Ќе се допрецизираат одредени прашања од Договорот со Бугарија


Работни групи од Северна Македонија и од Бугарија на дневна основа работат на надминување на разликите на двете земји во однос на примената на Договорот за добрососедство, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Османи истакна дека за време на неговата посета на Софија било разговарано за разликите од очекувањата и различните интерпретации на одредени решенија од Договорот и како да се олеснат одредени решенија.

„Констатиравме дека имаме разлики во нашите очекувања во однос на тоа колку досега тој Договор дал резултат во однос на прашањето за коешто беше наменет, односно потпишан. И тука ги отворивме сите прашања и се договоривме да формираме работни групи, од двете министерства, кои на дневна основа ќе разговараат во однос на овие разлики во очекувањата, различните интерпретации на одредени решенија, како да се олеснат одредени загрижености на едната или на другата страна од некои решенија. Како што е, на пример, новото кратко име, ако кратко име предизвикува одредена загриженост во Република Бугарија дека некој тоа може да го интерпретира како територијална претензија на историскиот регион Македонија, мислам дека ние немаме проблем да направиме дополнително објаснување до бугарската страна дека новото име е во употреба како и долгото така и краткото, меѓутоа и краткото и долгото претставуваат иста територија, а тоа е Република Северна Македонија“, изјави Османи.

Според него, нема никаква дилема дека треба да се решат и да се допрецизират одредени прашања, како и на нашата обврска за немешање во внатрешните прашања на соседните држави.

Во однос на историските прашања, шефот на дипломатијата рече дека би сакал да ги охрабри комисиите на двете земји што побрзо да дојдат до одредени решенија, кои ќе дадат нова динамика во односите меѓу двете земји со поглед кон иднината, а не кон минатото.

Тој е  оптимист дека Македонија ќе почне преговори за членство во Европската унија. Сите вклучени во овој процес, вели тој, се свесни за влогот, за тежината и последиците од неуспех на процесот.

„Одлука за почеток на преговори ЕУ има донесено во март со консензус на 27 земји членки. Сега зборуваме за консензус за текстот во однос на преговарачката рамка за формално започнување на преговорите. Тоа што ми дава оптимизам е дека сите страни во процесот сме свесни за влогот, за тежнината и за консеквенциите од неусоех на овој процес. Исто така можам да кажам дека разговараат во овој период и работните групи и јас, но и другите колеги, мислам дека дефиниравме простор во кој може да се најде заедничко решение“, рече Османи на прес-конференнцијата со резидентниот координатор на ОН во Република Северна Македонија, Росана Дуџиак.

Шефот на дипломатијата не ја коментираше изјавата на бугарскиот европратеник од редовите на владејачката ГЕРБ, Андреј Ковачев за бришење на терминот „бугарски фашистички окуптаор“ од спомен обележјата во земјава, но се осврна на, како што рече, сензитивноста на квалификациите што се даваат за историските прашања.

„Јас ги охрабрувам комисиите и историчарите доколку најдат основ за убажување на тонот, на квалификациите во однос на историските прашања, реципрочно еден кон друг во интерес на подобрување на сегашността и иднината јас би замолил тоа да го направат, но ако го направи тоа политикаа и ако теоретски може во одредени моменти, меѓутоа сметам дека ќе биде помалку одржливо како решение и ќе биде секогаш предмет на политичко интерпретирање и оспорување“, рече Османи.