Кисинџер: Путин го изгуби чувството за мерка

Во Давос пред три недели Кисинџер зборуваше дека Украина треба да ѝ отстапи тероторија на Русија за да има мир, а сега Кисинџер нагласува дека Путин е на чело на земја што пропаѓа и го изгубил чувството за мерка


Хенри Кисинџер

 

Поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер наполни 99 години на 27 мај. Британскиот „Сандеј тајмс“ објави големо интервју со него, направено од историчарот Ниал Фергусон, инаку автор на книга за Кисинџер. Поранешниот американски дипломат оди со бастун и зборува побавно, но неговиот ум е остар како и секогаш, пишува „Тајмс“.

Кисинџер како државен секретар беше омразен поради неговата улога во војната во Виетнам, а денес неговиот наследник Антони Блинкен инвестира милијарди во украинската војна. Фергусон не гледа значајна разлика помеѓу тогашната војна во која загинаа млади Американци и денешната војна во која Америка испраќа оружје за да гинат други. На Светскиот економски форум во Давос на 23 мај, Кисинџер рече дека Украина мора да ѝ даде на Русија дел од својата територија, што кај многумина предизвика бес. Според него, Украина треба трајно да се подели според ситуацијата пред 24 февруари, кога делови од Донецк и Луганск беа под контрола на проруските сепаратисти, а Крим беше дел од Русија, како што е од 2014 година.

Во големото интервју Кисинџер и Фергусон разговараа за конфликтите во американското општество, неуспешните можности во американската политика поради аферата Вотергејт и типовите на големи лидери. За украинскиот претседател Володимир Зеленски, Кисинџер вели дека нема сомнеж оти Зеленски остварил историска мисија. Зеленски е случаен претседател, тој доаѓа од заедница која никогаш не била претставена на таа позиција, бидејќи е Евреин како Кисинџер. „Тој стана случаен претседател поради фрустрација со внатрешната политика. А потоа се соочи со обидот на Русија да ја врати Украина во потполно зависна и подредена позиција. И ја спои својата земја и светската јавност на историски начин. Тоа е негово големо достигнување“, рече Кисинџер. Останува прашањето дали Зеленски може да го задржи своето лидерство со постигнување мир, особено мир кој вклучува одредена жртва, посочува Кисинџер.

„Путин е промислен“

Запрашан за рускиот претседател Владимир Путин, со кого се сретнал многу пати од случајната средба во раните 1990-ти, кога Путин беше заменик-градоначалник на Санкт Петербург, Кисинџер рече дека мисли дека е промислен аналитичар. Проблемот на Путин, вели Кисинџер, е што тој е на чело на земја што пропаѓа и сега го изгубил чувството за мерка. Во времето на руската анексија на Крим во 2014 година, Кисинџер се изјасни во напис против идејата Украина да се приклучи на НАТО, предлагајќи наместо тоа неутрален статус како Финска. Уште тогаш предупреди дека продолжувањето на разговорите за влез на Украина во НАТО ризикува да избувне војна. Финска и Шведска сега влегуваат во НАТО. Дали НАТО стана преголем?

 

Кисинџер се има сретнато многу пати со Путин

НАТО беше одличен за справување со агресивната Русија кога беше голема закана за светскиот мир, одговара Кисинџер. Сега НАТО прерасна во институција која на единствен начин ја отсликува европската и американската соработка и важно е да се одржи. „Но, важно е да се признае дека ќе се појават големи проблеми во односите на Блискиот Исток и Азија спрема Европа и Соединетите Држави. А НАТО е институција чии членови не мора да имаат компатибилни ставови“, предупреди Кисинџер. Членките на НАТО сега се собраа околу Украина, бидејќи тоа потсетуваше на стари закани. Но, прашањето е како да се стави крај на оваа војна. „На крајот, мора да се најде место за Украина, и место за Русија – ако не сакаме Русија да стане кинеска истурена станица во Европа“, рече долгогодишниот дипломат.

Нова студена војна?

Фергусон го потсети Кисинџер на разговорот што го воделе на крајот на 2019 година во Пекинг, кога тој го праша дали веќе сме во втората студена војна, но со Кина, која сега ја игра улогата на Советскиот Сојуз. Кисинџер одговорил: „Ние сме во подножјето на Студената војна“. Една година подоцна тој рече дека веќе сме во „планинските премини на Студената војна“. Каде сме сега?

Америка и Кина, „двете земји со способност да доминираат во светот“, се ривали управувани од некомпатибилни влади, во време кога војната благодарение на технологијата може да го уништи светот. Во овој поглед, Кисинџер потврдно одговара на прашањето дали втората студена војна е потенцијално уште поопасна од првата студена војна. И двете велесили сега имаат споредливи економски ресурси за прв пат, а технологиите за уништување се уште пострашни, особено со доаѓањето на вештачката интелигенција.

Тој не се сомнева дека Кина и Америка сега се противници. „Не верувам дека доминацијата во светот е кинески концепт, но може да се случи тие да станат толку моќни. И тоа не е во наш најдобар интерес“, предупредува Кисинџер.

„Ние на Западот имаме навидум некомпатибилни задачи. Ви требаат одбранбени институции способни да се справат со современите предизвици. Во исто време, потребен ви е некаков позитивен израз од вашето општество за да ги направите овие напори во име на нешто, бидејќи во спротивно нема да се одржат. Второ, потребна ви е соработка со друго општество, бидејќи сега не можете да изработите никаков концепт за нивно уништување. Затоа, дијалогот е неопходен“, рече Кисинџер. Но, дијалог нема, освен размена на обвинувања. Кисинџер вели дека затоа е длабоко загрижен за тоа каде одиме. „Другите земји исто така ќе сакаат да го искористат ова ривалство без да ги разберат неговите уникатни аспекти“, вели тој. Значи влегуваме во многу тежок период, предвидува 99-годишниот аналитичар и дипломат.