Кина најави дека војната во Украина ќе заврши во летото 2023

Во анализата претставена до раководството на Пекинг се вели дека и Украина и Русија ќе немаат економски ресурси за продолжување на војната


Руска хаубица на фронтот во Украина

 

Војната во Украина ќе заврши во летото 2023 година, бидејќи и Москва и Киев се блиску до снемување на економските опции за нејзино продолжување.

Овој заклучок е содржан во затворениот извештај на Кинеската академија за воени науки, кој му бил претставен на раководството во Пекинг на почетокот на 2023 година, пишува „Никеи“, цитирајќи извори запознаени со ситуацијата.

Според нив, кинеската војска во декември минатата година спровела симулација на развојот на непријателствата во Украина и врз нејзина основа ги претставила своите заклучоци.

По добивањето на извештајот, кинескиот претседател Ши Џинпинг излезе со „мировен план“ од 12 точки и го испрати Ванг Ји, шеф на Комитетот за меѓународни работи на Кинеската комунистичка партија, на состаноци во Европа и Москва.

Кинеската војска, според извор на „Никеи“, дошла до заклучок дека иако Русија не може долго да води војна, ќе може да ја задржи предноста на бојното поле. Сепак, нагласува изданието, заклучоците од извештајот може да бидат искривени во корист на Кремљ, со оглед на статусот на руско-кинеските односи.

Врските меѓу Москва и Пекинг „ќе стануваат посилни колку што светот станува понестабилен“, изјави кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг претходно оваа недела. Според американското разузнавање, Кина ја разгледува можноста да ѝ достави оружје на Русија, иако не донела конечна одлука.

Кремљ, според американски извори, постојано барал директна воена помош од НР Кина, но досега кинеските компании обезбедувале само несмртоносна опрема, како што се панцирни елеци или визири за ноќно гледање. Кина драстично го зголеми купувањето на руска нафта и исто така го зголеми извозот во Русија на рекордни 10 милијарди долари месечно, потпирајќи ја економијата отсечена од западните стоки и технологија.

И покрај тоа, Кина е заинтересирана за воспоставување врски со Европа и одржување на односите со Киев. „Не можеме да ја изгубиме Украина“, изјави извор од кинеската влада за „Никеи“. Мировниот план на Ши Џинпинг вклучува кинески инвестиции во пост-воена реконструкција на уништената инфраструктура во Украина.

Што се однесува до посетата на Ши Џинпинг на Москва на покана на Владимир Путин, која самиот претседател на Руската Федерација ја најави на крајот на февруари, ова прашање продолжува да се разгледува, вели изворот на „Никеи“.

„Оваа посета не може да се случи ниту предоцна, ниту прерано“, објасни тој.