Колку ќе платите ако ве фатат без возачка дозвола?


Фото: Б. Грданоски

Доколку возач на моторно возило биде сопрен од полиција и нема возачка, сѐ што му следува е глоба, а висината на казната зависи од тоа дали возачот воопшто не положил, ја заборавил или му била одземена возачката дозвола поради претходен прекршок во сообраќајот.

Оние кои возат, а воопшто не положиле за возачка дозвола ќе платат 250 евра во денарска противвредност иако Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата вели дека „Со моторно возило или со возило на моторен погон во сообраќајот на патот самостојно може да управува само лице кое има важечка возачка дозвола издадена во Република Македонија, странска возачка дозвола или меѓународна возачка дозвола, во која е впишана категоријата во која припаѓа моторното возило.“

Законот понатаму предвидува „кога управува со моторно возило, возачот е должен кај себе да има важечка возачка дозвола и возачка книшка и истите е должен да ги покаже на барање на полициски службеник“.

Во ставот (16) од истиот член од Законот е предвидена глоба за учесниците во сообраќајот кои управуваат моторни возила, а за време на упавувањето кај себе ја немат односно не ја носат возачката дозвола и тоа, „прекршочен платен налог со глоба во износ од 100 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на возачот кој постапува спротивно на одредбата од ставот (1) на овој член“.

Доколку пак, поради претходен прекршок возачката дозвола му е одземена на возачот, а тој сепак е сопрен од полицаец додека вози, „во член 342 од истиот закон е регулирано управувањето на возило за време на запишана прекршочна снакција забрана за управување со моторно возило, се вели дека возачот „не смее во сообраќајот на пат да управува со моторно возило за време на траењето на забраната, односно за времето за кое возачката дозвола му е одземена’.

Во ставот (4) од истиот член е предвидена глоба за учесниците во сообраќајот кои управуваат моторни возила за време на запишана прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило и тоа, „глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот кој постапува спротивно на одредбата од ставот (1) на овој член“.

Покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на управување со моторно возило од шест месеци до една година, под услови и постапка утврдени со закон.

При контролата полицискиот службеник покрај увидот во личните документи на граѓанинот, врши и проверка во евиденциите на Министерството за внатрешни работи за утврдување дали истиот поседува возачка дозвола, има запишано мерки и ограничувања и слично.

Според последниот полициски билтен, изминатиот месец биле изречени 23.844 санкции за возачи, а дури 7.437 возеле побрзо од дозволеното.

Во текот на минатиот месец февруари 2025, како резултат на планските континуирани сообраќајни контроли низ патиштата во земјава, од сообраќај вкупно беа отстранети 2.059 возачи што управувале возила без возачка дозвола, 617 возачи кои возеле под дејство на алкохол, додека пак дури 7.473 возачи добиле прекршочни казни заради возење со поголема брзина од дозволената… Од вкупниот број издадени платни налози, а тој за февруари месец изнесува 23.844, 1.508 платни налози се однесуваат на некористење сигурносен појас, 766 за користење на мобилен телефон при возење, а санкционирани се и 475 пешаци. Најголем број од прекршочните пријави се за неправилното паркирање 5.746 прекршоци.

Инаку, во рамки на засилените контроли за деновите од изминатиот викенд, според статистичките показатели, полициските службеници во сите сектори за внатрешни работи при БЈБ на МВР изрекле вкупно 1.278 платни налози и притоа без возачка дозвола биле затекнати 126 возачи, а пак 144 возачи возеле под дејство на алкохол. Исто така, евидентирани се и 238 прекршоци по основ на пребрзо возење, 79 лица не користеле сигурносен појас, 37 возачи користеле мобилен телефон, 14 минале на црвено светло, а прекршочно биле санкционирани и петмина пешаци.(Б.Б.)

 

Десетици илјади луѓе возат без возачка дозвола. Глобата е единствената казна