Ќе се реставрира куполата на Аја Софија во Истанбул


Истанбул – Турција треба да започне со реставрација на куполата на џамијата Аја Софија, што ќе биде еден од најголемите проекти за реновирање на зградата стара 1.486 години, велат експертите.

Света Софија била најголемата христијанска црква во Византиската империја додека не била освоена од отоманскиот султан Мехмет во 1453 година, по што останала една од најпознатите џамии цели 500 години.

Пред повеќе од 70 години, секуларната Република Турција ја претвори оваа џамија во музеј, а претседателот Реџеп Таип Ердоган ја врати како џамија во 2020 година.

Историчарката на уметност Асну Билбан Јалчин рече дека процесот на реставрација ќе биде тежок, но ќе отвори важно поглавје во историјата на Света Софија.

„Таа зграда е навистина полна со изненадувања, бидејќи понекогаш работите одат во насока што не ја очекувате“, изјави таа за Ројтерс.

Проектот за зајакнување на куполата ќе се фокусира на структурните слаби точки кои беа забележани за време на симулацијата на разорен земјотрес, бидејќи е познато дека Турција е област подложна на земјотреси.

Света Софија треба да остане отворена за верниците и посетителите за време на реставрацијата.

Експертите не прецизираа датум за завршување на реновирањето на куполата на џамијата, со оглед на потенцијалните проблеми поради временските услови и непредвидените дополнителни работи.