентралите…), сега станува претпознатлив и по друга карактеристика – ветува нешто па не исполнува, прифаќа договор па го опструира или спори нешто што е апсурдно да се оспорува, како овие одлуки за вонредната состојба. Зашто, практично на сите ни беше јасно дека без нив немаше начин како да функционира државата. А, немаше бидејќи Мицкоски се согласи да се одложи датумот на изборите, но не сакаше потоа да се свика парламентот да ги презакаже бидејќи неговите советници за уставно право твдреа дека тоа е невозможно. По изборите спореше дека Собранието воопшто е конституирано, неговата партија за првпат во историјата не гласаше за избрани преставници од народот поради некакви правни небулози, а сега најавува импичмент на претседателот Стево Пендаровски, иако тој со недели ги молеше политичките лидери да се договорат како да се излезе од политичката блокада во која се најде земјата со одложувањето на изборите, за да не мора вечно да ја пролонгира вонредната состојба. Колку Мицкоски владее со политичката ситуација сепак покажа најмногу со тврдењата дека на изборите ВМРО-ДПМНЕ ќе победи со над десет пратеника, а изгуби како никогаш досега.

Ваков маестрален аматеризам никогаш не бил својствен за најголемата опозициска партија. И тоа не би било проблем, ако ВМРО-ДПМНЕ не е партија зад која стојат голем број граѓани во Македонија и ако таа не е дел, покрај другите, од политичкото милје кое треба да ја направи земјата вистинска демократија, со силна, моќна и кредибилна опозиција. На македонските граѓани не им е во интерес најмоќната опозициска партија на ваков начин да се самопонижува, така што станува сѐ повеќе предмет за чудење отколку за почит. Опструкцијата и политичката деструкција со која се опседна актуелното лидерство на ВМРО-ДПМНЕ не е политика, а уште помалку визија. Тоа е губење време, енергија и потенцијал, пред сѐ на своите членови, а потоа и на сите нас. Во вакви тешки времиња, кога сите бизниси трпат штета и се борат за опстанок, и блокирањето на главната улица во Скопје секоја недела од страна на ВМРО-ДПМНЕ за да бараат правда е тешко промашување како политика. Блокадата пак на парламентот така што со денови ќе се расправа за вонредните состојби што не ги ни паметиме и без да се знае со каква цел, (претседателските избори се далеку, а за локалните оваа тема е нерелевантна), е уште една порака дека е загубен компасот во оваа партија.

Апсурдноста на ваквата одлука најдобро ја сумираше вчера екс министерката Рената Треневска-Дескоска.

„За што би покренале импичмент? За одлуките за прогласување на вонредна состојба? Па сите тие одлуки поминаа пред Уставниот суд кој одлучи дека не се неуставни. А претседателот може да одговара единствено за кршење на Уставот и законите. Што ќе докажува опозицијата сега? Дека има кршење на закон за вонредна состојба, кој не постои?! Апсурд!

Затоа ‘дебатава‚ за импичмент наликува на она ‘нишајте го бродот за нешто да се случува‚. Доста е деструкција! Доста е празно политиканство! Граѓаните очекуваат напредок на реформската агенда. А списокот со задачи на таа агенда е долг“.