Коцевски: Истрагата за пожарот во Кочани ќе биде ефикасна и најпрофесионално изведена


Јавниот Обвинител Љупчо Коцевски (Фото: Б. Грданоски)

 Јавниот обвинител Љупчо Коцевски вечерва изјави дека истрагата за пожарот во Кочани во кој загинаа 59 лица а над 155 се повредени, ќе биде брза и ефикасна и најпрофесионално изведена. Вели дека мора да се соберат сите докази и затоа обвинителскиот тим постапува многу претпазливо.

-Ветив и ќе останам на тоа ветување дека истрагата ќе биде брза и ефикасна. Меѓутоа не значи дека ќе биде избрзано. Мора да се соберат сите докази по легален пат, мора доказите да си имаат доказно својство, односно да бидат на законит начин прибавени, што значи дека обвинителскиот тим постапува многу претпазливо, и многу внимателно, рече Коцевски во гостувањето во „Тема на денот“ на телевизија Сител. 

Коцевски нагаласи дека се работи за навистина многу сложен, тежок комплициран предмет каде што има многу жртви.

-Причината за несреќата се знае дека се работи за загуба на човечки животи од настанот што се случил, од концертот. Така што ќе се утврдуваат сите факти, околности во однос на причините за нереќата, вели Коцевски.

Тој ги сподели последните информации за постапката, според кои мерка краткотраен притвор досега е побарано за 16 лица.

-За разлика од вчерашниот ден кога имаше 14 лица, а во моментов има 16 лица со тоа што уште едно лице во моментов чека во зградата на Јавното обвинителство, по барање на ЈО од страна на судот да се определи мерка 48 часовен притовр. Со тоа што можам да кажам има уште три лица кои се хоспитализирани, меѓутоа по нив не може сега да се постапува имајќи предвид дека се во болница, со тоа што едното е надвор од државата, а другите две лица се тука во државата, кажа Коцевски, додавајќи дека кога медицинскиот персонал односно надлежните лекари дека ќе кажат дека ќе може со нив да се изврши разговор, тогаш јавниот обвинител ќе постапи.

Во однос на начинот на којшто биле транспортирани доказите од трагедијата, Коцевски рече дека не може да се очекуваат проблеми и оти ќе се добие квалитетно вештачење.

-Не  може да се очекува проблем, бидејќи доказите се обезбедуваат согласно законот за кривична постапка. Јавните обвинители беа на лице место, вршеа увид со тоа што беа присутни и други вешти лица со тоа што дадоа одредени насоки како и што треба натаму да се преземе и да се вештачи. Местото на настанот е се уште обезбедено, и доколку има потреба ќе се врши и натаму прибирање докази. Во разговор со вештите лица можам да кажам дека ќе добиеме навистина квалитетно вештачење, истакна јавниот обвинител.