Кога македонските трамписти маршираат


ЉУПЧО ПОПОВСКИ

Вчерашниот марш на илјадниците конечно ја ја одвлече ВМРО-ДПМНЕ кон популистичката десница. Дури и кон крајната десница. Партијата во една неверојатна идеолошка инсуфициенција се построи во малиот ред на трампистички партии што останаа во Европа по поразот на Доналд Трамп

 

Александар Пандов и другите од патриотските кружоци во дијаспората и во државата, и во вмровската номенклатура, можат да бидат задоволни по вчерашниот марш на повеќе илјади луѓе. Оваа дружина чекор по чекор успеа да ја одвлече ВМРО-ДПМНЕ кон популистичката десница. Дури и кон крајната десница. Секако, понекогаш со премолчена, а од вчера и со целосна јавна поддршка на лидерството на партијата. ВМРО-ДПМНЕ од вчера го остави целосно празно огромното пространство на класичната десница – демохристијанска или либерална, сеедно. Она што со децении беше јавно кокетирање со „патриотизмот“, но сепак раководството на партијата се трудеше да го калибрира со класичните десничарски постулати, вчера изгледа беше конечно напуштено.

Партијата во една неверојатна идеолошка инсуфициенција се построи во малиот ред на трампистички партии што останаа во Европа по поразот на Доналд Трамп на изборите. Оние со кои сега идеолошки се разбира може да се избројат на една рака – унгарскиот Фидес на премиерот Виктор Орбан (идеолошкиот патрон и финансиер), СДС на словенечкиот премиер Јанез Јанша; Лига на Италијанецот Матео Салвини, во некои точки со екстремните десничари од Алтернатива за Германија. И особено со крајната десничарска партија Вокс во Шпанија.

Изгледа жално за партијата, за огромен број десноориентирани граѓани, оваа, дури би рекле, спектакуларна трансформација. Можеби ќе треба уште некое време да се дознае потокот од кој течела водата за оваа идеолошка преобразба. Но во краен случај тоа и не ќе биде важно. Поважно е што цел еден политички простор ВМРО-ДПМНЕ им го остави на други. Во него може да се смести веќе афирмираната Левица, таму може да се родат други партии, дел од тој простор малку подесно од центарот може да освојат и социјалдемократите. Сѐ благодарејќи на идеолошката конфузија. Натамошниот развој на настаните може да биде уште полош за вмровската номенклатура – тој да ја однесе партијата уште подалеку во десниот популизам, дури во екстремизам.

Сегашниот лидер на партијата, Христијан Мицкоски, веројатно добро се сеќава на септември 2017 година, кога трет месец беше генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ. Тогашниот лидер на партијата, Никола Груевски, пред локалните избори во полната сала „Борис Трајковски“ го претстави новиот профил на партијата – граѓанска десница.

Мицкоски веројатно се сеќава на овие зборови на Груевски, во чие конципирање можеби учествувал и тој: „ВМРО-ДПМНЕ беше и народна и конзервативна партија. И ќи ги задржи овие атрибути, но денес сметаме дека треба јасно и недвосмислено да им со обратиме на сите граѓани и да се легитимираме пошироко и поедноставно како граѓанска десница. Граѓанската десница се стреми и кон сентиментот кој е близу до центарот и слоевите на граѓани кои се ориентирани кон граѓанските вредности во политичка смисла на зборот. Граѓанската десница е отворена куќа, дом и место за сите, секој може да влезе, секој е добродојден. Граѓанската десница им се обраќа на сите“, рече тогаш Груевски.

На овие зборови Мицкоски сигурно се сеќава, но прашање е дали имал некаков интерес во пошироко задлабочување од 2003 до 2006 година на идеолошките постулати кои ги постави еден поширок интелектуален професорски круг собран околу тогашниот вмровски врв, чија основна премиса беше конципирање на модерна демохристијанска партија. Со таа идеолошка парадигма ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите во 2006 година. Сега сето тоа го нема. Како што го нема интелектуалното јадро кое ја дефинираше таа политика. Сега доминантна сила во партијата се патриотско-популистичките кружоци, опскурни друштва од дијаспората, во кои револуционерната романтика од пред 120 години е спиритус мовенс. Зачинето со идолопоклонството кон шеснаесеткракото знаме, кое беше инсталирано на почетокот од независноста од емигрантско-патриотските организации главно преку морињата и океаните.

