Кога ќе бидат готови автопатите? Кичево-Охрид идната година, другите во 2029, кон Ќафасан не се знае

Основниот договор за автопатот Кичево - Охрид изнесуваше 411 милиони евра, а со нов анекс во 2018 година вредноста се зголеми за 186 милони евра и достигна 598 милиони евра. Во февруари годинава беше потпишан нов анекс за дополнителни 186 милиони евра


Од неколкуте автопатски делници кои во моментов се градат во нашата земја, прв во употреба ќе биде ставен автопатот од Кичево до Охрид, во првата половина од наредната година, што е уште едно продолжување од првичните најави на сегашната Влада дека тоа ќе се стори до крајот на оваа година. Другите делници, пак, (Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани и Прилеп – Битола) што ги гради конзорциумот „Бехтел –  Енка“, ќе бидат готови во 2029 година, што е исто така пролонгирање од првичните планови, а што сегашаната влада го објаснува со „спиењето“ на претходната. Најпроблематичен, е делот кон Ќафасан, односно границата со соседна Албанија, бидејќи, за оваа делница ќе се чека мислење од УНЕСКО, дали ќе го загрози статусот на Охридското крајбрежје како подрачје под заштита на оваа организација како светско културно наследство.

Ова, накусо, е сублиматот од објаснувањата кои денес на новинарите им ги презентираа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за градежништво Александар Николоски и директоторот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски, при посетата на трасите на дел од делниците на овие важни и инфраструктурни проекти. 

„Во првиот квартал в година ќе имаме функционален автопат од Охрид до Кичево. За Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани, што ги гради „Бехтел и Енка“, рокот е 2029 година, исто како и за автопатот Прилеп – Битола, од кој очекуваме едната лента целосно да биде готова во првата половина на 2027 година“, рече министерот Николоски во изјава кај клучката Требеништа.

Од клучката Требеништа, која е завршена и пуштена под привремен режим, треба да продолжи новиот автопат Требеништа – Ќафасан, единствената делница од договорот со „Бехтел и Енка“ за која нема активности. 

За трасата за автопатот се чека согласност од УНЕСКО, од каде што се очекува посета на крајот на месецот или почетокот на следниот месец.

„Имаше и такви што се обидуваа со политиканство и ниски страсти да добијат некакви политички поени, а самиот овој објект, самата оваа клучка, е најголем демант“, рече премиерот Мицкоски. Тој потенцира дека ќе се бара друго решение за трасата за Требениште – Ќафасан во случај на негативен одговор од УНЕСКО.  

„Како целина ќе биде завршено. Никогаш нема да биде оставено на забот на времето, како што можевте да видите како било оставено од оние што денеска критикуваат. Беа власт седум години, го оставија оној дел од Кичево од Извор па до клучката кај Врбјани, а да не зборувам за автопатот, кој е дел од проектот за коридорите 8 и 10 д во делот од Тетово до Гостивар, од Гостивар до Букојчани и од Прилеп до Битола“, изјави Мицкоски. 

Од автопатот Кичево – Охрид  (57 километри), кој е во изградба од мај 2014 година, пуштени се 34 километри, делниците Пресека – Песочани и Требеништа – Охрид. Како што објасни Николоски, таму имало неусогласеност меѓу проектната документација и состојбата на терен, се појавија 14 нови свлечишта и немаше клучки и пристапни патишта во првичниот проект. Состојбата на терен сега се стабилизира со изградба на 14 галерии.

При увидот на активностите на терен беше истакнато и дека повторно треба да се иницира одговорност за застојот на работите, како што беше речено, пред 20 месеци кога на одредени делови воопшто немало никакви активности. 

„Иницирајте од почеток, некој мора да одговара за оваа направена штета врз граѓаните. Ние сега како Влада сме амбициозни, ќе го завршиме, ама што ако не беше така?“,  рече Мицкоски при увидот на работите кај Пресека.

Основниот договор за автопатот Кичево – Охрид изнесуваше 411 милиони евра, а со нов анекс во 2018 година вредноста се зголеми за 186 милони евра и достигна 598 милиони евра. Во февруари годинава беше потпишан нов анекс за дополнителни 186 милиони, што ќе се обезбедат од петте најголеми домашни банки, откако прекина финансирањето од кинеската Ексим банка. Со тие средства треба да се овозможи заокружување на работите за кои според новиот анекс рокот е мај следната година.  

Во изградбата на автопатот, како што рече министерот Николоски, најголем предизвик се деловите кај Кичево и Ботун.

„Имаме два специфични дела. Едниот е кој оди над градот Кичево до влезот во тунелите кај Пресека. Тука имаме стабилизација на косини со изведба на галерии, што е најмодерно решение. Најчесто имаме мост, галерија, стабилизација на косина, па повторно мост. Се работи за инженерско чудо. Паралелно со тоа, можеби најголемиот проблем е кај селото Ботун, каде што, за жал, до крајот на 2024 година воопшто не биле изведени геотехнички истражувања. Тие ни покажаа дека земјиштето е со многу лош квалитет. Се работи за многу вода, која е во оваа планина, и главно песоклив терен. За да се заштити тој терен таму, ќе се изведат шест објекти, кои влегуваат длабоко во земјата до 21 метар, што е колку една осумкатница“, рече Николоски.

На Коридорот 8 најавена е изградба и на автопат од Букојчани до Кичево, во должина од 11 километри. Во тек е избор на изведувач за тој автопат и се очекува да биде завршен за три годиниЗавршени се 60 проценти од експропријацијата.

Претходно, при посетата на работите кај Гостивар, Џош Бејкер, главен проектен менаџер на „Бехтел и Енка“, изведувач на автопатските делници на коридорите 8 и 10 д, рече дека има напредок во изградбата на повеќе од 50 километри од трасата на автопатите на коридорите 8 и 10 д.

Бејкер посочи дека досега се завршени активности за над 6 милиони кубни метри ископ, 2 милиони кубни метри насип, како и 100.000 кубни метри бетон. Сè ова, посочи, го постигнавме со поддршка на над 340 локални подизведувачи, а оваа бројка ќе продолжи да се зголемува како што напредува работата. Спроведовме над 11.000 часа обука за безбедност и вештини, која им се нуди на сите што работат на проектот – изјави Бејкер.