Клековски ги нарече д-р Пановски и другите експерти „слободни јавачи на епидемијата“. Собирале лајкови

Ценетиот микробиолог му порача на министерот за здравство да им каже на медиумите да не бараат од него изјави за кризни медицински состојби


Сашо Клековски (Фото: Б. Грданоски)

 

Кога беше пандемијата на корона вирусот микробиологот д-р Никола Пановски беше еден од најцитираните стручњаци во земјата за опасната болест. ВМРО-ДПМНЕ неговите изјави за справувањето со вирусот често ги користеше за да ја критикува тогашната власт.

Сега д-р Никола Пановски е „слободен јавач на епидемијата“ (алузија на фразата за апокалипсата). Така го оквалификува новиот министер за здравство, Сашо Клековски, кој, инаку, и самиот е лекар, но без стаж како доктор. Клековски мислеше и на други еминентни струњаци, а не само на Пановски.

Пановски, всушност, од Клековски по само десет дена на функцијата беше ставен во графата „доктори кои не се епидемиолози и инфектолози“, кои изјавите ги давале за да „собираат лајкови“.

„Би замолил да нема слободни јавачи на епидемијата. Гледам и доктори кои не се, условно кажано, епидемиолози и инфектолози, даваат различни совети и мислења. Знам дека вакви состојби се популарни за кликови и собирање лајкови, но би замолил граѓаните да ги следат службените упатства и официјалните канали. Ние постојано ја следиме состојбата. Во анализата на микробиолошката и вирусната состојба е вклучена и Инфективната клиника која има најширок панел на бактерии и вируси што може да се контролираат, нема вирус кој не може да биде детектиран. Водата ќе биде ставена во употреба кога ќе биде апсолутно сигурна. Не се утврдени агенси кои би предизвикале промена на клиничката слика после оваа ситуација. Од она што јас го имам видено како резултати, тоа се вируси и бактерии кои даваат веднаш клиничка слика, како што ја имаме со стомачни проблеми и треска“, рече Клековски.

Одговорот на Клековски уследи по новинарско прашање за ставовите на дел од експертите кои укажале дека може да се очекува нов бран на пациенти после еден месец со оглед на тоа што период на инкубација на вирусите е различен.

Реакцијата на д-р Пановски беше остра. Тој на Фејсбук му порача на министерот Клековски дека треба да ги предупреди медиумите да не му бараат изјави, затоа што тој е еден од најдостапните врвни стручњаци кој коментира разни епидемиолошки ситуации.

„Јавно го замолувам министерот за здравство да ги предупреди медиумите да не ме бараат повеќе за совети и изјави. По моите настапи, одат кратки видеа, па лајкови итн. Лајковите не зависат од мене, туку од медиумите. До сега изјави сум дал за Телма, Сител, Канал 5, МТВ, Алсат, Македонско радио, интервју за 24 вести, ‘Слободен печат’ и многу други, на многу сум се извинил заради физичко отсуство. ТВ Алфа не треба да ја известувате, тие си ја знаат работата. Од денес нека си бараат исклучиво епидемиолози и инфектолози. Многу би ви бил благодарен, зошто навистина ми е тешко да ги одбијам, а тие инсистираат“, напиша Пановски.

Микробиологот наведе и какви совети дал досега во однос на епидемијата во Гостивар.

„Мојот прв совет, да прогласите епидемија, го прифативте по 10 часа, истата требаше да се прогласи 2 дена порано. Мојот втор совет, веднаш да се објават резултатите, ОЈО го прифати по 10 часа. Конечно, зошто лица кои воопшто не се доктори даваат изјави и одговараат ‘хипотетично’ за фекални бактерии, иако не се доктори по медицина. Мој последен совет, покрај, епидемиолози и инфектолози, ставете и стоматолози“, дополни Пановски.

Вчера уште еден врвен лекар, неврохирургот Венко Филипче, кој е претседател на СДСМ, побара итно објавување на сите анализи и предупреди на сериозни здравствени последици доколку угостителските објекти користат неисправна техничка вода, како појава на труење со храна и Хепатит А.

Опозициската партија Левица го нарече Клековски „вмровски комесар“, по неговата изјава за „слободните јавачи на епидемијата“. Во реакцијата на партијата се вели дека „ова е типична ароганција на вмровски комесар кој се обидува да ја замолчи медицинската, експертската јавност за да го прикрие дебаклот на институциите и да продолжи од петни жили да прави привид дека власта успешно се справува со проблемот“. Партијата преку соопштение вели дека наместо да преземе одговорност за институционалните пропусти за состојбата со гастроентеритисот во Гостивар, Клековски им држи лекции на докторите и ги обвинува дека зборуваат за лајкови и кликови. Од партијата оценуваат дека ваквото однесување претставува обид за замолчување на медицинските експерти што укажуваат на проблемите во здравствениот систем и за прикривање на неуспесите на институциите.