Настрана бројноста на луѓето на вчерашниот марш, ова е најважниот резултат од престројувањето на ВМРО-ДПМНЕ. Кога Мицкоски се врати во канцеларијата во партијата или дома, и напиша на Фејсбук дека „Македонија е жива и повеќе од тоа, народот врие… Слобода за устовобранителите! Ќе се бориме заедно за исправање на неправдите и одговорност без оглед за кого се работи“, цврсто верувајќи на дека оние што се осудени за 27 април се невини, тој изгледа не сакаше да се сеќава на општата домашна и меѓународна осуда за денот кога Македонија беше на самиот раб.

Можеби тој и оние во врвот на партијата не сакаат да се сетат на зборовите на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во неговиот говор во Собранието на Македонија во јануари 2018 година (по тој повод пратениците на ВМРО-ДПМНЕ привремено се вратија во собраниските клупи): „Настаните во оваа зграда во април минатата година, токму во оваа сала, ме шокираа и беа шок за сите членки на НАТО. Сепак ние сме видно импресионирани од она што го видовме од овој ден натаму. Сакам да го изразам задоволството за она што сите го сторивте во формирањето и создавањето на нова поинклузивна политичка култура, нов дух, гледање напред, оптимизам и истрајност”, рече тогаш Столтенберг.

Уште неколку работи прозлегоа од вчерашниот марш. Некои се здравствени, некои политички. Кога двајцата пратеници од владејачкото мнозинство дојдоа во Собранието во скафандери за да гласаат за петтиот пакет економски мерки, вмровците носеа по две маски кога зборуваа од говорницата, велејќи дека вирусот се „шетал“ во парламентот и имало можност да се заразат.

Вчерашниот марш ги има сите карактеристики на она што епидемиолозите го нарекуваат „суперширач“. Толку многу луѓе на едно место, а барем 20 отсто од нив беа без маски, е најопасната работа што можеше да му се случи на општеството во моментите кога лекарите и граѓаните некако успеаја да почнат да го стивнуваат третиот бран. Пред три недели владата на индискиот премиер Нарендра Моди им дозволи на илјадниците посветени верници за време на религискиот фестивал во толпи да се капат во водите на Ганг, а водеше и политичка кампања за изборите во повеќе држави во унијата. Сега Индија има по 350.000 нови инфекции дневно, а луѓе буквално умираат по улиците поради недостиг на кислород. Македонските епидемиолози треба јасно, гласно и предупредувачки да ги соопштат сите можни последици од вчерашната здравствена неразумност. На многу луѓе им се крена косата на главата кога ги гледаа овие патриотски толпи во моментот кога од сите се бара, па дури и моли, почитување на здравствените протоколи. Наводниот „инцидент“ со скафандерите е помал дури и од афионовото зрно во однос на она што се случи вчера.

Политичките пораки на вмровското раководство насочени најмногу кон засилување на шансите на партијата на локалните избори, кај многумина имаа спротивен ефект. Наеднаш, во еден миг, граѓанството разбра дека за партијата оние што го направија упадот во Собранието, ги раскрвавуваа главите на пратениците, биле само „уставобранители“ и дека тие треба да излезат од затворот како херои, а не да бидат таму како осудени злосторници од чии дела и денес на огромниот број граѓани им се заледува крвта во жилите кога ќе ги видат сликите од трауматичните настани. Патриотските кружоци и вмровската номенклатура веројатно калкулираше дека е поминато доволно време – четири години, за да се заборават настаните во кои Македонија беше на работ на граѓанска војна, но го постигнаа сосем спротивниот ефект. Поголемиот дел од граѓанството да разбере дека оваа номенклатура и овие кружоци не разбрале ништо и не научиле ништо. И дека пропаднале во мочуриштето на екстремизмот и популизмот.