Кина најави намалување на емисиите за 7–10 отсто до 2035, Турција и Европа со нови климатски мерки


Кинескиот претседател Си Џинпинг, на лидерскиот самит на Обединетите нации посветен на климата, изјави дека неговата земја до 2035 година планира да ги намали нето емисиите на стакленички гасови за 7 до 10 проценти под нивото на својот пик, а истовремено, упати критики кон „некои земји“ кои се спротивставуваат на глобалната енергетска транзиција.

Обраќајќи се преку видео-врска од Пекинг на Самитот што го организираше генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, Си ја претстави новата национално утврдена стратегија (NDC) на Кина пред претстојниот COP30 во Бразил.

Тој порача дека зелениот и нискојаглероден развој е „тренд на времето“ и дека меѓународната заедница мора да остане посветена на климатската акција, без разлика на противењата на поединечни земји. Си повика на фер транзиција што ќе го намали јазот меѓу Северот и Југот и потсети дека развиените држави имаат обврска да предводат во намалувањето на емисиите и да обезбедат финансиска и технолошка поддршка за земјите во развој.

Во своето излагање, Си ги претстави и целите на Кина до 2035 година: намалување на нето емисиите на стакленички гасови за 7–10 проценти од нивото на пик, со можност за повисоки резултати; зголемување на уделот на нефосилни горива во вкупната потрошувачка на енергија на над 30 проценти; зголемување на капацитетите за ветерна и сончева енергија за повеќе од шестпати од нивото во 2020 година, со цел од 3.600 гигавати; проширување на шумскиот фонд на над 24 милијарди кубни метри; електричните возила да станат доминантни во продажбата на нови автомобили; проширување на националниот пазар за тргување со емисии на јаглерод за големите индустриски сектори;
воспоставување климатски адаптивно општество.

– Овие цели се најдоброто што Кина може да го понуди во рамки на Парискиот договор. Потребни се напори и поддржувачка меѓународна средина за нивно исполнување, рече Си.

На Самитот се обрати и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, кој истакна дека Турција годинава го зголемила уделот на обновливата енергија во вкупните инсталирани капацитети на повеќе од 60 проценти. Тој најави продолжување на трансформацијата на клучните сектори во согласност со целта за нето нула емисии до 2053 година и најави воспоставување национален систем за тргување со емисии, зелена финансиска стратегија и национална зелена таксономија.

Климатскиот самит се одржа еден ден по говорот на американскиот претседател Доналд Трамп на Генералното собрание на ОН, кој ја нарече климатската криза „измама“ и ги критикуваше Кина и ЕУ поради инвестирање во обновлива енергија. САД се повлекуваат од Парискиот договор од 2015 година, кој имаше за цел да го ограничи глобалното затоплување под 1,5 степени Целзиусови.

Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, домаќин на COP30 во Белем, предупреди дека Самитот е тест дали владите навистина веруваат во науката за климатските промени.

Европските лидери ја нагласија итноста на зајакнување на климатското дејствување.

Шпанскиот премиер Педро Санчез предупреди на „намалување на амбициите“ и потсети на рекордните пожари.
Холандскиот премиер Дик Схуф рече дека меѓународната соработка останува клучна.
Австрискиот претседател Александар ван дер Белен истакна 14-процентно намалување на емисиите и вети климатска неутралност до 2040 година.
Велика Британија објави договори за два проекта за „фаќање“ јаглерод, кои треба да создадат 500 работни места и да намалат 1,2 милиони тони СО₂ годишно.

Францускиот претседател Емануел Макрон повторно ја потврди целта за јаглеродна неутралност до 2050 година, повикувајќи на напуштање на фосилните горива, намалување на метанот и заштита на екосистемите.

„Мора да забрзаме, мора да заштитиме и мора да мобилизираме заедно. Тоа е единствениот пат напред“, порача Макрон.