Кинески бродови се судрија меѓу себе „бркајќи“ филипински патролен брод


Бродови на кинеската морнарица и крајбрежната стража се судрија за време на потера по филипински патролен брод во Јужното Кинеско Море, соопшти денеска филипинската крајбрежна стража.

Инцидентот се случил во близина на спорниот Скарборо Шол, кога филипинската крајбрежна стража ги придружувала бродовите што дистрибуирале помош на рибарите во областа, изјави портпаролот на филипинската крајбрежна стража, Џеј Тариела, во соопштението.

Скарборо Шол, кој се наоѓа 240 километри западно од филипинскиот брег и 900 километри источно од кинескиот остров Хаинан, е предмет на спор меѓу двете земји откако Кина го зазеде во 2012 година.

Видеото објавено од Манила покажува како брод на кинеската крајбрежна стража и многу поголем брод се судираат со силен тресок.

Тариела рече дека бродот на кинеската крајбрежна стража се движел со голема брзина по филипинската крајбрежна стража кога се судрил со бродот на кинеската морнарица.

Портпаролот на кинеската крајбрежна стража, Ган Ју, потврди денеска дека имало конфронтација, но не го прецизираше судирот.

Филипинскиот претседател Фердинанд Маркос помладиот денеска изјави дека патролните бродови на неговата земја ќе продолжат да бидат присутни во Јужното Кинеско Море, кое Пекинг го смета за своја територија и низ кое минува повеќе од 60 проценти од светската поморска трговија.

Маркос, исто така, рече дека секоја војна околу Тајван би ги вовлекла Филипините во конфликтот и покрај нивната „силна желба“ да избегнат „секаква конфронтација со некого“.

Пекинг го смета Тајван за своја територија и се закани дека ќе употреби сила доколку е потребно за да ја преземе контролата врз него, додека редовно испраќа воени бродови и авиони во областа околу Тајван.