Ќе ги тужи ли “Volkswagen”: Погледнете го новиот кинески моноволумен


Кинескиот “Skyworth” го претстави својот нов модел, кој многумина ги потсети на еден култен “Volkswagen”.

Сличноста меѓу “Skyworth Summer” и “Volkswagen Type 2” е дури и поголема отколку онаа меѓу стариот „хипи комби“ на “Volkswagen” и новиот “ID. Buzz”. За многумина, примената на ваков дизајнерски пристап беше очекувана, па објавата на фотографиите на веб-страницата на кинеското Министерство за индустрија и информатичка технологија (MIIT) не изненади премногу.

Инаку, култните модели на “Volkswagen” веќе подолго време се инспирација за кинеските дизајнери. Најдобар пример можеби е “Great Wall Ora”, кој неодамна пристигна и во Европа – неговата сличност со оригиналната „буба“ е повеќе од очигледна.

 

 

 

Кај моделот “Summer”, лесно се забележуваат препознатливите заоблени светла, заоблениот покрив и ветробранското стакло со средишна линија, инспирирани од т.н. „splittie“. На задниот дел, “Summer” има нешто пооригинален пристап со двокрилни врати.

Поглед во внатрешноста сè уште не е достапен, но се очекува дигитален кокпит и поедноставен дизајн со ретро елементи.

 

Она што ќе изненади многумина е изборот на погон. Наместо да се следи трендот со целосно електрични возила, овде е избран “plug-in” хибриден систем. Составен е од 1.5-литарски турбобензинец со 156 коњски сили, во комбинација со електромотор со 95 коњски сили. Заедно даваат синергиска моќност од 218 коњски сили.

 

 

 

Перформансите засега не се објавени, но познато е дека максималната брзина е ограничена на 165 km/h – сосема солидно имајќи ја предвид намената и големината на возилото. За илустрација, меѓуоскиното растојание е дури 3250 mm, а внатрешноста нуди комфор за седум патници.

Цената и точниот датум на излегување на пазарот засега не се познати.