Кина почна воени вежби околу Тајван, тајванскиот претседател го нарече „паразит“

Кинеската војска денеска соопшти дека започнала воени вежби во кои учествуваат различни родови на војската околу Тајван, „за да послужат како остро предупредување и моќно одвраќање за тајванската независност“, и го нарече тајванскиот претседател Вилијам Лаи „паразит“.
Кина, која го смета Тајван за своја провинција, го зголемува политичкиот и воениот притисок врз островот во последниве години.
„Фокусот на вежбите е на практикување борбено патролирање на море и во воздух, воспоставување сеопфатна контрола, удар на морски и копнени цели и наметнување блокада на стратешките области и рути“, напиша Источната команда на кинеската армија на својот официјален профил на WeChat.
Тајванската војска соопшти дека внимателно ги следи вежбите, во кои учествуваше и кинескиот носач на авиони „Шандун“.