Кога се гаснат светлата на сцената, не постојат граници или политички разлики


Културните размени создаваат односи што траат многу подолго од една претстава или еден фестивал. Тие се можност подобро да се запознаеме со културата на другиот, да размениме идеи и да изградиме заемна доверба. Особено е важно што Охридско лето претставува место на средба на уметници од разни земји и навистина сум среќна што Грција учествува со оваа претстава – вели за МИА кореографката и уметничка директорка на церемониите на палењето и предавањето на омимпискиот оган, Артемис Игнатиу, која како кореографка и сценарист на танцовиот перформанс „Митот за Амазонките“, инспириран од грчката митологија, вечерва доаѓа во Охрид на сцената во Долни Сарај.

Импресивниот и специфичен ритуал на церемониите на палењето на Олимпискиот оган во античка Олимпија, и предавањето на домаќините на Олимписките игри е дело на кореографката и уметничка директ

Балетската претстава е во изведба на танцовиот театар АРТ, чиј основач е Игнатиу, која во разговор со дописничката на МИА од Атина, во пресрет на настапот на Охридско лето, говори за нејзината инспирација – митскиот свет на Амазонките, жените воинки симбол на силата, автономијата и еднаквоста, да ги оживее на сцената преку динамичен спој на современ танц и театарски израз, со оригинална музика специјално компонирана за оваа претстава.

Aмазонките се митски народ од жени воинки за кои се верувало дека се потомци на Арис, богот на војната, и нимфата Хармонија, а биле вешти во ракувањето со лак и меч и се сметале за рамноправни со секој маж по храброста и борбените способности.

Преку движењето и уметноста на танцот претставата настојува да ја оживее атмосферата на нивниот свет и нивниот начин на живеење фокусирајќи на два од најпознатите митови од грчката митологија: деветтиот подвиг на Херакле, односно одземањето на златниот појас на кралицата Хиполита, и легендарната битка меѓу Пентесилеја и Ахил.

Претставата премиерно беше изведена во 2013 година на грчкиот остров Спецес, а во изминатите години балетскиот перформанс беше изведен на низа домашни и меѓународни фестивали во Тунис, Кина и Албанија.

Кореографката Игнатиу вели дека вечерва на сцената во Долни Сарај „публиката ќе проследи претстава во која танцот, музиката и театарот се соединуваат во едно силно доживување, полно со моќ, емоција и поезија“, а „ако на крајот од претставата си заминат трогнати и со чувство дека уметноста сè уште може да нè зближува, тогаш ќе ја постигнеме нашата цел“.

Паралелно, истакнува дека „уметноста создава дијалог, без да биде потребен превод. И токму тоа е, можеби е нејзината најголема привилегија“.

Пред пет месеци, во пресрет на ЗОИ „Милано Кортина 2026“, Игнатиу во ексклузивно интервју за МИА откри детали за церемониите за палењето на олимпискиот оган во античка Олимпија и предавањето на домаќините на Олимписките игри, за импресивниот и специфичен ритуал, на кој од 2008 година е нејзино дело како кореографка и уметничка директорка, а сега говори за учеството на Охридско лето.

Ве запознавме преку интервјуто за МИА во февруари кога разговаравме за церемониите на палење и предавање на олимпискиот оган. Сега доаѓате на Охридско лето со балетската претстава „Митот за Амазонките“, што е Ваш авторски проект и ќе биде прво Ваше претставување во соседната земја. Што ова значи за Вас и што може да очекува публиката?

– Моето учество на Охридско лето претставува особено важен момент. Секојпат кога претставувам едно дело во странство, се чувствувам дека го претставувам не само моето уметничко творештво туку и грчката култура. Истото се случува и сите овие години преку церемониите на палење и предавање на олимпискиот оган, каде што грчката традиција ја среќава светската публика.

„Амазонките“ се поинакво, но сродно уметничко патување. Црпи инспирација од грчката митологија и ѝ пристапува со современ сценски поглед. Публиката ќе проследи претстава, во која танцот, музиката и театарот се соединуваат во едно силно доживување, полно со моќ, емоција и поезија.

Кога и како се роди идејата за претставата „Митот за Амазонките“ и која е нејзината главна порака?

– Грчката митологија за мене претставува неисцрпен извор на инспирација. Уште од почетокот на мојата уметничка кариера барам начини античките митови да ги пренесам на современата сцена не како историски наративи, туку како живи човечки приказни.

