Кои се руските манири на Бугарија што ги препозна Ковачевски?
Румен Радев тврди дека во Бугарија има луѓе што се декларираат како Македонци, дека сите нивни човекови права се испочитувани, а во исто време бугарската држава одбива да ги исполни пресудите на судот во Стразбур
Бугарските политичари тргнаа во нова серија провокации, откако премиерот Димитар Ковачевски на меѓународна сцена, на самитот на Советот на Европа, им порача дека кон Македонија се однесуваат како Русија кон Украина, посочувајќи дека земја која во континуитет и со години добива пресуди од Стразбур за непочитување на правата на македонското малцинство нема кредибилитет да нѐ обвинува за дискриминација на трите илјади Бугари.
Ова е првпат од 2017 година, кога беше потпишан Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, македонски политичар на власт јавно да го отвори прашањето за непочитувањето на правата на Македонците во Бугарија, нешто за што стои и во билатералниот договор дека Македонија не треба да го практикува, односно да не се меша во внатрешните работи на Бугарија. Овој гест очигледно испровоцира гневна реакција во Софија, од каде, сепак, акцентот го ставија на, за нив навредливата споредба со Русија, држава од чија политичка школа произлегоа додека нас нѐ обвинуваат за комунистичкото наследство од Југославија.
Тоа што го кажа Ковачевски сепак се однесува на дел од пораките што ни ги упатува Софија последните недели, иако има многу повеќе материјал за руските манири на Бугарија кон нашата држава. „Независен“ веќе пишуваше за опасното поклопување на бугарската реторика за Македонија со руската за Украина, но добро е да се навратиме.
Иако е далеку помислата дека Софија некогаш ќе преземе политички одлуки како тие што ги прави сега Москва, бидејќи е многу подемократска земја, споредбата покажува колку бугарската реторика и аргументи во спорот со Македонија се дел од бившата советска комунистичка матрица за создавање изговори која очигледно фатила длабоки корени во тогашниот дел од Европа.
Па, така, и бугарските политичари како Путин подолг период со изјавите звучеа како изневерена љубовница која направила за нас сѐ, а ние возвраќаме со говор на омраза и неприфаќање.
Бугарија во тој стил повторува со години дека прва ја признала нашата држава (иако не го признава народот и јазикот) и дека ни помогнала кога би било најпотребно (2001), а ние сме возвратиле со говор на омраза.
Путин, исто како Софија за Македонија, тврди дека Украина никогаш не била изворно држава и дека ја создале болшевиците, т.е. Владимир Илич Ленин, чии пак споменици ги разурнале подоцна. Поедноставно кажано, и тој тврдеше дека Украина е вештачки создадена држава и дека да не бил СССР немало ни да биде постои во границите во кои е денес.
Путин, исто така, ги пушти своите „администратори“ да го чуваат мирот во Донецк и Луганск, како што Бугарија тврди дека нѐ ослободувала од фашизмот, место обратно.
Путин патетично се пожали, исто така, дека Западот и НАТО не ја сакаат Русија за пријател, како што официјална Софија нон-стоп се жали дека од таму доаѓа само поддршка и помош, а ние возвраќаме со говор на омраза и антибугарска пропаганда.
Путин ја оправда воената инвазија на окупираната украинска територија со потребата да го заштити загрозеното руско малцинство таму (кое брои 17 отсто во целата Украина), како што бугарските политичари сакаат сега да го заштитат нивното малцинство кај нас барајќи да влезе во Уставот, да му се даде квота за вработувања во администрацијата и високи функции во судството и во институциите на државата.
И Путин им даде околу 800.000 пасоши на жителите на окупираните територии во Украина, како што Софија секој ден дели некому пасоши од Македонија, па и на тие што до вчера тврделе дека никогаш нема да аплицираат за бугарско државјанство, на криминалци и други пребегнати поради страв дека ќе ги гонат за корупција во нашата држава.
И Путин се сликаше со претставниците на двата окупирани региона што не се ни од Украина и што тој ги креирал и ги ставил на таа позиција, како што бугарскиот претседател Румен Радев се сликаше со преставниците на „дискриминираното“ бугарското малцинство во нашата држава кои не ни сакаат статус на малцинство, туку специјален статус. Путин притоа тврди дека членството на Украина во НАТО ќе биде закана за безбедноста на Русија, а слично тврди и Бугарија ако Македонија започне преговори со ЕУ без да ги прифати бугарските „европски“ барања.
И Путин, како и официјална Софија тврди дека нема украински јазик, а Украина сака да прави ревизија на историјата и дека го брише сето она што ги поврзува двата народа. Притоа, тврди дека Русија е таа која е загрозена а не Украина, која се откажа од нуклеарното оружје бидејќи Русија потпиша дека ѝ ја гарантира безбедноста и територијалниот интегритет по распадот на СССР. И за да потврди дека е загрозена, воено интервенира во Украина и ја доведе цела Европа пред опасност од голема војна и уривање на целата безбедносна архитектура. Бугарија пак само бара причини да ни става вета за почеток на преговорите со ЕУ, кои ги чекаме веќе трета деценија и плаќаме екстремна економска и друга цена, а со аргументите од советската комунистичка матрица го урива угледот на Европската унија од внатре.
Украина и Македонија, инаку, имаат ист стаж како независни држави и двете се соочуваат со притисок од своите соседи, но колку и да изгледа тешко да се граничите со Бугарија и со Грција, десетпати потешко е да ви дише во врат Русија, а Путин да решава за вас кои да ви бидат лидери, кои да ви бидат пријатели и во кој правец да се движи државата. Украина, како и Македонија во 2008 година доби најава за членство во НАТО, а влезот во Алијансата и во ЕУ и се запишани во Уставот.
Од друга страна, пак, во самата Бугарија тече само „мед и млеко“ и наспроти 19 неисполнети пресуди на Судот за човековите права во Стразбур, бугарскиот претседател Румен Радев тврди дека во Бугарија има луѓе што се декларираат како Македонци, но сите нивни човекови права биле испочитувани.
„Дали во Бугарија има луѓе кои се идентификуваат како Македонци – има. Но, овие луѓе имаат целосни права на еднакви основи со сите бугарски граѓани. Тие не се прогонувани, нема монтирани судски процеси против нив, нема палење, пукање, нема тепање. Можат да работат во администрација на сите нивоа, може да се кандидираат кај нас“, вели Радев и додава: „Тие имаат целосни права, никој не ги ограничува, ниту ги прогонува. Ова е големата разлика и мора да се разбере. Додека Бугарите во РСМ се предмет на систематско малтретирање“.