Книжевната трилогија на Валентин Нешоски промовирана во стариот турски затвор во Кратово


Во Кратово викендов се одржа културно настан во организација на „Кратовски книжевен центар“ кој на публиката ѝ понуди вечер исполнета со литература, музика и интелектуална дебата.

Објектот на стариот турски затвор во Кратово, со својата автентичност, историска тежина и специфична енергија, создаде речиси магична атмосфера која совршено се вклопи со концептот на вечерта и тематските универзуми што ги отвора творештвото на Нешовски.

Посебна магија на вечерта ѝ даде внимателно осмислениот музички дел од програмата, кој внесе дополнителна емоционална длабочина и создаде атмосфера што совршено кореспондираше со книжевниот универзум на Валентин Нешовски.

Публиката уживаше во извонредната изведба на врвни македонски музичари – Добрила Грашеска на вокал, чија интерпретација внесе силна емоција и топлина, Никола Ристевски на тромбон, Гордан Спасовски на пијано и Кирил Кузманов на саксофон, кои заеднички создадоа впечатлив музички сплет од внимателно избрани џез стандарди и безвременски композиции.

Токму синергијата помеѓу литературата, џез музиката и уникатниот амбиент на старата архитектура на Кратово ја претвори вечерта во ретко културно доживување кое долго ќе остане во сеќавањето на присутните.

Авторот Валентин Нешовски, говорејќи за концептот на настанот, посочи дека заедно со организаторот – Кратовскиот книжевен центар – сакале симболично да ја илустрираат вечната дихотомија меѓу слободата и ограничувањето.

„Сакавме да илустрираме една дихотомија за слободата и ограниченото – да го приведеме универзумот и неговата слобода во затвор за да ги испитаме неговите тајни и неговото чудно однесување кон човештвото во последно време. Ако ме праша некој – каква е твојата литература во пет-шест збора, би рекол – таа е за некој човек загледан во иднината, а на нозете носи тешки пранги од минатото“, рече Нешовски.

Отец Теофан, кој во своето обраќање направи длабока анализа на целата трилогија, истакна дека авторот создава исклучително оригинален книжевен космос.

„Авторот со ништо ограничен, создава своевиден небесен мизансцен по кој го распослал патувањето низ краиштата на универзумот, поништувајќи го просторот и времето. Во таа интергалактичка пустоловина ќе отидете до само теоретски знајните пространства, а каде тој нè носи, т.н. е погледот на Господ. Понатаму ќе откриете како го спасува деструктивното човештво од самото себе, му обезбедува долготраен и досаден мир, утописки прогрес и единство, но и како вешто го слика неговиот крај. Тоа по мене е една од најоригиналните апокалиптични претпоставки што сум ги прочитал. Стоички исправен пред неминовното, најпомирително, со лудост на бестрашен јуродив соочен со сопствениот крај, кој екстатично одбира да танцува на лебедовата песна која одекнува во небитието“, рече отец Теофан.

Професорката Ана Чупеска, од Правниот факултет „Јустинијан Први“, осврнувајќи се и на стручната книга на Нешовски „Конфликт, мир и медиуми“, оцени дека неговото творештво претставува многу повеќе од класична научна фантастика.

„Во нашиот јавен дискурс, научната фантастика премногу често се маргинализира како ескапистички жанр – како комфорно прибежиште за оние кои одбиваат да се соочат со емпириската стварност. Но, читајќи го Валентин Нешовски, сфаќаме дека неговиот фиктивен наратив е всушност нешто сосема друго: тој е високософистицирана епистемолошка алатка за деконструкција на реалноста.“

Чупеска нагласи дека Нешовски не е само автор на спекулативна фикција, туку „луциден футурист“ кој преку литературата успева да ја мапира иднината која веќе започнала во нашата сегашност.

„Она што е фасцинантно, а воедно и длабоко предупредувачко, е што овој ракопис, иако настанат пред две децении, денес резонира со исклучителна актуелност. Концептите на конфликт, човекова безбедност, медиумска пропаганда и постконфликтна транзиција не само што не избледеа, туку во денешниот геополитички контекст добиваат уште поакутна димензија.“

Политикологот Тони Поповски во своето излагање потенцираше дека Нешовски создава препознатлив книжевен универзум во кој егзистенцијалните дилеми, филозофската рефлексија и космичката имагинација се преплетуваат во единствена наративна целина.

„Во ‘Една книга’ литературата се појавува како простор за самоспознавање и интелектуално патување. Во ‘Последната мисла во универзумот – Апокалипса’ овие прашања добиваат драматична димензија преку соочувањето со крајот – не само како физичко исчезнување, туку и како филозофска категорија што нè принудува да ја преиспитаме сопствената минливост.“

Поповски додаде дека во романите на Нешовски особено силно е присутен ликот на тивкиот градски интелектуалец – човек кој подеднакво ужива во добра книга, внимателен разговор и музика што остава простор за размислување.

„Овие романи не се само книжевни дела. Тие се дел од поширок интелектуален проект – обид преку литературата да се разбере местото на човекот во време на забрзани технолошки промени, политички неизвесности и космички прашања што остануваат мистериозни како и на почетокот на цивилизацијата. Токму затоа оваа трилогија претставува оригинален и амбициозен придонес кон современата македонска книжевност.“

Во своето обраќање, комуникологот Миле Бошњаковски истакна дека делото „Последната мисла во универзумот“ отвора едно од најдлабоките филозофски прашања за човештвото.

„Книгата ‘Последната мисла во универзумот’ на Валентин Нешовски не е научна фантастика што ја користи иднината како декор. Ова е сериозна филозофска разработка на едно од најголемите прашања со кое човештвото некогаш се соочило — дали проблемот на светот навистина лежи во системите што ги создаваме или во самата човечка природа.“

Бошњаковски нагласи дека особено силна е идејата за Глобалната Вештачка Интелигенција која ги елиминира сите историски причини за конфликт – религијата, национализмот, економската нееднаквост, борбата за ресурси и трибализмот.

„И токму кога се создава совршена хармонија, човекот повторно создава нова причина за уништување. Во тој момент станува јасно: проблемот никогаш не бил во идеологиите, ниту во технологијата. Проблемот отсекогаш бил човекот самиот. Тоа, според мене, е најсилната и највознемирувачка идеја во ова извонредно дело на Нешовски.“

Дополнителна тежина на творештвото на Нешовски му дава и неговата работа во областа на современите технологии и вештачката интелигенција. Заедно со Џабир Дерала, Нешовски е коавтор и на книгата „Човекот, роботот и дигиталниот Бог“, дело во кое уште во 2023 година беа предвидени голем дел од денешните достигнувања, но и сериозните опасности што произлегуваат од експанзијата на вештачката интелигенција врз општеството, економијата, безбедноста и меѓучовечките односи.

Промоцијата на книжевната трилогија на Валентин Нешовски на кратовчани им понуди една ретко видена мултимедијална вечер во која книжевноста, музиката, филозофијата, технологијата и уникатниот амбиент се споија во едно комплетно културно искуство, уште еднаш потврдувајќи дека Кратово знае да создава настани со вистинска уметничка и интелектуална вредност.