„Амазонките“ оживуваат на сцената преку динамичен спој на современ танц и театарски израз. Претставата црпи инспирација од митскиот свет на Амазонките – народ од жени воинки, кои ги симболизираат силата, автономијата и еднаквоста и се фокусира на два култни мита од грчката митологија:

1. На деветтиот подвиг на Херакле, одземањето на златниот појас на кралицата Хиполита.

2. На потресниот двобој меѓу Ахил и Пентесилеја, каде што јунакот, по нејзината смрт, ѝ ја отстранува маската и се соочува со нејзината убавина и со трагичната иронија на љубовта среде војна.

Преку митовите за Хиполита и Пентесилеја зборуваме за слободата, достоинството и силата, но и за цената на војната. Делото потсетува дека зад секој конфликт стојат луѓе, чувства и изгубени можности. Ова, можеби, е најбезвременската порака на оваа претстава.

Зошто го избравте токму митот за Амазонките?

– Амазонките секогаш ме воодушевуваа бидејќи не се само митолошки фигури. Ги симболизираат независноста, храброста, вербата во нивните вредности и слободата на избор. Паралелно, нивните приказни не ја слават само силата, туку ја откриваат и човечката чувствителност што постои, дури и во услови на конфликт.

Мислам дека денес, повеќе од кога било, имаме потреба да ги преиспитаме ваквите митови преку модерна перспектива.

Колку се важни телесниот израз, музиката и движењето во оваа претстава?

– За мене, танцот не ја придружува приказната, туку е самата нарација.

Телото може да го изрази она што често не може да го кажат зборовите. Прекрасната оригинална музика на Јанис Псимадас не функционира само како придружба, туку претставува рамноправен соговорник на движењето. Заедно создаваат сценски свет во кој секој гест, секој ритам и секоја тишина добиваат драматуршко значење.

Балетскиот перформанс ја претставуваше Грција на многубројни меѓународни фестивали во целиот свет. Како, според Вас, успева да комуницира со толку разновидна публика и што е тоа што оваа претстава ја прави посебна?

– Имав задоволство да ја претставам во Азија, Африка и во Европа и констатирав дека, без оглед на јазикот или културата, луѓето се трогнати од истите големи човечки теми.

Грчката митологија има единствена универзалност. Но, кога се комбинира со современа сценска естетика, повеќе не е музејски наратив и станува живо искуство. Верувам дека ова е силата на претставата.

Според Вас, уметноста и театарот може да функционираат како мост за комуникација меѓу народите?

– Апсолутно. Тоа лично го имам доживеано во секоја земја каде што сум ги претставувала моите дела. Кога се гаснат светлата на сцената, не постојат граници, различни јазици или политички разлики. Постои само човечкото искуство.

Уметноста создава дијалог, без да биде потребен превод. И токму тоа, можеби, е нејзината најголема привилегија.

Колку се важни културните размени меѓу двете земји, како што е, на пример, Вашето учество на Охридско лето?

– Културните размени создаваат односи што траат многу подолго од една претстава или еден фестивал.

Тоа се можности подобро да се запознаеме со културата на другиот, да размениме идеи и да изградиме заемна доверба. Сметам дека е особено важно што Охридско лето претставува место на средба на уметници од разни земји и навистина сум среќна што Грција учествува со оваа претстава.

Кои се Вашите следни планови?

– Продолжувам да работам на нови продукции, кои го поврзуваат современиот танц со грчката митологија, историја и култура.

Во овој период во тек се пробите за една танцова претстава, која ќе биде изведена во Месолонги на почетокот на септември по повод 200-годишнината од „Излезот на Месолонги“.

Паралелно, со голема посветеност продолжувам со мојата работа како уметничка директорка и кореографка на церемониите на палење и предавање на олимпискиот оган, креативна одговорност, на која сум ѝ посветена многу години и која претставува неразделен дел од мојот уметнички идентитет. На 10 септември, на стадионот „Калима̀рмаро“ во Атина, ќе се одржи церемонијата на палење и предавање на олимпискиот оган за Youth Olympic Games (Младинските олимписки игри) за „Дакар 2026“. Со мојот тим одржуваме проби за да бидеме подготвени за церемонијата со целосно нова кореографија и нова музичка композиција.

Која порака би сакале да ѝ ја упатите на публиката во пресрет на претставата „Митот за Амазонките“?

– Посакувам публиката да не ја следи претставата само како изведба, туку да ја доживее како искуство. Да открие дека античките грчки митови продолжуваат да зборуваат за современиот човек, за неговите стравови, неговите конфликти, неговата потреба за слобода, љубов и мир.

Ако на крајот од претставата си заминат трогнати и со чувство дека уметноста сè уште може да нè зближува, тогаш ќе ја постигнеме нашата цел.