Кои се новите четири министерки на СДСМ?

Од четирите нови министерки најинтересно е враќањето на Славица Грковска во првиот тим на партијата и сега во Владата


 

Една повратничка во политиката, една „челична леди“ со искуство од машкиот ресор МВР, една пратеничка која ризикуваше кривична пријава за да го спаси кворумот во Собранието и една струмичанка со големо искуство во ресорот што ќе го води во новата влада – тоа  се четирите нови министерки на СДСМ кои се најдоа на списокот на новиот мандатар Димитар Ковачевски. Какви им се квалификациите и можат ли тие да го надоместат она што го изгуби СДСМ од големата победа до огромната загуба на локалните избори? 

Иако одамна е во политиката и е познато лице на јавноста, сепак најинтересно е враќањето на Славица Грковска повторно во првиот тим на партијата и сега во Владата. Грковска во политиката се враќа од приватниот бизнис и ИТ секторот, откако последните години беше ангажирана за странска фирма. Завршила  Природно-математичкиот факултет во Скопје,  студии по математика, а потоа и магистрирала на тема од областа на проективната геометрија. Еден период била стручен соработник на Институтот за математика на истиот факултет и учествувала во научно-истражувачки проекти. Од септември 2002 до јуни 2011 беше пратеник во Собранието на Македонија. Грковска важи за одговорна во работата, сериозна, ревносна, скромна и чесна, а тоа треба да ѝ биде главната референца за новата функија – вицепремиерка за борба против корупцијата. Добро зборува англиски, се служи со руски и бугарски јазик и е од Скопје. 

За време на нејзиниот пратенички мандат имаше и значајни собраниски активности. Во Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот беше заменик-претседател, потоа член на Комисија за европски прашања, член на Комисија за образование, наука и спорт, претседателка на пратеничката група на Собранието за соработка со парламентот на Франција, член на пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Израел, како и координатор на Клубот на пратенички, од март до септември 2010 година.

Јована Тренчевска, иако е релативно непозната за јавноста, е старо лице за луѓето во секторот што треба да го води во Владата – Министерството за труд и социјална политика. Таа на новата функција доаѓа од местото вршител на должноста директорка на  Државниот инспекторат за труд, а во невладиниот сектор е позната од учество во многу панели поврзани со работничките и женските права.  Таа е струмичанка и магистер по социолошки науки. Во работната биографија ѝ стои исто така дека била државна секретарка во Министерство за труд и социјална политика, раководителка на одделението за родова еднаквост во МТСП, советничка за родова еднаквост во истото министерство и  координаторка на ресурсен центар за унапредување на родовата еднаквост. Зборува англиски јазик  и има поминато многу стручни курсеви за родова еднаквост, недискриминација, женски права и слично организирани од ОН, ОБСЕ, Светска банка,  МЦМС, „Фридрихт Еберт“ и други меѓународни органзации и странски амбасади. Таа беше гласен поборник и  на донесувањето на новиот закон за недела неработен ден и преку Државниот  инспекторат за труд  беше активно вклучена во контролата на работнички права.

„Челичната леди“ Славјанка Петровска, која веројатно ќе беше подобро решение за Министерството за внатрешни работи отколку за одбрана, зад себе има големо политичко искуство на „првата линија“, така што изгледа дека нејзиното време штотуку доаѓа. Важи за борбена, храбра, дрска и решителна во политиката, има диплома од Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, зборува англиски и се служи и со италијански и руски јазик. Од 2003 до 2006 година работела во Секретаријатот за европски прашања, од 2006 до 2008 година во Собранието  во Секторот за меѓународна соработка, а потоа во Секторот за поддршка на Националниот совет за евроинтеграции. Дел од кабинетот на министерот за надворешни работи стана од 2016 година, а од јуни 2017 година беше шеф на кабинетот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. 

Бисера Костадиновска-Стојчевска доаѓа од  Битола, докторирала на 30 години во ресорот англиски јазик на Педагошкиот факултет во  Битола и е доцент и продекан за настава на истиот факултет. Освен што течно го познава англискиот, се служи со германски, француски и албански јазик. Член е на СДСМ од 2004 година, а стана претпознатлива откако со скафандер дојде на седница во Собранието на Македонија. Беше член на повеќе комисии во Собранието –  за образование, наука и спорт, за европски прашања и  заменик-член на делегација на Собранието во Парламентарното собрание на Советот на Европа.