Кој победи кај Македонците и чии беа гласовите од Албанците?


Електоратот покажа извонредна зрелост на шестите претседателски избори потврдувајќи го со исполнетиот цензус граѓанскиот концепт на заедничко дејствување кон евроатлантската иднина на земјата, оценуваат аналитичарите. Општа е оценката дека изборниот процес мина во фер и демократска атмосфера, иако опозицијата фрла прав во очи зборувајќи за некаков „изборен инженеринг“ и „делегитимизација на власта“. Во двата изборни круга, според оценките, се испратени сериозни лекции од кои партиите и институциите можат да извлечат корисни поуки.

„Резултатите од изборите им даваат за право на сите учесници да бидат задоволни, но и да подразмислат за своето идно политичко дејствување и поведение“, оценува пратеникот од ПДП во првите два парламентарни состави, Насер Зибери.

Деструктивната опозиција, оценува тој, сега одигра конструктивно во насока на обезбедување на цензусот спречувајќи на тој начин нови политички превирања што во секој случај овозможува постабилно и поспокојно чекорење кон евроатлантските структури.

„На бранот на незадоволството кај многумина од промената на името и нереализираните ветувања на власта ВМРО-ДПМНЕ со својата кандидатка Гордана Силјановска-Давкова оствари солиден резултат со освоените близу 380.000 гласа. Партијата на некој начин ја премостува тешката криза во која западна и која се потврди со катастрофалниот пораз на локалните избори. ВМРО-ДПМНЕ несомнено покажува дека ќе претставува сериозен конкурент на владејачката структура на следните парламентарни избори. Но, она што е погубно за нив е концептот за целосна факторизација на македонските гласачи, наспроти албанскиот електорат кој практично не постои во нивната политичка визура. Една суицидна стратегија која од нејасни причини не се ни обидуваат да ја променат. Ќе мора нешто сериозно да направат во најбрз рок за да почнат да ја менуваат перцепцијата кај Албанците која во моментов е бетонирана и јасно гласи дека тие од овој политички субјект не се третирани како рамноправни граѓани“, вели Зибери.

Мал поглед кон изборните резултати покажува одредена нестабилност на партиите кои учествуваа на изборите. Пендаровски извојува чиста победа, го освои и главниот град со околу 12 илјади гласа предност, но ВМРО-ДПМНЕ, кој доминираше пред во источниот дел од земјата, сепак, има предност во 42 општини, наспроти 38-те на СДСМ. За споредба, во првиот круг ВМРО-ДПМНЕ водеше во 48 општини, што беше изненадување за многумина бидејќи на локалните избори оваа партија успеа да добие градоначалнички места во само пет општини.

СДСМ, од друга страна, во вториот круг врати шест од општините што ги загуби во првиот круг. Владејачката партија освои повеќе гласови во Бутел, Радовиш, Брвеница, Јегуновце, Демир Хисар и Ранковце. Сепак, разликата во овие општини е многу мала. На пример во Бутел разликата во гласови е само 22 гласа во корист на Пендаровски, а во Радовиш само 26 гласа за Пендаровски.

Убедливата разлика на Пендаровски ја носат петнаесетте општини со мнозинско албанско население. Во тие средини тој освои 113.655 гласа, односно дури 57 илјади гласа повеќе отколку во првиот круг. Силјановска, пак, во вториот круг во петнаесетте општини со мнозинско албанско население освои само 5.418 гласа повеќе во вториот круг во споредба со првиот. Таа вкупно во овие општини освои 33.542 гласа. Разликата во некои општини е огромна. На пример, во Боговиње, Силјановска освоила само 53 гласа, додека нејзиниот противкандидат Пендаровски 4.450. Во Липково Пендаровски добил 6.542 гласа, а кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ само 53. Во Чаир, пак, Пендаровски има 12 илјади гласа предност, во Арачиново три, во Студеничани над 4.000.

Во трите поголеми града со доминантно албанско население Тетово, Струга и Гостивар излезеноста речиси беше иста како и во првиот круг. Во Тетово Пендаровски освои 16.544, а Силјановска само 6.400. Во Струга Пендаровски оствари предност од над 6.000 гласа, а во Гостивар 8.000.

Ваквите резултати беа доволни владиниот партнер на СДСМ, ДУИ, да се самопрогласи како решавачки фактор на изборите. Партиските првенци лицитираа дури и со бројка од 120.000 гласа кои, наводно, ги насочиле кон Пендаровски. Од Алијансата за Албанците, чиј кандидат Блерим Река во првиот круг освои 80.000 гласа, пак, рекоа дека стоте илјади албански гласови во вториот круг се на сите партии.

Ваквите изјави вчера испровоцираа и реакција од премиерот Заев: „Да не се чаталиме многу, никој не ги носи гласовите на граѓаните во џеб, ниту политичарите ниту партиите. Видовме дека во изборот на претседател имаа влијание гласовите од сите етнички групи и партии и Стево Пендаровски ќе биде претседател на сите граѓани. Им се заблагодарувам и на гласачите на Блерим Река и на двете опозициски партии кои ги ослободија гласачите да излезат и да гласаат за да избереме претседател“.

Иако во дел од албанските средини одѕивот во вториот круг се зголеми (Арачиново осум отсто, Липково девет, Студеничани 11 отсто…), сепак, според Зибери, тоа не е бројка која би го сменила впечатокот за апатијата кај албанскиот електорат.

„Апстиненцијата кај албанските гласачи е сериозна. Таа покажува дека тие не се задоволни од политичките структури кои ги претставуваат, иако гледаме како секоја партија сака да ја претстави како свој успех победата на Пендаровски. Но една посериозна анализа покажува дека тие немаат некакво забележително помрднување во рејтинзите. Доколку продолжи ваквото нивно политичко поведение се отвора простор за некаква трета алтернатива, но и можност СДСМ целосно да доминира со тој дел од електоратот“, вели Зибери. Тој забележува дека не е време за триумфализам, туку за макотрпна работа на планот на реформите, сузбивањето на корупцијата и непотизмот.

„Резултатите кажуваат дека власта едноставно нема карт бланш. Довербата треба постојано да се заслужува. Факт е дека социјалдемократите со своите коалициски партнери успеаја во вториот круг да го мобилизираат своето гласачко тело. Во одредена мера на тоа влијаеше и најавата на премиерот Зоран Заев за проветрување во владините и партиските редови, па и фрлената ракавица за предвремени парламентарни избори доколку не се оствари цензусот или победи Силјановска. Но, тие најави за смена на оние кои потфрлиле ќе мора да се реализираат, инаку казната што ќе следи ќе биде сурова. Крупните чекори на меѓународен план се поздравени од прогресивниот дел на општеството, но се бара и забрзување на реформите на внатрешен план – два паралелни процеси кои треба да донесат просперитет, подобра економска состојба и стандард. Цврстиот евроатлантски курс, пак, кој беше потврден на овие избори треба да биде награден од меѓународната заедница, освен со влезот во НАТО и со конечно добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ“, порачува Зибери. (Н.К.)