Путиновата реторика – копија на бугарските поплаки околу Македонија

Исто како бугарските политичари за Македонија, така и Путин тврди за Украина дека е комунистичка творба


 

Македонското јавно мислење, кое според сите анкети е наклонето на авторитарни владеења, во голема мерка ја следи кризата во Украина од руската диоптрија. Тоа не е неочекувано, со оглед на количеството на руска пропаганда во регионот,а не е ни првпат, бидејќи добар дел од јавноста во Македонија имаше разбирање и за диктатурата на Моамер Ел Гадафи, а во анкетите со години „гласа“ за Владимир Путин и за Реџеп Таип Ердоган.

Не е далеку денот кога украинското прашање ќе стане причина за политичка пресметка меѓу власта и опозицијата, а без притоа да се види фактот колку говорот на рускиот лидер вчера, со кој ја оправда одлуката да ги признае двата отцепени региони во Украина, речиси неверојатно кореспондира со она што Македонија го слуша две три години од соседна Бугарија, иако е далеку помислата дека Софија некогаш ќе преземе политички одлуки како тие што ги прави сега Москва, бидејќи е многу подемократска земја. Путин само покажа колку бугарската реторика и аргументи во спорот со Македонија се дел од бившата советска комунистичка матрица за создавање изговори која очигледно фатила длабоки корени во тогашниот дел од Европа.

Па, така, Путин вчера, исто како и бугарската држава, звучеше како изневерена љубовница која им дала сѐ на Украинците, па им го платила и долгот од ССССР, а тие и возвратиле со барање за членство во Алијасата. Бугарија во тој стил повторува со години дека прва ја признала нашата држава (иако не го признава народот и јазикот) и дека ни помогнала кога би било најпотребно (2001-та), а ние сме возвратиле со говор на омраза.

Путин исто така рече дека Украина никогаш  не била изворно држава и дека ја создале болшевиците, т.е. Владимир Илич Ленин, чии пак споменици ги разурнале подоцна. Поедноставно кажано, и тој тврдеше дека Украина е вештачки создадена држава и дека да не бил СССР немало ни да биде постои во границите во кои е денеска.  

Путин исто така ги пушти своите „администратори“ да  го чуваат мирот во Донецк и Луганск, како што Бугарија тврди дека нѐ ослободувала од фашизмот, место обратно.

Путин патетично се пожали, исто така, дека Западот и НАТО не ја сакаат Русија за пријател, како што официјална Софија нон стоп се жали дека од таму доаѓа само поддршка и помош, а ние возвраќаме со говор на омраза и антибугарска пропаганда.

Путин исто така ја оправда воената инвазија на окупираната украинска територија со потребата да го заштити загрозеното руско малцинство таму (кое брои сепак 17 отсто во целата Украина), како што бугарските политичари сакаат сега да го заштитат нивното малцинство кај нас барајќи да влезе во Уставот, да му се даде квота за вработувања во администрацијатра и високи функции во судството и во институциите на државата.

И Путин им даде околу 800.000 пасоши на жителите на окупираните територии во Украина, за да му помогнат со гласањето дома, како што Красимир Каракачанов сакаше со нив да добие гласови на изборите во Бугарија и да докаже дека кај нас има многу повеќе Бугари од тоа што официјално го покажаа пописите во државата.

 И Путин се сликаше со претставниците на двата региона што не се ни од Украина и што тој ги креирал и ги ставил на таа позиција, како што бугарскиот претседател Румен Радев се сликаше со преставниците на „дискриминираните“ преставници на бугарското малцинство во нашата држава кои не ни сакаат статус на малцинство, туку специјален статус. Путин притоа тврди дека членството на Украина во НАТО ќе биде закана за безбедноста на Русија, а слично тврди и Бугарија ако Македонија започне преговори со ЕУ без да ги прифати бугарските „европски“ барања.

И Путин, како и официјална Софија (за волја на вистината, тоа беше многу повеќе реторика на претходната гарнитура отколку на актуелната) тврди дека Украина сака да прави ревизија на историјата  и дека го брише се она што ги поврзува двата народа. Притоа, тврди дека Русија е таа која е загрозена а не Украина, која се откажа од нуклеарното оружје бидејќи Русија потпиша дека ѝ ја гарантира безбедноста и територијалниот интегритет по распадот на СССР. И за да потвтрди дека е загрозена, воено интервенира во Украина и ја доведе цела Европа пред опасност од голема војна и уривање на целата безбедносна архитектура. Бугарија пак само ни става вета за почеток на преговорите со ЕУ,  кои ги чекаме веќе третта деценија и плаќаме екстремна економска и друга цена, а со аргументите од советската комунистичка матрица го урива угледот на Европската унија од внатре.

Украина и Македонија, инаку, имаат ист стаж како независни држави и и двете се соочуваат со притисок од своите соседи, па колку и да изгледа тешко да се граничите со Бугарија и со Грција, десетпати потешко е да ви дише во врат Русија, а Путин да решава за вас кои да ви бидат лидери, кои да ви бидат пријатели и  во кој правец да се движи државата. Украина, како и Македонија во 2008 година доби најава за членство во НАТО, а влезот во Алијансата и во ЕУ и се запишани во Уставот. 

Притоа, на Русија не ѝ пречи само одлуката на Киев за нејзините стратешки определби, туку проба и во нашиот регион да ни ги избере безбедносните аранжмани, па и премиери. И притоа, рускиот претседател вчера тврдеше дека интервенира меѓудругото, бидејќи Украина е раководена од корумпирани политичари кои се привезок на Западот, откако Украинците платија со над сто жртви за да се ослободат од неговиот привезок во Киев, екстремно корумпираниот Виктор Јанукович, кој седи во егзил во Русија и чека повторно да дојде неговото време, како што чека Никола Груевски во Будимпешта.